Dec 3, 20226 min

Томе Трајков успева да исплива на површина и покрај условите за стрип уметниците дома

Updated: Dec 26, 2022

На мејл не е невообичаено да стигнуваат известувања за културни случувања, најави и заклучоци од културниот живот овде, но еден од нив отскокна: стрипаџии од Велес, имале групна изложба во Феризај, Косово, и нивниот промотор држел предавање.

Признаваме, сосема надвор од сликата која ја знаеме за стрип сцената во Македонија. Не само што стрипаџиите функционираат сосема надвор од Скопје, не само што бројката на стрипаџии е голема и (само)организирана, туку и нивниот состав е разноврсен, половина се жени, а според сликите можеме да заклучиме дека опфаќаат неколку генерации уметници.

Известувањето гласеше:

„Велешанецот Томе Трајков –културен работник и стрип промотер , на покана од Здружението „HITHI” ( Коприва) од Урошевац/Феризај - соседно Косово присуствуваше на активности организирани во склоп на програмата на споменатото здружение . Негова изјава:... Со ова здружение имам повекегодишни контакти и соработка, но навистина пријатно ме изненади повикот за конкретни активности и тоа на конкретна тема „стрип“! Инаку одамна имам контакти со стрип сцената на Косово и моите заложби беа на оваа територија да се анимираат младите кон светски познатата 9 та уметност, толку популарна кај нивните

родители,баби и дедовци. Во тие насоки беше организиран мојот престој и агенда. Најнапред локалната гимназија одржав кратко предавање на тема „ СТРИП-СУШТИНА, ИСТОРИЈА, РАЗВОЈ ВО СВЕТОТ И НА ОВИЕ ПРОСТОРИ“. - известуваше дел од пораката. Па продолживме, за да ја чуеме приказната, поблиску до нејзината целост.

Оливер Цветковски, Максим и Александра Ристески

ДИВА: Како изгледа една типична стрип кариера, или пак патот на еден ентузијаст? Каде се купуваат стрипови, на кои јазици, каде се издаваат и колку интерес има за да се изложуваат? 

Томе Трајков: Во случајот со мене ,и не само со мене, од тие генерации инфицирани од „филмот на хартија“! Татко ми, како наставник по историја, ми ги носеше дома историските стрипови на „НИКАД РОБОМ“ поврзани, меѓу останатото и со македонската историја. Како дете многу читав, а редовно се купуваше и „Политикин забавник“ . Тоа беа оние од кои можеше нешто да се научи. Потос дојдоа Загор, Блек, Алан Форд , Наш Свет, па Млад Борец. Не само јас, најмногу заради стриповите научив некои јазици кои сега за нас се странски: српски, хрватски...Правам искрена дигресија и потврдувам дека некои сегашни стрип преводи на македонски јазик го немаат тој шмек споредбено со другите ,најдобар случај е со стрипот „АЛАН ФОРД“ и „славните“ зборови, изрази и цитати! Поранешните генерации го чекаа саканиот стрип уште од наутро, и буквално да ја помирисаат хартијата на која се печатело тоа издание.

Игор Јовчевски, Илко Стојановски, Анастасија Недељковска, Максим и Александра Ристески

За стрипот како светски позната и призната 9 уметност...тој е релативно нова култура (околу 150 години), но брзо прифатен како средство за комуникација. Едноставниот пристап на раскажување на приказна преку слика ги плени луѓето од самиот почеток ,па затоа стрипот се здоби со репутација на „деветта уметност“. Стрипот како 9-та уметност опфаќа неколку сегменти: цртеж, текст, порака, позитивни јунаци, во минатото беше многу популарно средство кое на младите им овозможуваше, да „патуваат и фантазираат“ преку него. Преку стрипот тие, освен запознaвање со техники на ликовна уметност, имаа соодветен тип на неформално учење и запознавање со историја, географија, антропологија.. Еден од великаните на стрипот Хуго Прат има речено дека„ тој ги црта текстовите и ги пишува сликите“. Според други дејци, стрипот е „филм на хартија“. Според ова, стрипот е во солидна позиција да ги промовира и горенаведените теми и истите да допрат до широк круг.

Во РС Македонија стрипови издаваат, со или без финансиска поддршка од страна на државата  издавачи како што се: Стрип центар на Македонија - Велес, издавачките куќи „СТРИП КВАДРАТ„, БУНКЕР“, „ТЕМПЛУМ “, „М КОМИКС“, независни изданија,...порано издаваше и здружението „ МАКСТРИПОВИ“, па изавачката куќа „ ВАРМ КОМИКС“ (се извинувам ако испуштив некого). Секоја од гореспоменатите си има(ше) своја издавачка политика.

За набавка на стрипови, освен на сајтовите или социјалните мрежи на споменатите издавачи, најдобро е да се посети специјализираната книжарница „БУНКЕР“ во Скопје (се наоѓа во кулите спроти „РАМСТОР“) каде можат да се најдат и стрип изданија од странство на различни јазици.

Евгенија Трајковска, Ана Марија Стефановска, Славица Купенкова, Катерина Тери Николовска

ДИВА: Листата на имиња - велешани стрипаџии -  која отишла на гостување во Феризај е фасцинатна. Како се најдовте и каков е локално уметничкиот живот таму, во Велес?

 

Томе Трајков: Точно , јас сум од Велес и некако нужно дојде до застапеноста на велешки стрип автори меѓу вкупната листа на застапени. Но, да потсетам само дека освен велешаните: Лазар Ангелков, Илко Стојановски, Оливер Цветковски, Васил Гаврилов и Ване Трајков (како сценарист) на изложбата беа изложени дела на автори како стрип мајсторот Игор Јовчевски, потоа Дарко Богданов, Александар Цакоски, Славица Купенкова, Александра и Максим Ристески, Душица Димитровска, Катерина Тери Николовска, Мирко Бојаџиевски, како и младите сили Анастасија Недељковска, Евгенија Трајковска, Ѓургица Варела, Ана Марија Стефаноска, Јана Бутеска, Мартина Величковска, Ангела Ајтовска, Елена Апостоловска, Софронија Шарламанов и Александар Стеванов (како сценарист).

За Велес, ќе бидам субјективен, одамна важи дека е град од внатрешноста, но не провинција! Тоа се однесува и на други градови. И покрај видливи и невидливи отпори, се развива и треба да се развива официјализираниот концепт на ДЕМЕТРОПОЛИЗАЦИЈА т.е. ДЕСКОПЈЕВИЗАЦИЈА. Во извесни настани Велес и предничи, пример тој е веќе признат ГРАД НА СТРИПОТ, театарскиот живот е одамна развиен, музичката сцена исто...Со сета почит кон културната, посебно независната културна сцена од Скопје, сепак тие ништо не губат доколку повеќе се организираат вистински културни активности надвор од метрополата. Барем Велес не е толку далеку!

 

Мирко Бојаџиевски, Васко Гаврливов, Ангела Ајтовска, Душица Димитровска

ДИВА: Никаде нема идеални услови, но има услови кон кои можеме да се стремиме. Како би изгледала идеалната ситуација на еден стрип промотор?

 

Томе Трајков: Меѓу другото, идеална ситуација е стрип промотерите, но и стрип авторите да се професионалци и да се бават само со тоа, истите да имаат сопствени канцеларии, студија и постојани стрип галерии. Арно ама...!

Дотогаш , ние стрип промотерите, ќе се бавиме со: пишување на проекти до домашни и странски донатори, растегнување на расположивите финансии за да се задоволат сите потреби, почитување на строгите критериуми на некои од донаторите, расправање со суетите на стрип авторите и (во извесни ситуации) и родителите на помладите од нив, ситуации „искористи-отфрли“ итн.

Александар Цаковски, Лазар Ангелов, Александар Стеванов, Ване Трајков

ДИВА: Дали помладата и новата генерација има ист пристап, интерес и сфаќање за возбудливоста на стрипот, како што имавме ние кога беше популарен и достапен? Како изгледа младата стрип генерација на Македонија, каква естетика и во која насока се движи?

Томе Трајков: Ова прашање ми претставува повод да го споменам токму Денот на бесплатни стрипови во Скопје и редиците коишто се создадоа од граѓаните, посебно младите. Тој интерес е резултат на трпелива комбинирана работа на организираната стрип сцена во државата, којашто паралелно со издавачката дејност и медиумската поткрепа влезе во училиштата организирајќи промотивни и едукативни стрип часови регрутирајќи нови таленти и интересенти за стрип.

Има нови таленти, секој од нив со различен стил и сензибилитет. Лично мене ме радува тенденцијата да цртаат на хартија (субјективно мое мислење, подвлекувам) наспроти таблетите и други погодности коишто секако си имаат свои предности.

За жал, морам да го искажам впечатокот дека во нивниот развој како автори нужно делува и севкупната стрип сцена во Македонија, којашто, за жал е многу хетерогена и некомпактна. Неприфатлива е, на пример, реалната состојба на своевидни забрани во смисол на учество на некои стрип конкурси или настани во зависност од тоа кој е организаторот. Или пак насоченоста на извесни стрип субјекти кон оваа или онаа партија, очекувајки лоби поддршка коишто и ја добиваат (и ова е реалност).

Стрипот треба да влезе во училиштата, не само како уметност туку и како алатка со која подобро ќе се одвива наставата по разни предмети (не само историја, граѓанско општество, литература и сл). Дури тогаш младите ќе сфатат со што всушност порано биле опседнати нивните родители, баби и дедовци.

Софронија Шарламанов, Дарко Богданов,Мартина Величковска, Јана Бутеска.

ДИВА: Дали имате комуникација на балканско и европско ниво со колегите, па и глобално, или соработката со Здружението „HITHI” е исклучок?

 

Томе Трајков: Искрено, ова за мене е чудно прашање на коешто ќе одговорам - не само што има комуникација и соработка тука современата македонска стрип сцена соработува со децении со колеги на балканско, европско и глобално ниво.. По некоја инерција најнапред после осамостојувањето, се обнови соработката со автори од поранешна Југославија, потоа Балканот и пошироко. Се организираат изложби на македонскиот стрип во други земји од кои некако најстари се изложбата на алтернативен стрип во 2000 година во Ангулем,Франција или на мејнстрим стрип во 2004 година, во Белград, Србија. Одтогаш се имаат организирано повеќе вакви промоции, од кои јас непосредно бев селектор на последните : Ваљево, Србија 2019 година и последната Феризај, Косово (ноември оваа година).

Организацијата во којашто сум вклучен од 2006, Стрип центар на Македонија - Велес секоја година организира меѓународен салон на стрип, кој прерасна во стрип колонија.

Тука се и меѓународните проекти на коишто бев иницијатор а финансирани од странски фондации. Велес стана место каде што без проблем другаруваат стрип автори не само од ЕКС ЈУ, но и Албанија, Косово, Романија, Грција, САД, Јапонија, Швајцарија, Италија ... При крај е големиот неколку годишент стрип проект CAN FOR BALKANS каде што околу темата „меѓусебна релација на стрип и историјата  “ соработуваат стрип дејци од Македонија, Србија, Романија, Албанија и Данска. Организираните стрип конкурси на меѓународно ниво се со автори од сите континенти.

Заради податокот и контекстот дека Здружението „ХИТХИ“ е од Феризај/Косово со доминантно албанско население, без лажна скромност ќе споменам дека со Косово соработката е започната уште од 2009 година, а јас бев член на интернационално стрип жири на првиот воопшто организиран стрип настан организиран во Тирана од страна на Министерството за култура на Албанија.

Соработката продолжува, а го повторувам впечатокот дека Здружението „ХИТХИ“ (Коприва) има потенцијал, ентузијазам и тимска сплотеност да ја развива и афирмира стрип културата кај нив посебно помеѓу младата генерација.