Активисти на Гринпис украдоа восочна фигура на Макрон за протест против Русија
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- Jun 2
- 1 min read

Активисти на Гринпис денеска(2 јуни 2025) година, украдоа восочна статуа на францускиот претседател Емануел Макрон од музеј во Париз и ја поставија пред руската амбасада, повикувајќи ја Франција да стави крај на увозот на гас и вештачки ѓубрива од Русија. Акцијата имаше за цел да го привлече вниманието кон она што активистите го нарекоа „двојна игра“ на Макрон во однос на Украина.
Според полициски извор, две жени и еден маж влегле во музејот Гревен претставувајќи се како туристи, а потоа внатре ја смениле облеката за да се претстават како работници. Активистите успеале да излезат низ излез за итни случаи со статуата вредна 40.000 евра, која ја покриле со ќебе.
Потоа, активистите на Гринпис ја поставиле фигурата пред руската амбасада како дел од акцијата со која бараат од Франција да престане со увозот на гас и вештачки ѓубрива од Русија.
„За нас, Франција игра двојна игра“, изјави Жан-Франсоа Жулијар, шеф на Гринпис Франција. „Емануел Макрон го отелотворува овој двоен дискурс: тој ја поддржува Украина, но ги охрабрува француските компании да продолжат да тргуваат со Русија.“

Жулијар рече дека Гринпис го избрале Макрон како цел бидејќи тој има посебна одговорност, додавајќи дека францускиот претседател „треба да биде првиот“ меѓу европските лидери што ќе ги прекине трговските договори со Русија.
Франција е еден од најгласните поддржувачи на Киев откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година. Макрон презеде водство во обидите да се изгради координиран европски одговор за одбрана на Украина, откако американскиот претседател Доналд Трамп го шокираше светот со директни преговори со Русија.
Comments