Борба за Влае

Пред некој ден ми стигнува порака - линк до вест која гласи: „„Борба за Влае“: Да ја спречиме планираната бетонизација на зелените површини во населбата„ - го отварам, и како прелетувам преку зборовите со поглед почнувам да тонам во чувство на поразеност. И покрај „интересните времиња„ во кои живееме, би помислил човек дека веќе сум отрпната, посебно вест која се чини дека не е драматична на прва, и се чини дека се однесува на обичните дневни активности на скопските маала... Но не е така. Оваа вест ми кажува дека плановите кои ги доживувавме како закана веќе со години, а се туткаа како кусур - банкнота во поздравот со комшиите кога ќе се разминеме „како си што правиш, слушна ли..„ - стануваат се́ поизвесни. А се чинеше дека имаме некои фигуративни пет минути да земеме здив и да се одмориме во застојот кој го донесе пандемијата па и локалните избори. Плановите Влае драстично да се „преуреди„, да се исечат многу од дрвјата, многу од нив липи кои растат 30 години, и да се дигнат згради кои за сите намери и цели повеќе се кули во населба позната по начичканите сликовити куќи во уличките покрај Вардар е срцепарачки. Тоа е спротивно на урбанизација, движење и работење една населба да стане функционален град - тоа е урбаницид.





СИТЕ БЛАГОРОДНИ ИДЕИ ЗГАСНУВААТ НА ТЕРЕН

(околу пет минути после изборите)

Кога сме кај локалните избори сакам да го потенцирам ова, за мотивите ми бидат јасни: јас, навивам за секој градоначелник. Навивам да биде општо сакан, и плановите за кои зборува - обично во предизборието - да бидат непречено реализирани. И тоа оние за апсолутниот минимум: улиците и јавните површини ќе бидат чисти, градската опрема како клупи, канти, контејнери, канделабри ќе бидат на број и здрави, ќе има зеленило, ќе има мир, ќе има услови за сите нејзини жители од деца до пензионери, до безбеден пристап луѓе со посебни потреби, до правилно згрижени животни, до места за миленичињата, до паркинг за сите, до дисциплиниран и непречен сообраќај - накратко: мирен, складен и пријатен живот. Ова е основниот ритам на животот, кој можеби од носталгија -но ми се чини како деца во поранешната Југославија градовите и населбите се чинеше дека ритамот беше не само складен туку и ентузијастички „свирен„. На пример една од најскапоцените сеќавања ми се : летна вечер, конечно жештината попушти, и седам со баба ми дедо ми на балконот, зборуваме тивко доколку некој спие - 12 после полноќ а цистерна со вода ја патролира улицата, полека, свечено, додека двајца работници со извлечени црева ги мијат улиците и плочниците.





Па зошто пола век подоцна е дотолку потешко да се одржува овој ред кој во 20от век функционираше со децении? Доколку прашате вработени или „упатени„ многу голема веројатност е дека ќе почнат да рецитираат кафкијански процеси, лавиринти, поради кои ништо не е така едноставно. Пример: - има гужва на клупите во текот на целата вечер се слушаат расправии, тепачки, брмчење со мотори, а на добри денови само пијано пеење и пуштање музика од автомобилите паркирани во паркчето и така додека се раздени, секој ден, секое лето . Знаеме дека го нарушуваат јавниот ред и мир - чаре? Кафка бирократ: пааа за ова треба позорникар а таа служба ја нема „ричините се недостатокот на полициски службеници, односно лошото менаџирање со кадарот во службата наследено од претходниот период – голем одлив на човечките ресурси од Министерството за внатрешни работи по основ на пензионирање, во применување други начини на вршење на полициски работи, како што е патролната и мотопатролната дејност и поради реален недостаток од полициски службеници.“

КОГА ИМА ВОЛЈА - ИМА И НАЧИН

Но - добрата вест е дека не мора да биде вака. Со политичка волја дури и најневозможните проблеми наоѓаат начин да бидат решени. Во секојдневието на еден државен работник(од премиерот до кнеговата кафекуварка, од министерката до нејзиниот шофер ) е заработување и нешто слава. Бидејќи славата доаѓа со самата позиција и титула( „а да го знам премиерот како не, на „ти„ сме) а пари никогаш доста, очигледно е дека позицијата се користи за правење на сојузи, смислување креативни решенија како парите да се размрдаат и да работат во своја полза.

Но кога граѓаните (или народот) стануваат толку гласни што нивната порака јасно и гласно стигнува и до навидум високите, и тешко пробојни ѕидови - тогаш славата е загрозена, и мора да слушаат.

А прва работа која што треба да ја чујат е: не сме идиоти, па затоа не ни помислувај да не́ изиграш. Ова, заедно со потсетувањето дека тие работат за нас, со наши пари, и ја добиле позицијата на моќ само со помош на нас како грб. Па затоа ние(граѓаните, народот, државата) - е единствен приоритет.

„Јас те створив, јас ќе те растворам!!„ - обично вика гневен татко на блудниот син...



„Поради преголема гужвва во малиот затворен простор презентацијата се оддржува на отворено пред Месната заедница„ напишаа Борба за Влае

Јас сум овде да ве потсетам на таа сила на народот, која може да биде во однос со тековните претставници во позиција на моќ - порелаксирана, но и не исклучиво кога ножот ќе ја удри коската. Всушност тоа е нашата обврска. Се чини дека старо - новиот градоначалник на Карпош Стевче Јакимовски има дилема пред себе, која треба да земе време а се надеваме и одговорност, за да ја разреши: „Дали ќе ја изберам славата? Каков однос ќе изградам овој пат со граѓаните кои ме гласаа?„ Се чини дека се движи внимателно во овој мандат, сосема свесен за она тивко мнозинство, кое знае да пресече кога ќе се замерат со него. Нашата препорака кон Стефчо е истата како кон било кој во тој тип на кариера: гледајте да го изедначите она на хартија со она на терен. Да бидете се́ она што би требало да бидете, е и повеќе од доволно за еден просечен граѓанин.

Тој однос пак(на демократски освестениот и активниот граѓанин), бара информираност на сите механизми на правото, на демократијата, на протоколи и е секако работа. Ама секогаш ученикот кој учи конзистетно има подобри резултати од оние кои учат кампањски. Кога ножот ќе ја удри коската, кога толкав е бројот а понижени и угнетени што веќе не може да се игнорира, кога едно попладне брзаш да стигнеш дома затоа што сопругата ѕвони на телефонот без престан, а ти седиш заглавен во кола во гужвата, и не креваш затоа што си премрен од страв од филмовите што ти се вртат во глава и се одговор на прашањето „зошто ѕвони, што се случило?„ Но и истрошен од стресот на бесмислената сообраќаен метеж „ Зошто сум заглавен во гужва во Влае? Беше така мирно место?„