Бранко Прља и Владимир Карер ја архивираат Точка

Бранко Прља заедно со Владимир Карер, продолжуваат со своето дигитално мисионерство, и после агрегатите за вести од областа на културата (creative.mk ) и науката ( Science.mk ) , сега продолжуваат со архивирањето.


Културниот (и култен) Центар Точка беше отворен во Скопје на 29.05.2002 година, пред точно 20 години.

За да не биде избришан од сеќавањата на мутирачкото чудовиште наречено Скопје, на сајтот на creative.mk ја поставивме архивата на Точка и на Контрапункт (без кој, да бидеме искрени, ќе ја немаше ни Точка). Нашата архива е нецелосна и бара надоградба, но подобрo и „каква-таква“ отколку никаква!„ - објасни Прља на Арно.





А на Фејсбук појасни: „Со Vladimir Carrer како дел од напорите на arno.mk за зачувување на историјата/иднината на културата, уметноста и науката во МК, го архивиравме стариот сајт на Точка/Контрапункт по повод 20-годишнината на Точка (29.05.2002)!

https://tocka.creative.mk/

Многу од вас ќе се пронајдат во таа приказна и ќе се присетат на едни поинакви (подобри?) времиња. Алтернативно, урбано Скопје, полно со енергија и креативност! Благодарност до Nikola Gelevski, Iskra Geshoska, Nebojsa Gelevski и многу други кои ја градеа приказната на Точка/Контрапункт.


***

Просто е неверојатно што култура која живее во држава како Македонија – сосема ја занемарува вештината на архивирање, зачувување, документирање. Сосема ја занемарува- освен еден грст ентузијасти, кои во своите сфери на професионален интерес, или во сферата на вокацијата, пасијата го држат во живот пламенот на сеќавањето на и со тоа култура.

Конкретно за архивирањето, пошироката јавност, веројатно помислува на МРТВ и архивите кои тонат се́ повеќе иако не се во подножјето на некоја пирамида, и нема опасност дека ќе се отклучи пламен змеј доколку се пристапи кон нив, а човек да помисли дека тоа е случајот кога слушаме како се зборува за нив. Тоа дека се драгоцени, на сите им е јасно. МРТВ и секако НУБ – универзитетската бибилотека која шокираше кога дознавме дека тој храм е не само оставен, туку се чинеше и отрфлен со доза на презир.

Систематско, методично, целисходно зачувување на македонската култура е задача која ни́ беше кажано се изведува со ревност, која, повторувам, ја има кај еден грст луѓе, кои да ги нема, ќе се сруши се́ што знаеме и сакаме како кула од карти, и тие некако, необјасниво, дали по линија на должност, на љубов, на разбирање, но, ете и пркосат на гравитацијата, и во недостаток од систем кој работи во интерес на,одработуваат.




Бев на изложба во Точка... сите што бевме таму, излеговме на Илинденска, и чекавме автобус, кој дојде набрзо -  беше приватен, можеби бил 12ка, не знам.. кога се качивме  - забележавме бубњеви и – Еди? Автобусот тргна, а бубњарот се вдаде во своето најдобро соло додека полниот автобус се клацкаше по скопските камчиња,дупки, плими и осеки. Но каде одевме? Од Точка ја поминавме Влада, мостот, чаршијата... свртивме кај МТВ, и еден од најсветлите моменти: фаровите на приватната 12ка, го осветлија мракот на МРТВ, и како сврте една кривина – осветли збунети девојки и жени, на работа. Знаеме дека тешко е да ги збуниш... Не́ остави кај МКЦ, и изложбата продолжи.. ова не  е сон, ова е жива реална будна вистина, нешто што само Ѓорѓе Јовановиќ може да го осмисли, и Точка да ја види вредноста во таа визија, која можеби звучи налудничаво од прва. Како сон. 

Зошто независната сцена е толку жилава?

Дали затоа што луѓето кои ја сочинуваат се во близина, физичка близина – со социјалниот и професионалниот живот – па оттука се раѓаат и поинтимни врски – но независната сцена има доза на фамилијарност која тешко се наоѓа во другите сфери на живеење. И се чини дека повеќето (дали едноставно од племенитост која се култивира со изложеност на уметност и култура, или затоа што детските болести одамна се прележани и се веќе луксуз кој не моеме да го дозволиме ) се спремни да помагаат и подаваат рака, несебично, и без калкулации. Тој став веќе вроди со плод и го извади овој сегмент од граничен, или ниш, во поистакнати позиции, дури и позиции на моќ.

Доколку овој став на солидарност опстои, ќе прерасне во нешто и повеќе од тоа.