top of page

„Вечни тела“ изложба од фотографии што ја редефинира староста во уметноста



На 18 февруари 2025 година, во 20 часот, во изложбениот салон Империјал 1 на Културно-информативниот центар – Скопје, ќе биде отворена изложбата на фотографии „Вечни тела“. Овој проект е резултат на соработката меѓу фотографот Жарко Стојчевски и кореографката Искра Шукарова, кои преку своите дела ја преиспитуваат перцепцијата за стареењето и улогата на возрасното тело во уметноста.

„Вечни тела“ има за цел да ја деконструира доминантната претстава за староста како крај на активниот живот, истакнувајќи ја потребата од ослободување на возрасното тело од патологиите на маргинализација. Проектот е реализиран во соработка со петмина балетски уметници од Националната опера и балет: Емилија Џипунова, Снежана Шијак, Зоица Пуровска-Велевска, Зоран Талев и Ирена Лозинска, кои се наоѓаат во различни фази од својата кариера и животно искуство.

Изложбата вклучува фотографии кои ги документираат телата на овие уметници во динамичен процес на изведба, преиспитувајќи го начинот на кој општеството ја стигматизира нивната способност за делување и творење во контекст на возраста. Суптилните гестови на танчерите откриваат што навистина се случува под површината на изгледот и генерираат нови визии за староста, раздвижувајќи ги телесните архиви и враќајќи ги невидливите тела на оние кои се занемарени во професијата во сферата на нашата социополитичка итност.

Покрај изложбата, проектот предвидува и јавни дискусии, разговори со балетските уметници, како и видеоматеријали со нивни сведоштва за професијата и за предизвиците со кои се соочувале во различни фази од својата кариера. Целта е да се отвори простор за дискусија и нови визии за тоа што значи да се старее во тело кое е активно, моќно и значајно.


Кој ќе учествува?


🔹 Емилија Џипунова (р. 1935) – Истакната балерина, педагог и балетски критичар. Член на првата балетска генерација во Македонија, со богата кариера како солистка. Подоцна се посветува на педагогијата и критиката, објавувајќи книги и статии за балетската уметност.

🔹 Снежана Шијак (р. 1949) – Солистка на Македонската опера и балет од 1968 до 1992 година. Во својата балетска кариера настапувала во бројни претстави, вклучувајќи „Ромео и Јулија“, „Жизел“ и „Дон Кихот“.

🔹 Зоица Пуровска-Велевска (р. 1956) – Првенка и педагог, која со својот партнер Зоран Велевски одбележа три децении на успешни настапи. Остварила бројни улоги во класични и современи балети, како „Охридска легенда“, „Лебедово езеро“ и „Ромео и Јулија“.

🔹 Зоран Талев (р. 1953) – Долгогодишен солист во Македонската опера и балет, со богата кариера исполнета со настапи во „Лебедово езеро“, „Дон Кихот“, „Жизел“ и многу други претстави.

🔹 Ирена Лозинска (р. 1961) – Солистка, педагог и кореографка. Како балерина настапувала во класични и современи балети, а подоцна се посветува на кореографија и педагогија, создавајќи бројни успешни балетски претстави.


Изложбата ќе биде отворена до 2 март 2025 година. Ве покануваме да ја посетите и да се вклучите во оваа значајна дискусија за улогата на возрасното тело во уметноста и општеството.

Стани Дивотно

Comments


Дива Мисла е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

дива лого
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page