top of page

Во време на заглушување: „Штефица Цвек“ 2025 и книжевниот избор како отпор

Регионалниот квир-феминистички книжевен проект објави список на 22 наслови што ја прекројуваат мапата на ангажирана литература


Во ,,интересни времиња” - кога тишината станува стратегија на моќ, а активистичките повици и манифести почнуваат да се слејуваат во маркетинг флоскули, книжевниот избор „Штефица Цвек“ повторно се јавува како простор за гласност, отпор и критичко читање. Колективот „Бунтовни читателки“, составен од книжевни работнички и активисти од регионот, го објави поширокиот избор за 2025 година — листа од 22 дела објавени на македонски или на еден од БХСЦ јазиците во 2024 година, кои се издвојуваат по тематска смелост, квир сензибилитет и литерарна сила.


Оваа година, „Штефица“ крои избор во услови што жирито ги нарекува „вонредни“: за време на политичко насилство, општествено заглушување и напад врз критичката мисла. Со изборот, таа испраќа солидарна порака до активистите во Србија и пошироко, но и ја потврдува мисијата на иницијативата: книжевноста не е прибежиште, туку терен за дејствување.


„Свесни сме дека оваа вест можеби ќе помине тивко, но не се одрекуваме, токму затоа што и оваа листа е дел од дискурсот кој именува, книжевноста што не се плаши и гласовите што не се купуваат… Потсетуваме дека денес не е доволно само да се чита, туку и да се биде со другите, гласно и гневно, заедно надвор. Борбата продолжува.“ — од соопштението на жирито


Започната како независна иницијатива во 2021 година, оваа книжевна селекција го носи името на јунакињата од култниот роман на Дубравка Угрешиќ, и од тогаш гради феминистичко-квир канонско јадро во книжевноста на регионот. Наместо една награда, „Штефица“ работи по модел на колективно истакнување — листа на дела што ги гледа како значајни, не само по литературна вредност, туку и по начинот на кој го разбираат светот.


Процесот се одвива преку два круга на жири:

Првото жири: Ивана Голијанин, Филип Кучековиќ, Душица Лазова, Марија Божиќ и Борисав Матиќ


Вториот круг (кој ќе ја состави финалната селекција): Ивана Дражиќ, Марија Бошковска и Матеј Вребац



Повеќе од 100 наслови беа номинирани оваа година, а жирито го сведе изборот на 22 дела – романи, збирки поезија и раскази, книги за деца и млади, графички романи. Во него се најдоа:


  • Румена Бужаровска со ТОНИ – роман што ги надминува границите на интимното и се соочува со заедничките живеени искуства.

  • Кица Колбе, Простување – книжевна размисла за губење, покајание и преиспитување.

  • Билјана С. Црвенковска со роман за деца Приказни од Ѕунливото Море – потсетник дека и детската литература може да биде ангажирана.

  • И авторки и автори од Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора, кои отвораат теми како трансгендерност, автофикција, општествено насилство и телесно искуство.



Во интегралното соопштение, жирито нуди и храбар увид во состојбата со книжевната продукција:


„Во голем број случаи стануваше збор за почетнички збирки или поезија што го исполнуваше критериумот за феминистичка ангажираност, но не беше доволно комплексна за да влезе во поширокиот избор… Дел од книжевната заедница која номинираше книги ги занемари примерните критериуми…“

Според жирито, ангажираноста не смее да биде само декларативна. Потребна е авторска храброст, стилска инвентивност и способност да се обработат чувствителни теми со длабочина. Во спротивно, остануваат празни гестови, без уметничка тежина.




Целосен список на избраните 22 наслови:

  • Билјана С. Црвенковска, Приказни од Ѕунливото Море (ИД-Концепт / Чудна шума, роман за деца)

  • Даниела Репман, Столица без наслон (Treći trg, роман)

  • Данка Ивановиќ, Омразени куќи (Партизанска книга, роман)

  • Драган Великиќ, Виенски роман (Лагуна / Meandermedia, роман)

  • Калина Малеска, Светот што го избрав (ИЛИ-ИЛИ, роман)

  • Катарина Митровиќ, Сите добри Барбики (PPM Enklava, роман)

  • Кица Колбе, Простување (ИЛИ-ИЛИ, роман)Корана Свилар, Соба за девојчиња (Фрактура, роман)

  • Лука Козина, Бегство од телото (Buybook, поезија)

  • Луција Тунковиќ, Папочна врвца (Фрактура, роман)

  • Мак Маслаќ, Како се кршат чинивчиња (Durieux, поезија)

  • Марина Вујчиќ, Сигурна куќа (Фрактура / Лагуна, роман)

  • Марја Андријашевиќ, Рибарска лига (Oceanmore, збирка раскази)

  • Михаела Шумиќ, Човек волк (Imprimatur, роман)

  • Моника Стојановска, На крајот сѐ ќе биде како што треба (Полица, поезија)

  • Нада Душаниќ, Пловидба низ забранети теми (Raštan издaвaштво, роман)

  • Натали Спасова, Не ѝ верувај на баба ти (Скоро Театар, збирка раскази)

  • Оља Кнежевиќ, Страда фортуната (Hena.com, роман)

  • Румена Бужаровска, ТОНИ (ТРИ, роман)

  • Тања Ступар Трифуновиќ, Долж остар нож лета птица (Лагуна, роман)

  • Фрањо Нагулов, Крвава книга (Durieux, 2024).

  • Јосип Чекољ, Доба на бескорисните умници (HDP, поезија)


Книжевната награда е и жесток одговор на тивките норми, на конвенциите на „пристојна“ книжевност, и на потребата да се задоволи пазарот. Тоа е форма на женско, квир и критичко читање што не бара дозвола – туку крои сопствен модел.


Во услови на заглушување, оваа листа се појавува како глас што не се извинува и не моли за простор – туку го зазема.



Соопштението во целост:



Во време на заглушување – книжевен отпор: Донесен е поширокиот избор на „Штефица Цвек“ за 2025 година


Во време на заглушување – книжевен отпорДонесен е поширокиот избор на „Штефица Цвек“ за 2025 година


Почитувани претставници на медиумите, Со задоволство ви го пренесуваме во целост соопштението на првата жири комисија која го донесе поширокиот избор за овогодинешната книжевна селекција „Штефица Цвек“. Се надеваме дека ќе го пренесете преку вашите платформи за јавно информирање. Со почит,  Колективот на Бунтовни читателки

***

Книжевниот избор „Штефица Цвек“ оваа година се одвива во услови кои не можеме да ги наречеме ништо помалку од вонредни. Кога поводите за бес и револт се многубројни, ги поместуваме своите тела, глас и гнев на улица, таму каде што политиката се сретнува со вистинскиот живот. Го споделуваме поширокиот круг на „Штефица Цвек“ во солидарност со нашите пријател(к)и од Србија кои моментално минуваат низ бран на политичко насилство, отпор и мобилизација. Свесни сме дека оваа вест можеби ќе помине тивко, но не се одрекуваме, токму затоа што и оваа листа е дел од дискурсот кој именува, книжевноста што не се плаши и гласовите што не се купуваат. Не се одрекуваме од она што го работиме ниту кога е најгусто, убедени дека токму во ваквите моменти го градиме континуитетот на критичките културни практики. Во време на заглушување на сиот разум, остануваме непокорни, и потсетуваме дека денес не е доволно само да се чита, туку и да се биде со другите, гласно и гневно, заедно надвор. Борбата продолжува. 

***

Штефица Цвек оваа година, по четврти пат, продолжи да го крои регионалниот феминистички и квир избор што го носи нејзиното име. За изработка на моделот, потребно беше да се обезбеди материјал од корпусот на сите книжевни дела првпат објавени на БХСЦ или на македонски јазик во текот на 2024 година. Бидејќи „штофот“ навистина беше обемен – над 100 книги номинирани од регионалната книжевна заедница – книги од областа на прозата, поезијата, драмата, литературата за деца и млади, графички романи и други книжевни жанрови – Штефица мораше поширокиот избор да го сведе на 22 наслови, за кои може да се каже дека се квир-феминистички и уметнички развиени.

Што се однесува до техниката на работа на Штефица за својот крој, како и во претходните две години, таа состави тим од два жири круга. Првото жири – кое оваа година го сочинуваа Ивана Голијанин, Филип Кучековиќ, Душица Лазова, Марија Божиќ и Борисав Матиќ – ѝ помогна на Штефица да го евалуира изобилието од книжевен материјал и да го прекрои во список од 22 наслови, кој се наоѓа подолу во овој текст. Потоа, вториот круг жири – сочинето од Ивана Дражиќ, Марија Бошковска и Матеј Вребац – го презема кројот составен од 21 книга со цел да го сведе на финалниот книжевен избор. Крајниот модел е ист како и претходните години – треба да се добие, наместо една наградена книга, збир од неколку квалитетни и естетски остварени дела со феминистички, квир или друг општествено ангажиран карактер, за кои Штефица, заедно со своите кројачки, смета дека треба да бидат истакнати.

Сепак, засега е важно да се истакне дека Штефица и првиот круг жири ги избраа насловите од поширокиот избор, од кои ќе се крои крајниот модел. Станува збор за следниве книги:

  • Билјана С. Црвенковска, Приказни од Ѕунливото Море (ИД-Концепт / Чудна шума, роман за деца)

  • Даниела Репман, Столица без наслон (Treći trg, роман)

  • Данка Ивановиќ, Омразени куќи (Партизанска книга, роман)

  • Драган Великиќ, Виенски роман (Лагуна / Meandermedia, роман)

  • Калина Малеска, Светот што го избрав (ИЛИ-ИЛИ, роман)

  • Катарина Митровиќ, Сите добри Барбики (PPM Enklava, роман)

  • Кица Колбе, Простување (ИЛИ-ИЛИ, роман)Корана Свилар, Соба за девојчиња (Фрактура, роман)

  • Лука Козина, Бегство од телото (Buybook, поезија)

  • Луција Тунковиќ, Папочна врвца (Фрактура, роман)

  • Мак Маслаќ, Како се кршат чинивчиња (Durieux, поезија)

  • Марина Вујчиќ, Сигурна куќа (Фрактура / Лагуна, роман)

  • Марја Андријашевиќ, Рибарска лига (Oceanmore, збирка раскази)

  • Михаела Шумиќ, Човек волк (Imprimatur, роман)

  • Моника Стојановска, На крајот сѐ ќе биде како што треба (Полица, поезија)

  • Нада Душаниќ, Пловидба низ забранети теми (Raštan издaвaштво, роман)

  • Натали Спасова, Не ѝ верувај на баба ти (Скоро Театар, збирка раскази)

  • Оља Кнежевиќ, Страда фортуната (Hena.com, роман)

  • Румена Бужаровска, ТОНИ (ТРИ, роман)

  • Тања Ступар Трифуновиќ, Долж остар нож лета птица (Лагуна, роман)

  • Фрањо Нагулов, Крвава книга (Durieux, 2024).

  • Јосип Чекољ, Доба на бескорисните умници (HDP, поезија)

Оваа година, како и претходните две, за изборот можеа да конкурираат сите книжевни дела што првпат се објавени во 2024 година на БХСЦ или македонски јазик, без оглед на нивниот жанр. Навистина, номинираните книги беа исклучително разновидни по форма, тема, стил и жанр, но првиот круг жири забележа неколку разлики во минатогодишната книжевна продукција во однос на претходните години.

Првата и најочигледна е доминацијата на прозата над поезијата. Се добива впечаток дека изминатата година, кога станува збор за поезијата, беше продукциски послаба, што можеби звучи парадоксално, бидејќи беа објавени доста поетски збирки. Сепак, во голем број случаи стануваше збор за почетнички збирки или поезија што го исполнуваше критериумот за феминистичка ангажираност, но не беше доволно комплексна за да влезе во поширокиот избор на Штефица.

Второ, првиот круг жири забележува трендовска ангажираност кај поширокиот избор на номинирани книги, односно насилно вметнување на привидно феминистички или прогресивни теми, без критичко преиспитување и оправдување на нивното присуство во конкретното дело. 

Освен тоа, недостигаат уреднички интервенции кои би ги зацврстиле дури и најквалитетните книги во изборот. Книгите што се храбри по тематика и форма, често се одликуваат со репетитивност, со елементи што добар уредник би ги „фатил“ и спречил книгата да се разводни во клучните моменти. Конечно, недостигаше и поголема смелост за пишување надвор од „пристојното“ и „безбедното“, односно повеќе острина и слобода за што како читатели можеме да се закачиме, нешто свежо и автентично. Тоа беше особено впечатливо кај поезијата, која парадоксално овозможува можеби најголема слобода за пишување надвор од познатото.

Затоа е неопходно повторно да се преиспитаат и разгледаат критериумите на Штефица, кои во својата суштина се квир – отворени, нестабилни, непредвидливи и бескомпромисно политички.

Генерациската проза дефинитивно исплива како можеби најдоминирачка подврста на прозата, но во неа често се препознаваше отсуство на јасен критички осврт. Припаѓањето на одредена генерација само по себе не беше доволно, и неретко книгите што се потпираа на тој сегмент беа стереотипни, затворени во сопствени обрасци и во секој случај помалку достапни за пошироката читателска публика. Најдобрите примери на генерациска проза, кои го најдоа своето место во поширокиот избор, не се задржуваа само на идиосинкратичното искуство на нивните јунакињи/јунаци, туку на интелигентен начин го испитуваа односот на поединката со нејзината околина и општеството.

Уште еден важен увид се однесува на критериумите за номинација – во некои случаи се добива впечаток дека дел од книжевната заедница која номинираше книги ги занемари примерните критериуми на селекцијата. Тоа нè наведе повторно да се запрашаме: дали доволно јасно дефиниравме што всушност претставува изборот „Штефица Цвек“? Тој не тежнее да ги избере „најдобрите“ книги според однапред зададени мерила, туку ги бара оние што се издвојуваат по тематска смелост, стилска иновативност и авторска храброст. Во конкуренција имаше доста книги што формално исполнуваа некои од тематските критериуми, но потфрлија речиси на сите други полиња.

Исто така, ни се чини дека нашата определба ниеден книжевен род или жанр да не биде исклучен од разгледување за изборот не беше доволно јасна во сите аспекти, и ни е жал што не добивме повеќе предложени книги за деца и млади.

Сепак, во сето тоа успеавме да ги пронајдеме оние книги кои навистина вреди да се истакнат – книги во кои е видлива авторска посветеност, раскажувачко умеење и способност да се обработуваат важни и чувствителни теми на начин што им е близок на читателите. 

Во поширокиот избор се наоѓаат книги што непретенциозно си поигруваат со востановените норми, не се плашат да бидат или да создадат несимпатични, сложени ликови; атмосферични книги што ве вовлекуваат во својот свет само за подоцна да ги изневерат вашите очекувања – но успеваат да ве задржат во доменот на непријатните теми, повикувајќи ве да размислувате надвор од рамките и да откриете нови начини за полесно поднесување на неизвесноста од светот што нè опкружува.


Стани Дивотно

 
 
 

Comments


Дива Мисла е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

дива лого
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page