Во петок промоција на Џинџуџе во земјата на афионите: кратка прошетка низ микрофикцијата
top of page

Во петок промоција на Џинџуџе во земјата на афионите: кратка прошетка низ микрофикцијата

Ѕвездата на неодамнешниот Саем на книга, се чини беше книга која допрва ќе има промоција „Џинџуџе во земјата на афионите“. По сѐ изгледа ќе биде журка (27 мај, 20 часот во МКЦ), или во најмала рака ќе биде забавно. Најавена е музика од impromptu состав Бонсаи афиони: Владимир Лукаш (кој го знаеме во музичка смисла од Свирачиња), Владимир Мартиновски (кој го знаеме од Баклава) и Вук Митевски (кој го знаеме од град, а заедно со Лукаш во Поклон!) . Промоцијата ќе ја водат Никола Гелевски и Владимир Мартиновски, кои ја приредија антологијата ”со голем мерак” како што соопшти Мартиновски.


Кога беше и формално објавена, еруптираа реакции од дел од авторите, а кафе - книжарницата Буква ја прогласи за книга на неделата!.


Владимир Мартиноски извести: „Убава вест: пред малку на Саемот на книга во Скопје пристигна, тазе испечатена, ЏИНЏУЏЕ ВО ЗЕМЈАТА НА АФИОНИТЕ/Антологија на македонскиот краток расказ (Темплум, едиција Магма). Огромно фала за Никола Гелевски, со кого го приготвивме изборот со огромен мерак. Се надевам ќе уживате!“


Бранко Прља напиша: „Благодарност до издавачката куќа Темплум, Никола Гелевски и Владимир Мартиновски, за тоа што ме вклучија во одличната „Антологија на македонскиот краток расказ“ (микро фикции) која излезе како книга бр. 135 за 20-годишнината на едицијата Магма. Минималистичките илустрации на Перо Георгиев го прават концептот целосен! Мојата прва збирка кратки раскази „За секого по нешто, за некого ништо“ излезе во 2003 година во истата едиција (како книга бр.5), а подоцна (2004-2008) и дизајнирав дел од книгите кои излегоа во едицијата. Се надевам дека Магма ќе постои уште многу долго време и ќе ги инспирира новите генерации како што не инспирираше нас.“


Живко Грозданоски заклучи: „ ..Насловот е сјајно изведен од расказот „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски. Кратките раскази се проткајани со цртежи од Перо Георгиев.“


А Јулијана Величковска се заблагодари (и) со фотографија:



ЏИНЏУЏЕ
(Ермис Лафазановски) 
Дете џин и дете џуџе учествуваат во телевизиско шоу:
„Јас можам да допрам небо, да прескокнам река, да гледам преку камион, да дувнам посилно од ветер...“
„А јас да влезам во џеб, да се капам во лавор, да спијам во фиока, да се сокријам во куфер, да...“
„Одлично“, вели водителката, „а има ли нешто што не можете?“
„Не можеме еден без друг“, рекоа во еден глас.


Во антологијата се поместени „ 219 кратки раскази од 73 македонски автори. Поточно, 21 авторки и 52 автори од сите генерации родени во 20 век: најстариот е Иван Точко (роден 1914), а најмладиот Андреј Ал Асади (1996). Во тој еден век поместен е цел еден свет на мали фикции (или, во тој еден свет на мали фикции поместен е цел еден век - оти историјата може да се гледа и преку книжевноста).„ - стои во предговорот на Темплум, во едицијата Магма која влегува во својата втора и многу плодна деценија. Мора да се спомене, за да се стави во контекст: Темплум на Саемот за книги излезе со триесетина нови наслови, кои во интерес на јаснотијата нема да ги споменеме сега - сликовници и илустрирани книги, две нови изданија на Маргина, стрип, поезија, проза, теорија - и некако, од некоја причина, Џинџуџето ги надмина во вниманието кое го доби. Токму денес бев во една од скопските книжарници и од сите овие нови Темплум изданија ја најдов само „Џинџуџе во земјата на афионите“.


„Критериум за место во книгава беше краткиот расказ да не е подолг од 600 зборови“


Kонцизноста и компактноста е критериум кој се подразбира кога станува збор за куси-куси приказни (под 100 зборови е флеш проза, а до 1000 е микро-проза, еден од неколкуте имиња за жанрот). Но тоа не е единствениот критериум. Слично како уметничката проза, која од еп се прелеала во роман, и заедно со новелата во книжевната теорија, се категоризираат како „епска уметничка проза„ која граѓата - случка - ја обликува уметнички. Кусите приказни работат во своја уникатна законитост и логика, и со тоа од нив се добива сосема ново искуство.






Лидија Дејвис една од клучните писателки на кратка проза, и добитничка на Мен Букер наградата за Обзервер објасни: „Кога за прв пат почнав сериозно да пишувам, пишував раскази и мислев дека натаму сум упатена. Тогаш приказните почнаа да еволуираат и да се менуваат, и стана мачно да се обидувам секоја индивидуална приказна да ја етикетирам: „Претпоставувам дека она кое штотуку го напишав е прозна песна или медитација“, и би се чувствувала многу ограничена со обидот да го означам секое поединечно дело, па едноставно беше полесно сè да се нарече како приказни. .. Дури и ако е само ред или два, таму секогаш има мал фрагмент на наратив, или читателот може да се сврти и да замисли поголем “.




Сите плачеа 
(Лидија Дејвис) 
Не е лесно да се живее во светов. Сите се постојано вознемирени од ситници кои одат наопаку: еден е навреден од пријател; друга е запоставена од нејзиното семејство; уште еден има жестока караница со неговата сопруга или со неговото дете тинејџер. Често, луѓето плачат кога се несреќни. Тоа е природно. Кога бев млада, работев во канцеларија еден краток период. Кога доаѓаше време за ручек, како луѓето во канцеларијата стануваа гладни, уморни, и иритирани, тие ќе почнеа да плачат. Мојот шеф ќе ми дадеше документ за да го истипкам, па јас ќе го турнев луто. Тој ќе викаше “Искуцај го!”, а јас ќе се развикав “Нема!”

Тој и самиот ќе станеше мрзоволен на телефонот, и ќе го треснеше на лулката! Додека беше време да отиде да отиде на ручек, солзи од фрустрација ќе му течеа по образите. Доколку некој познаник би прошол до канцеларијата да го покани на ручек, тој би му го завртел грбот и би ја игнорирал таа личност. Тогаш, очите на таа личност, исто така, би се навлажниле од солзи. 
После ручек, обично се чувствуваме подобро, и канцеларијата повторно беше исполнета со вообичаеното зуење и врева, луѓе носеа папки и итаа  овде-онде, ненадејни испади на смеење се креваа од кабините. Работата би одела добро до доцна попладне. Тогаш, како што повторно би станале гладни и уморни, уште поуморни од утрото, повторно би почнале да плачеме.

Иако кратката приказна и сите нејзини итерации и инкарнации се прилично нови жанрови – во смисла – не се канонизирани, далеку од тоа дека нѝ се непознати. Ги запознаваме уште пред и да се описмениме: гатанки, афоризми, игри на зборови, басни, а и се описменуваме со помош на нив. Литературата за деца е меѓу поинвентивните но и дури откако ќе излеземе од читачкото детство постојано се сретнуваме со таа форма: од кратките приказни и новели, на Гогољ до акробациите на Хармс, кои се чинеа како панк меѓу литературата со тоа што извртувањата пркосеа на речиси свеченоста и сериозноста на белетристиката која нѝ беше нудена преку лектири, на пример, како млади а веќе донекаде зрели читатели.


Овие форми секогаш биле овде, преку коани, епиграми, па и епитафи, посвети, па кога листав по учебници за теорија на книжевност, пишувајќи ја најавава, Шкреб (во 80-тите) ги нарекува – цртички – кога поезијата ја напушта поезијата во проза. Но во овој момент се чини дека доживуваат ренесанса, или своето утврдување меѓу жанровите, како преку дигиталната револуција, писателите се поместија на Интернет а со тоа и својата литература – во 140 (подоцна и 280!) карактери или помалку: Твитература!


William Brazill @InstantFiction
Во нашиот свет на хаос, никој не е надвор од место. Дури ни Елрој, со неговите тикови, чудости, и незгодни агли. „Припаѓам!„ -  викна.

Поскептичните ќе забележат дека тенденцијата да се зграби вниманието во моментот, и да се реализира пораката преку приказната веќе во следниот со максимум ефект мора да признаете дека бара исклучителна пишувачка и креативна вештина и дирекција. Режирање на премолченето, на негативниот простор, кој останува со читателот. Често, во своите журнали писателите (во моментов ми паѓа на ум Иво Андриќ во "Знаци покрај патот") резигнирано забележуваат: што се случува со мојата книжевност откако ќе ја пуштам во светот е надвор од моја контрола – но со микрофикцијата се чини таа етапа е премолчениот расплет..


Анегдотата која е поврзана со флеш-фикцијата е дека Хемингвеј изгубил облог па затоа напишал приказна во 6 зборови на салфетка: „Се продаваат: бебешки чевлички, никогаш носени!“. Но иако не може да се потврди кој е авторот, сепак станува почетна лекција за микрофикцијата. Тој ја нуди теоријата на санта лед и во своето предавање „Есеј за кратки приказни„ (кој е показна вежба, што ќе се случи доколку пишувачката дисциплина која е потребна за овој жанр: минимум пишување, но максимум дисциплина, режија и дизајн - го нема!) во напад на (навидум?) неконтролиран хаос од зборови, го протна следното:

„ Неколку работи за кои открив дека се вистинити. Ако ги изоставите важните работи или настани за кои знаете, приказната се зајакнува. Ако оставите или прескокнете нешто затоа што не го знаете, приказната ќе биде безвредна. Тестот на која било приказна е колку се добри работите што вие, а не вашите уредници, ги испуштате.„



Бранко Прља
КАП! И ПАК.
Си била една капка, што имала страв од капнување.
Еден ден си кажала: ‒ Да не се капне треба, да не се биде капнувачки миг. Да се биде стоик, стабилен лик, а не само променлив облик! - Додека така си размислувала, од возбуда се напрегнала, па ненадејно се откачила и надолу тргнала. Вреснала и од под се расплеснала. Кога се свестила, веќе испарила и пак капка станала.
- Какво чудо! Какво патување лудо! Сакам пак! ‒ викнала, и кап!

* На Окно можете да најдете пет од кратките приказни, и дел од предговорот!


Автор; Ана Чушкова

bottom of page