top of page

Дива разговор: Тома Димовски за силата на заедништвото





Ти си дипломиран ликовен уметник - но претходно студираше и на Институтот за етнологија и антропологија, но и организираше поетски настани и читања. Како ја откри твојата страст за уметноста и што те привлече кон избраниот медиум?

Се запишав на ,,Етнологија" затоа што не ме примија на ,,Факултет за ликовни уметности". Додека студирав наоѓав време да цртам и сликам, земав приватни часови за цртање. Тогаш имав ментор кој ми беше добар другар и ми даваше книги и ја учев и теоријата на уметноста. Ова траеше преку цела година без прекин. Прекинував само кога ги спремав испитите. Највеќе сликав кога бев втора година на студии. Тогаш секоја недела си местев во мојата соба нова мртва природа и секоја недела имав нова слика. Летно време можев повеќе време да бидам на Матка и таму си сликав пејзажи. Се́ што ќе насликав го коментирав со мојот ментор што го имав тогаш. Така да етнологијата влезе непланирано во мојот живот, а кога се запишав на сликарство на мои 47 години ми помогна многу поубаво да разберам некои  работи од теоријата на уметноста. Современата уметност и етнологијата се многу блиски затоа што денешната уметност обработува теми од животот. 

Погрешно е мислењето дека етнологијата се бави само со традициите.


 

Како ја гледаш моменталната состојба на уметничката сцена и како гледаш на новостите, трендовите или промените на кои сведочиш?

  

Културната сцена во Македонија ми личи на старец кој има 85 години. Одделни гранки на уметноста се затворени во себе. Музичарите не доаѓаат на ликовни изложби, сликарите не одат на промоции на книги, литературни читања веќе скоро и да нема. Ако поканам некој на Канал 103 од младиве што пишуваат, без разлика дали е поезија или проза, мислат дека ќе им напраам нешто лошо и бараат изговор да не дојдат. 


Има и светли точки во нашата Македонија. Има манифестации кои траат години наназад без никаква финансиска подршка. Така функционира еднодневниот фестивал „Под земја полесно се дише“. Организаторите на овој еднодневен настан го прават фестивалот  во подземните гаражи, под плочник, каде што се нивните атељеа. Трае само една вечер и откако гостите ќе си одат, организаторите и учесниците го чистат просторот за да можат гаражите следното утро нормално да функциораат. Ова е најсветлиот пример за ентузијазам. Слично е и со недостатокот на средства… долги години опстојува Македокс. Фестивалот добива сретства колку да ги покрие трошоците и толку. ама фестивалот тера  15  години. Исто така, долги години се случува Бош Фестивалот во Гевгелија, што едвај успева да ги покрие трошоците. Организаторите на овие манифестации го прават ова од чист ентузијазам и немаат скоро никаква заработка. Вакви културни настани имаше и во другите градови низ Македонија. Такви беа, Дрим Он во Струга, Акто во Битола ама веќе ги нема. Мислам дека овој ентузијазам го носат луѓе на возраст 20 до 35 години. Младите под 20 години, тешко се снаоѓаат со организирањето на вакви настани, а над 35 се зафатени со своите семејства. Така се менуваат генерациите кои ја дефинираат музичката сцена во Скопје низ годините. Така се менуваат луѓето од ликовната сцена,


Слично се менуваат и работите што се однесува на случувањата поврзани со литературата и музиката тоа е нормално.

           


 Колку се потпираш на своите соработници,  колеги, пријатели? Дали тоа заедништво е битен елемент во твојата уметност или можеш лесно и самостојно да функционираш? 


Денес ретко кој во било која дејност може да функционира сам. Дури и во процесот на создавање на ликовно дело, понекогаш потребна е помош од некој друг. Едно е кога работиш цртеж и слика а сосема друго е кога е во прашање друга техника како што е сито печат. За сито печат одам кај пријателите од Партизанска штампа за техничка поддршка. Сосема друга е прикаската кога се организира изложба и кога треба да се решат еден куп административни проблеми. Во тој случај вистина никој никој не може сам. Овде се повторно дугарите од Партизанска штампа. Поточно со Биљана Димитрова соработувам од 2012 година Биљана беше во тимот на Фрик Банда и го правеа Фрик Фестивал. Тогаш на Фрик Фестивал, учествував со Свирачиња а 2013 го направив големион ксилофон во МКЦ. Почетоците на Партизанска Штампа се од 2014 година, кога на Фрик Фестивал од Белград дојдоа наши приатели и не заразија со сито печат. Денес Партизанска Штампа е една голема неформална екипа каде што сме здужени многу уметници и пријатели од секакви професии со цел да си помагаме за било што. Сите овиие работи се многу нормални. За секој човек е многу подобро кога е во тим и кога работите ги прави тимски. Од друга страна многу е важно додека работиш некој проект да чуеш мислења кои не се исти со твоите, да чуееш мислења кои се дури и спротивни. Токму во спротивностите на мислењата е креативноста.                          

Доколку си дадеш дозвола да замислиш, која е твојата идеална македонска културна сцена? Што стои на патот да го исполниме тој идеал?


Ние овде во Македонија Можеме смо да си фантазираме за културна сцена во која уметниците кои сакаат да напраат концерт, изложба, претстава или сакаат да објават книга ке и бидат финансиски поддржани или од државата или од компаниите. За да може да се случи ова треба да се донесе закон за спонзорство па така компаниите да бидат стимулирани да финансираат проекти од културата. Од друга страна треба во секој град да има културен кварт или маало, каде што би имало концентација на културни збиднувања и атељеа за визуелни уметности  можеби комбинирано со стари занаети и угостителски објекти. Во Македонија нешто слично на оваа идеја има во Охрид и тоа само во туристичката сезона. Во  Струга и Скопје ваков потенцијал има во Старата чаршија ама таа е искомерцијализирана и за уметниците нема место. Во Битола и Крушево  има туристи ама тие не се заинтересирани за локалните уметници. Во другите градови од Македонија скоро и да нема културни збиднувања.



Можеш ли да ја опишеш твојата креативна рутина - дали постојат конкретни ритуали или навики кои ти помагаат да влезеш во креативен начин на размислување?


Не знам дали е тоа е ритуал, ама ми треба преда да почнам да сликам малку да поседам Пред сликата, да ги отворам боите  и за тоа ми требаат некои добри 15-тина минути.Сепак ми треба некое време да се прилагодам од надворешните влијанија и бучавата, па да почнам да сликам или цртам, ама не знам дали тоа е ритуал. Од искуство можам да кажам дека е пожелно и пред било што  да работиш да го смириш умот и да се концентрираш на тоа што го работиш.


Како церебралната парализа влијае на твојот креативен процес, ако воопшто влијае?


Церебралната парализа на мене влијае многу мотивирачки. Кога бев средношколец не бев многу комуникативенн не бев задоволен и сликањето ми помагаше да ги срушам тие бариери што ги имав. Сликањето ми помогна да се спуштам на земја и да го најдам вистинскиот начин на комуницирање со околината. Кога подоцна почнав да вежбам јога видов дека и преку јогата човек се ослободува од такви пречки. Испадна дека цело време сликарството сум го користел како арт-терапија.

Дали има специфични техники или адаптации што си ги развил за да си го олесниш твоето уметничко изразување? 


Јас лично немам никакви потреби од посебен вид помагала додека сликам. Во процесот на сликање немам потреба од помагала затоа што во тој процес немам временски огранчувања а исто така немам потреба од прецизност. Друг е случајот кога свирам перкусии. За Музиката времето е најважниот фактор. За процесот на сликање времето не е решавачки фактор. Дали една слика ќе ја напраам за два саата или за два месеца не е важно. Друго е кога работам со дрво и кога користам електричен алат, тоа е поопасно и тогаш ми треба повеќе внимание и заштитна опрема, ама, и тогаш не користам некои посебни помагала.



 Кој или што ја инспирира твојата уметност?

 Секој човек ги коментира и ги споделува работите што го опкружуваат: Некој тоа го прави во разговори со пријатели, некој пишува а некој тоа го прави со визуелна уметност. Последните неколку години моите дела ги покажуваат моите размислувња за прекумерното користење на интернетот и тоа какоо стануваме зависници на алатките што требаше да ни бидат само помагала. Сите овие работи се интересни да се претворат во уметнички дела. Од друга страна природата со својата динамика и непостојаност ми е секогаш интересна без разлика како е претставена во моите секојдневни белешки. Може тоа да биде цртеж со молив, може да биде било која сликарска техника а може да биде и текст. Човекот ми е огромна инспирација во секоја смисла. Без разлика дали како фигура или со  неговите активности.

Секојдневните муабети со моите пријатели за се́ и сешто се инспирација: за слика, за проект, за било какво потенцијално дело. Можеби некогаш разговараме за банални работи што ни се случиле во текот на денот и од сето тоа може да иузлезе итересна прииказна.


Денес темите и интересите во визуелните уметности немаат граница и ограничувања. Исто така нема ниакви ограничувања во начинот на кој тие теми се претставени. Ова го одредува квалитетот на делото, дали едно дело е оригинално или е плагијат. Двајца автори може да направат дела со иста тематика а тоа да го направат секој на свој оригинален начин.




Дали си  сретнал уметници кои влијаеле на твојата работа или уметничко патување? 


Лично запознав неколку уметници со попреченост. Некој од нив се бават со сликарство, но повеќето се бават со литература. Во Македонија и во Србија има ликовни колонии на кои заедно сликаат сликари со попреченост и сликари без попреченост. Во Македонија, Сојуз на здруженија на лица со телесна попреченост и овој сојуз, се труди да ги стимулира овие  лица а се бават со многу активности меѓу кои и литература и сликарство, и благодарение на овој сојуз во нашата земја се одржува ваква колонија. 

Сликарите со попреченост кои ги знам немаат формално образование ама затоа сликарството им е преокупација. Овие сликари од другите земји постојано учествуваат со свои дела на меѓународни конкурси а поретко на колонии. Преку овие дружења и јас и сите други гледаат дека сликарството за некои уметници со попреченост се претвора во мотивација за живот и начинн да се излезе од изолација и анонимност. Јас вистина и́ се дивам на Розе Мојсовска, која со помош а сликарството успеала да надмине многу психолошки пречки во животот.

 Да не заборавиме дека во нашава средина на простилук, лицата со инвалидност трпат огромен психолошки товар затоа што не се прифатени од другите.  Меѓу сликарите со попреченост,  исто така ја имаме и Афердита Кики која дипломира на Факултетот за Ликовни У метности во Тетово и со нејзиното сликарство го прошета цел свет. 

Интересна е приказната на мојот пријател Метод Закотник од Словенија кој во скок со падобран ги повредил нозете и сега е во количка. После секакви обиди да се опорави, уметноста, поточно сликарството му помогнало да ја прифати новата реалност. Од Словенија исто ги запознав Драгица Сушањ и Војко Гашперут, кои се во инвалидска количка но се активни во ликовниот живот  во нивната земја. Овие  неколку мои пријатели можеби не влијаеле стилски на мојот израз ама ми се пример за позитивна енергија и оптизизам а тоа го добиваат преку уметноста. Ова ми паѓа во очи затоа што околу себе гледам многу од луѓе од секакви професии кои немаат никаква попреченост а паѓаат во депресија и апатија и зрачат со песимизам и на некој начин се токсични.





Каде се позиционираш во својот уметнички стил и како тој еволуираше со текот на времето?


Уште на почетокот кога почнав да сликам, како мотиви ги сакав природата, човекот и сите работи што ме опкружуваат. Сите овие работи можат да се претстават на најразличен начин. Јас не можам да се ограничам дали овие работи ке ги прикажам преку фигурација и човековата фигура, Дали за проблемите на денешниот човек ке зборувам преку некоја концептуална поставка. Кај мене сето тоа оди спонтано. Многу е поважно за што зборува еден автор и едно дело, отколку како е стилски изведено. Кај мене се́ си оди спонтано и инспирацијата нема граници. Кога сум во природа секогаш имам мало блокче и Господ знае што се́ може да се случи. Исто така имам добра камера од телефонот, така да можностите од моментот да се направи скица или приказна се огромни.


Гледајќи напред, дали има конкретни цели или пресвртници што сакате да ги постигнете во вашата уметничка кариера?

Само сакам што помалце луѓе да ми ги разбираат делата и изложбите.


Разговараше: Ана Чушкова;

bottom of page