top of page

Дојде Бадник!

Во Скопје иако коледарчиња речиси и да нема, сепак вечерва сме сигурни дека ќе се осветлат социјалните медиуми со среќни свежи сопственици на паричките кои им паднале. Македонија има неверојатна ризница на обичаи и традиции кои датираат и пред христијанството, но успеале да се венчаат со него... Ова е територија каде што земјоделците и сточарите зависеле исклучиво од наклонетоста на природата, среќата и натприродна сила која се обидувале да ја одоброволат...


Би било вистинска штета да се заборават овие обичаи(иако за жал, свештените лица инсистираат на тоа) па преку низа примери ќе се обидеме да ја освежиме културната меморија:


Добро утро, стара бабо

Дај колач и погача

Напи с'вино и ракија!


Лепчето и паричката


Домаќинот го крши лепчето пред да почне вечерата.

Првото парче е за Господ.

Потоа за куќата.

Па за стоката

И најпосле за луѓето - и тоа по старост: прво мажите па жените.

Сите во своите парчиња ја бараат паричката и оној што ќе ја најде е најсреќниот/та - за таа година. Потоа домаќинот ја откупува парата. Откупената пара се чува.


Во Гуѓаково и Галишта се врзува ба пагурчето за ракија и се носи на Божиќното утро во црква. На пагурчето парата се чува повеќе години.

Во с.Црешнево се става во чаша со ракија и се чува три дена.

Во Пагаруша, најдената пара се врзува на винското грне.

Во с.Давидово домаќинот ја крши погачата на два дела а потоа ја дели: прво на Господ, потоа на земјата, на водата, па за стоката, и за луѓето.

Во Црешнево го канат и ветерот за да им дува летно време. Две жени ја земаат погачата (на која што има чаша со ракија) едната ја става на глава, и одат на гумното на стожерот, се вртат три пати и викаат: „Ветре, ти донесовме пиење, јадење, в лето да дојдиш кога ќе вршиме, да дуваш и да го вееме житото!„ - три пати. Кога се враќаат дома викаат:

Домаќине отвори!

„Кој вика?? Какво е времето надвор?!„

Тие му одговараат: „Над сите куќи ведро ,над нашата облачно„ - после ова го кршат и делат лепчето.


утре вечер бадник-вечер,

бадни коња на пазара

купи риба и јогули

дојди дома да ја вариш

пи си вино, весели се


Дрвцето

Во Мариово бадниковица, во Гари бодница, во Давдиво бадница, а во Папрадишта бадник....

Речиси секаде е пресечено зелено дрво, а во с.Руља коледарска гламна од огинот на Коледе, се носи дома и не смее да се изгасне до Василица.

Во с.Гуѓаково се сечат три бадниковици од горуба, даб и смоква. Се сече и дива круша (горница) но вогалавно даб. Откако ќе се пресече се става во дрварникот додека да замрачи, а потоа се носи дома и се става во огинот да гори.

Во Гари и Галичник по бадниковицата одат деца и сечат 11, 13, 15 но никако парен број. Една си оставаат дома а другите ги даваат по роднини. За однесената бадниковца на детето му даваат пара и костени. При сечењето и носењето на бадниковицата децата пеат:

Пријде, дојде Коледица,

Коледе, коледе,

Како сега, така и в година,

Коледе, коледе,