од Томас Л. Фридман;
Со оглед на тоа што Блискиот исток е на работ на целосна копнена војна, во петокот наутро размислував за тоа како последните две големи војни на Израел имаат две многу важни заеднички работи: и двете беа започнати од недржавни актери поддржани од Иран - Хезболах од Либан во 2006 година, и Хамас од Газа сега - после повлекувањето на Израел од нивните територии.
Обете започнаа со дрски напади на граничните премини - Хезболах уби тројца и киднапираше двајца израелски војници во 2006 година, додека Хамас покрај војниците брутално уби повеќе од 1.300 и киднапираше околу 150 израелски цивили, вклучително и постари луѓе, бебиња и мали деца.
Таа сличност не е случајна. И двата напади беа дизајнирани да ги оспорат новите трендови во арапскиот свет, кој почна да го прифаќа постоењето на Израел во регионот.
И што е најкритично, резултатот од овие изненадувачки, смртоносни напади преку релативно стабилните граници беше тоа што тие го излудеа Израел.
Во 2006 година, Израел во суштина му одговори на Хезболах: „Мислите дека можете едноставно да правите луди работи како киднапирање на нашите луѓе и ние ќе го третираме ова како мал спор околу границите?! Можеби изгледаме како да сме од Западот, но модерната еврејска држава преживеа како „вила во џунглата“ - по описот на поранешниот израелски премиер Ехуд Барак - „затоа што ако дојде ножот до коска, ние сме подготвени да играме по локалните правила. Немајте илузии за тоа. Нема да можете да бидете полуди од нас за да не́ избркате од маалото“.
И така израелските воздухопловни сили немилосрдно удрија по домовите и канцелариите на раководството на Хезболах во јужните предградија на Бејрут во текот на 34 дена колку што траеше војната, како и клучните мостови во и надвор од градот и меѓународниот аеродром во Бејрут. Водачите на Хезболах и нивните семејства и соседи платија многу лична цена.
Одговорот на Израел беше толку жесток што лидерот на Хезболах, Хасан Насралах, рече во сега фамозното интервју на 27 август 2006 година, со либанската Нова ТВ станица, набргу по завршувањето на војната: „Не мислевме, дури ни 1 процент, дека фаќањето [на двајца израелски војници] ќе доведе до војна во овој момент и со овие размери. Ме прашувате, да знаев на 11 јули ... дека операцијата ќе доведе до таква војна, дали ќе постапев на ист начин? Велам - не, апсолутно не“.
И навистина, од 2006 година, границата меѓу Израел и Либан беше релативно стабилна и тивка, со малку жртви на двете страни. И додека Израел беше погоден во однос на неговиот глобален имиџ поради масакрот што го нанесе во Бејрут, тој не беше ни приближно толку изолиран во светот или на Блискиот Исток на краток или долг рок, на што се надеваше Хезболах.
Хамас сигурно ја пропуштиле таа лекција кога реши да го наруши статус квото околу Газа со сеопфатен напад врз Израел минатиот викенд. Ова е и покрај фактот што во текот на изминатите неколку години, Израел и Хамас развија некој вид на соживот околу Газа што им овозможи на илјадници жители на Газа да доаѓаат во Израел секојдневно за работа, ја полнеше касата на Хамас со парична помош од Катар и им даде на жителите можност да работат со Израел, при што стоките од Газа се извезуваат преку израелските поморски пристаништа и аеродроми.
Наведените причини на Хамас за оваа војна се дека владата на Бенјамин Нетанјаху ги провоцира Палестинците со утринските прошетки што израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, ги правеше околу џамијата Ал Акса во Ерусалим и со чекорите што тој ги преземаше за да ги направи условите на затвораниците Палестинци потешки. Иако овие потези на Израел беа нашироко гледани како провокации, тие едвај го оправдуваат Хамас да ги стави сите свои влогови на маса како што тоа го направи минатата сабота.
Поголемата причина поради која дејствуваше сега, а која Хамас нема да ја признае, е тоа што виде како Израел е повеќе прифатен од арапскиот свет, а наскоро можеби и од родното место на исламот, Саудиска Арабија. Иран беше приклештен од блискоисточната дипломатија на претседателот Бајден, а Палестинците стравуваа дека ќе останат заборавени.
Така, Хамас во суштина рече: „Во ред, Евреи, одиме таму каде што никогаш претходно не сме биле. Ќе започнеме сеопфатен напад од Газа кој нема да запре со војници, туку ќе ги убие вашите баби и дедовци и ќе ги заколат вашите бебиња. Знаеме дека е лудост, но ние сме подготвени да ризикуваме за да ве испровоцираме да станете полуди од нас, со надеж дека пожарите ќе ја согорат целата арапско-израелска нормализација во процесот“.
Да, ако мислите дека Израел сега е луд, тоа е затоа што Хамас го удри со тупаница по лицето, го понижи, а потоа му го избоде едното око. Така, сега Израел верува дека мора да го врати своето одвраќање со тоа што ќе докаже дека може да го над-луди најновото лудило на Хамас.
Израел ќе ги применува правилата на Хама - термин измислен пред години да се опише стратегијата што ја примени во 1982 година сирискиот претседател Хафез ал-Асад, кога политичките предци на Хамас, Муслиманското братство од Сирија, се обидоа да го соборат секуларниот режим на Асад со започнување на бунт во градот Хама.
Асад со денови немилосрдно ги напаѓаше населбите во кои беше Братството во Хама, не пуштајќи никого да излезе, и внесе булдожери и го израмни како паркинг, убивајќи околу 20.000 свои луѓе во тој процес. Отидов по тие урнатини неколку недели подоцна. Еден арапски водач што го познавам ми кажа приватно како, потоа, кога го прашаа Асад за тоа, тој лаконски ги крена рамениците: „Луѓето живеат. Луѓето умираат“.
Добредојдовте на Блискиот Исток. Ова не е како граничен спор меѓу Норвешка и Шведска или жестока дебата во Харвард Јард. Господи, колку би сакал да беше, но не е.
Оваа војна, Израел-Хамас, е дел од еволуирачката ескалација на лудоста што е во тек во ова соседство, но секоја година станува се́ поопасна бидејќи оружјето станува се́ поголемо, поевтино и посмртоносно.
Како Бајден, јас стојам 100 отсто со Израел против Хамас, бидејќи Израел е сојузник кој споделува многу вредности со Америка, додека Хамас и Иран се противат на она за што се залага Америка. Таа математика ми е прилично едноставна.
Но, она што ја прави оваа војна различна за мене од која било војна досега е внатрешната политика на Израел. Во изминатите девет месеци, група израелски крајнодесничарски и ултраортодоксни политичари предводени од Нетанјаху се обидоа да ја киднапираат израелската демократија на очиглед на јавноста. Религиозно-националистичко-доселеничката десница, предводена од премиерот, се обиде да го преземе израелското правосудство и другите клучни институции со елиминирање на моќта на израелскиот Врховен суд да врши судска ревизија. Тој обид отвори повеќекратни фрактури низ израелското општество. Израел непромислено беше доведен од неговото раководство, на работ на граѓанска војна поради идеолошко бегство во фантазијата. Овие фрактури беа согледани од Иран, Хамас и Хезболах и можеби ја поттикнаа нивната смелост.
Ако сакате малку да ги почувствувате тие фрактури - и вулканскиот гнев кон Нетанјаху за начинот на кој ја подели земјата пред оваа војна - погледнете го видеото што стана вирално во Израел пред два дена кога Идит Силман, министерка на Ликуд партијата на Нетанјаху, беше исфрлена од болницата Асаф Харофех во Црифин кога отиде да посети повредени жртви.
„Ја уништивте оваа земја. Бегај одовде“, ѝ викнал израелски лекар. „Како не ви е срам да водите нова војна?„“ ѝ рекол друг човек. „Сега е наш ред“, се слуша како докторот вреска на видео објавено на X, порано познат како Твитер, а објавено од The Forward. „Ние сме на власт. Ќе владееме овде - десно, лево, обединета нација - без вас. Уништивте сè!“
Израел претрпе неверојатен удар и сега е втурнат во морално невозможна војна за да го над-луди Хамас и истовремено да ги одврати Иран и Хезболах. Липам за ужасната смрт што сега ги чека толку многу добри Израелци и Палестинци. И, исто така, длабоко сум загрижен за израелскиот воен план. Едно е да се одврати Хезболах и одвраќање на Хамас. А нешто сосема друго да се замени Хамас и зад себе да остави нешто постабилно и попристојно. Но, што да се прави?
Конечно, сепак, како што стојам денес со новата израелска влада на единство во нејзината борба против Хамас за да го спаси телото на Израел, ќе стојам и по оваа војна со бранителите на демократијата на Израел против оние кои се обидоа да ја киднапираат душата на Израел.
Томас Л. Фридман (Thomas L. Friedman) е колумнист за надворешни работи во сегментот Opinion. Тој се приклучи на The New York Times во 1981 година, и има освоено три Пулицерови награди. Автор е на седум книги, меѓу кои и „Од Бејрут до Ерусалим“, која ја доби Националната награда за книга.. @tomfriedman Facebook
Comments