top of page

Изменета свест во неколку потези: минијатурна лична, универзална и локална


Прв пат, формално, во школо, слушнав како комплетниот молк, на тема дроги, прекинува на час по македонски, кога професорката како фуснота додаде, како била напишана Кубла Кан на Колриџ. Самиот тој помен беше револуционерен, како хипокризијата, и позиционираноста на школото, институцијата која се занимаваше со нас, откако некаква свест се има пробудено, како авторитарна, секогаш со закана дека може да ти биде и мајка и маќеа, и да се струполи врз тебе како тон од цигли, значи конечно некаква искра на пријателска и искрена поврзаност. Но, прејдовме на Ана Каренина, љубителка на опиум, и молкот продолжи. Зошто се фрлила под воз кој јуриша? – Можеби не било толку очај, колку што било и бессознание? Еден прекорен поглед го заврши тој разговор.


Тоа беше период, на доцните 90-ти, кога ја изгубивме југословенската култура, каде што и покрај социјализмот, имаше нечуени проблици во уметноста најмногу, на либерализам и прогресивност, но која е анегдотална, и колку фактички тој либерализам постоел, а не е само носталгија, е можеби тема за друга прилика. Беше епоха во епилогот на кулминацијата на гранџот, кој беше носечки звук, и неколку години после самоубиството на Курт Кобеин, измачен поет со наивност и несташлук на дете, икона од тој калибар која се појавуваше во поп-културата еднаш во секоја деценија или две. И беше џанак. Некако не ни беше јасно дека тој не беше последица на тој факт, но математиката беше јасна: сите неоспорни таленти колку што можеше нашиот тинејџерски поглед да досегне во хоризонтот го имаа тој заеднички носител. „Доколку вратите на перцепцијата се отворени, сè ќе ни се чини како што е: бесконечно“ – вака се сеќавам на цитатот, сега после 25 години и можеби по прв пат го гледам на англиски: „If the doors of perception were cleansed every thing would appear to man as it is: Infinite“.


Значи во доцните 90-ти, како заклучок на 20 век, една работа беше извесна, сè што можевме да впиеме од спорадичните и измачени преноси на МТВ на третиот канал, на радио, веќе и на интернет, по концертите и журките и патот кон и од нив, кога сè уште и неколку голтки пиво нè онеспособуваа, музиката, книгите од било која ера и жанр: животот нема да биде потполн доколку не експериментираме со дроги. Не знаеме точно кои ќе бидат, и како ќе изгледа, но едноставно нема смисла да се искуси живот доколку целата култура која ја впивавме, и даваше значење, контекст и сочност, естетика, па и морален компас, не можеме сосема да ја разбереме. Нешто како акапела пеење, а музиката на слушалките е исклучена.


И беше извесно дека некој џоинт ќе улета, од некого, во тој момент, некои постари, полукави и поочајни од нас, ќе ни ги соберат парите. Ќе дуваме камилица, или оригано, но конечно – ќе се случи. Јас лично бев занемена од искуството, за кое и после толку зборување, читање, објаснување, нормално, немав референци кои ќе го доловат. Занемев, но не сосема, знам дека кажав „луѓето велат за трава дека е лесна дрога?!“ и сите бескрајно се смееја. Но, после два реда искуство со анксиозни напади и параноја, и нешто НТШ, бев обесхрабрена, а и го ислушав целиот трип хоп што го имав, неколку пати – конечно доби смисла. Се обидов да читам, но фокусот беше очаен (додека имаше луѓе кои тоа им беше помагало за спремање испити!) и некако отпаднав од тој воз, на пушење трава.


Но, иницијацијата ја пројдов, и можев да кажам дека имав позади себе едно значајно човечко искуство кое се провлекува откако луѓето се луѓе онакви како што ги знаеме денес, на темели на цивилизации, и ѕидини од култура. И како такво никако не можам да кажам дека го зажалив, иако вратите на перцепцијата во смисла на Алдоус Хаксли, не беа прочистени, односно отворени, затоа што до ден-денес немам пробано халуциногени дроги, а тој се обраќа од позиција на човек кој консумирал мескалин кој помогнал со перспективата и отворени, односно прочистени врати.


Дали јас, или моите современици во слична ситуација, би можеле да претпоставиме со сигурност дека имале слични искуства, е прашање за кое можеби статистиките само половично можат да ни посочат – оние кои се заведени во легалниот лавиринт, побарале медицински услуги како резултат на хронично или рекреативно користење дрога, но е секако прашање кое е дел од поширока, ако не и филозофска дебата. Дали луѓето се така составени, да бараат оддишка во супстанци надвор од нас, кои би го одземале притисокот од психолошкиот експрес лонец, и оневозможат и олеснат експлозија која е неминовна, во рецепт на животот кој знае да нè чукне по тилот, плукне во лице, нагази на плускавец, или сосема да нè онеспособи со удар во градите. Оддишка во форма на десетминутна пауза на кафе (кое почнално да се користи во Етиопија како би се задржал фокусот во исцрпни религиски ритуали, но и ловечки походи, откако забележале сточарите дека козите не спиеле навечер откако јаделе од бобинките – барем таква е легендата, за потоа да се прошири во Арапскиот Полуостров) и цигара или три (тутунот е култивиран уште 6 000 г. пр. н. е. од домородните Американци, во 1 в. пр. н. е. е користен како билка користена во религиозни обреди, а од 15 век колонизаторите ја вратиле во Европа, од кога и се популаризира, на начин кој го знаеме денес). Kафе и цигара, алкохол, во нашата култура се толку интимно вплетени во секој аспект што не предизвикуваат ниту реакција ниту инвоцираат посебно внимание при нивниот помен, супстанци со благи психотропни ефекти, но во исламските култури – строго забранети. Исто како што бил забранет за време на прохибицијата, а и строго казнувана неговата консумација (освен за луѓе во одминати години) во Америка пред доаѓањето на колонизаторите. Цигарите споро, но сигурно напредуваат до статус на целосно стигматизирање во Северна Америка, но и Западна Европа.


Самите овие забелешки укажуваат на тоа дека не е прашање на специфична енкултурација и социодизајн, кој има мрачен конспиративен тон, каде што некој човек или група луѓе немале среќа или разум или воспитување и морален компас, туку дека овие искуства се универзални. Она што е специфично е, ритуалите кои речиси спонтано се развиле додека се приспособувале на локалното социјално, па и духовно тло, кои не биле, пак, од своја страна, изолирани од глобалното искуство и култура. Како се одвива навигацијата легална, медицинска, од аспект на намалување на штети – е динамичен процес и процес кој никогаш нема да биде конечен, но можеме да се надеваме дека ќе биде усовршен колку е тоа можно, како човековата природа и однесување ни станува поблиско. Овој поход, на ниедно поле никогаш не бил напуштен, од ниту еден аспект на човековите активности.

ЕНТЕОГЕНИ: „en“ [внатре, во], „theo“ [Бог] и „gen“ [создава, креира] – неологизам кој либерално ги олабавува стегите што може само еден термин да ги внесе во поимањето на цели контексти и принципи; алтернатива на „религиозна употреба на психотропни, психоделични суптанци кои со тоа што ќе ги воведат свештениците (шаманите, магионичарите (во окултен смисол)), оние кои се иницираат во таа улога, или пак: болните на кои им треба интервенција, да се извадат од состојба на болест, а во магиското мислење тоа би била состојба на опседнатост од духови, на заразеност од демони на пат на здравје, од ред во хаос, во овоземност, во чистота. Магиското мислење сè уште не е религиско. Тоа не му претходи, ниту му е супериорно во цивилизациска смисла. Религијата не е еволуција на магијата. Всушност, магиското мислење по своите методи и логика има сличности со научното мислење, логика на контролирање на исходот, преку строго пропишани рецепти. Во деведесеттите, кои за мене беа декада кога животот и светот се отвори на поозбилно и пошироко ниво, и го продолжив школувањето на книжевност, како контраст во однос на конзервативноста што ја сретнував во школувањето до тогаш, почнавме (или за мене продолживме) да ги третираме овие теми на академско ниво. Тоа беше епоха на почеток на транзицијата, која никако не заврши, смена на системи, вредности, на сите можни полиња, а во еден момент најбуквално и егзистенцијален: пролетта кога авионите на НАТО надлетуваа, го пробиваа звучниот ѕид, полиците на супермаркетите беа испразнети во исчекување на неминовната војна, море од бегалци ја преминаа северната граница, Албанците во кампови и по домовите на роднините, а Србите, веројатно, исто така по домовите на роднини и познаници. Скопје го поплавија странски новински куќи, алкохол, таблети за смирување, тие доминираа и имаше атмосфера на „заминување со тресок“. Она што го слушнав на вежбите и часовите тогаш беше дека овој тип на периоди и простори, лиминални, гранични, лабилни, се плодно тло на тоа магиско делување и мислење. Бајачки, ТВ-тарот – експерти, астролози со сертификати беа новина, но згрозеноста на научниците и академиците беше насочена повеќе кон свртувањето кон религијата, кон конзервативизмот, регресија и деволуција б