top of page

Искрениот и нежен портрет на последната година на родителите на една фотографка

од Ирен Орби за Њујоркер;


Стариот пар лежи на грб на бел јорган, фатен за рацете како пар хартиени кукли. Нивните опуштени лица имаат изглед на грчки маски: процепи за затворени очи и црни дупки за ноздрите, усти свртени надолу како месечеви српови. Дали е ова вечен одмор или попладневна дремка што само наликува на него? Портретот се појавува на средината на „Додека смртта не се раздели“, нежна, висцерална серија фотографии на Боб и Мери Беренс, кои имаат на осумдесет години и се од Тексас во шеесет и седмата година од нивниот брак. Фотографката, нивната ќерка Беки Вилкис, ја направи фотографијата неколку месеци откако започна пандемијата на коронавирусот за време на она што се покажа како последната година на животот на нејзините родители.





Парот Беренс се родени на една милја оддалеченост еден од друг во 1931 година. Тие се запознале во средно училиште преку Католичката младинска организација, и се венчале кога биле во нивните рани дваесетти години, откако Боб служел во Корејската војна. Тој имаше кариера во телефонската компанија Southwestern Bell, напредувајќи од инсталатор до извршен директор. Таа родила четири деца, дипломирала како млада мајка и предавала на паралелките во петто одделение во Хјустон. Во пензија, парот Беренси стекнаа лиценци за агенти за продавање на недвижен имот и доброволно работеа во болница во Вако - Мери го работеше регистарот за продавницата за подароци, додека Боб туркаше болнички кревети за брзата помош - пред да завршат таму како пациенти. Боб беше примен во јануари 2020-та година со конгестивна срцева слабост. Набргу потоа Мери доживеа мозочен удар. Неколку недели тие се лечеле во соседните и споени соби, но додека Мери заздравуваше и беше преместена во единица за независно живеење, состојбата на Боб се влоши и беше преместен во болница за терминално болни.

И тогаш дојде ковид. Вилкис, која ја посетуваше болницата со нејзините браќа и сестри донесе итна одлука да ги пресели своите родители во нејзиниот дом. Нејзиниот брат и сестра ги однесоа со некои од нивните работи, а таа вечер Боб го изеде својот прв целосен оброк тие неколку недели - супа од домати и сирење на скара.



„Боже сонцево е добро!“, 30 ноември 2020 година.



„Ова порано не беше толку тешко“, 16 февруари 2021 година.

Вилкис и нејзините браќа и сестри не очекуваа дека нивниот татко ќе издржи повеќе од неколку недели. Боб кој беше висок 1.81м ја намали тежината на околу 55 килограми. Мери едвај успеа да стане од каучот. Сепак, дел од нивната сила се врати во текот на утрата поминати заедно одмарајќи се во кревет или туркајќи ги нивните одалки по дрвеното пристаниште зад домот на нивната ќерка. Како дете, Вилкис ретко сведочеше на гестовите на љубов на нејзините родители, но исполнувањето на заветот „Додека смртта не не раздели“ ја осветува.


Боб и Мери тимски решаваат крстозбори, FaceTime-уваат со правнуците и си помагаат еден на друг да си ги вовлечат нозете во ортопедски чевли. За да и́ угодат на двојката, Вилкис и нејзиниот сопруг ставија водоотпорна постелнина и поставија решетки во бањата. Додека се мотаат низ куќата, Боб и Мери поретко изгледаат како пензионери, отколку како самосвесни клинци. Таткото на Вилкис, кого нејзиниот брат го опишува како „професионален мајтапџија“, е сликан како се занимава со домино фигура, додека нејзината мајка изгледа саркастична и разиграна принесувајќи ја млазницата на рачниот небулајзер до усните како да е свирче за забава. Нивните геријатриски додатоци се клучниот потсетник за нивната кревкост.


„Дали сè уште се помести иглата?“, 10 април 2020 година.

„Изгледам прилично проклето добро за стара жена“, 8 април 2020 година.

„Боб, ќе биде во ред“, 19 ноември 2020 година.

„Попладневна уживанција“

„Проба дали е А-С-И-С-Т-И-Р-А ?“

Во еден портрет Боб и Мери седат еден до друг на дрвени клацкалки, свртени со грб кон камерата додека се восхитуваат на затскриениот поглед на езерото. Нивните одалки се поставени зад и покрај нив. Како и сите кадри во „Додека смртта не се раздели“, и оваа слика го зема насловот од нивните зборови: „Да му кажам на тато дека умираме?“


Вилкис, мајка која е домаќинка, студирала хемиски инженеринг на колеџ, не се занимавала со фотографија се́ додека нејзините сопствени деца не пораснале и не заминало од дома. Нејзините рани дела вклучуваат елегантни студии за ѓубрето од брегот - топчиња за голф и пивски шишиња, 'рѓосани клинци и контејнери - откинати од брегот и поставени во таксономски колажи. Пред да се преселат нејзините родители, таа имала малку искуство со портретирање, а за „Додека смртта не нè раздели“ воспоставила едно основно правило. Доколку Боб и Мери затворат врата зад нив, таа нема да ја отвори. Инаку, како што треба да се забележи изјавата на една уметница, таа ги сметаше за „целосно послушни“ - дури и кога се муваа под чаршавите во портретот насловен „Попладневно уживање“. Едно чудо на серијата е искрениот однос на Вилкис кон телата на нејзините родители. Боб се качува на вага со една нога, како фламинго што стапнува на рамна карпа („Дали се помести иглата?“). Мери, сликана одзади, се соблекува за да се тушира ​​со пареа („Изгледам прилично проклето добро за една стара жена“). Под објективот на Вилкис, разголениот тен на нејзините родители личи на сè: од бледо, недоволно набабрено тесто до остра хартија. Мери, со крпа на градите, се чуди на сопствените темни вени, видливи и жилави како селските патишта на стара карта.


„Боб ти го отпишувам животот“


На новогодишната ноќ, девет месеци откако парот се преселил, Боб паднал додека вежбал јога со своите правнуки. „Тоа е она што вие го нарекувате несреќа“, рече тој, обидувајќи се да се насмее, но колкот му беше скршен. Неколку дена подоцна, назад во болницата, Вилкис ги сними последните моменти на нејзиниот татко од перспектива на нејзината мајка. Мери ги овластила лекарите да ја прекинат неговата поддршка во живот („Боб, ти го потпишувам животот“) и на самиот крај, стисна во неговите млитави, познати прсти фотографија за паричник („Земи ме со тебе“ ). Таа поживеа уште два месеци, облекувајќи се и соблекувајќи сама („Ова порано не беше толку тешко“) или читајќи под ќебето на Боб на неговото старо место на софата („Можеби ако седам токму таму каде што седеше“), пред да подлегне на компликации од пневмонија.

„Збогум, те сакам“, 5 март 2021 година.

Боб и Мери сакаа сонце, свежо кафе и кантри танцување. Тие оставија зад себе четири деца, девет внуци и повеќе од десетина правнуци, вклучително, како што Вилкис вели во некролозите, едно или две „неименувани бебиња кои ќе дојдат набрзо“. Вилкис го сними погребот. Таа продолжи да фотографира и потоа. Таа ги фотографираше отфрлените одалки на нејзините родители, склопени во гаражата и златните кутии во кои се чуваат нивните кремирани остатоци. Таа организираше локална изложба на тие фотографии заедно со „мебелот“ што го направи од паломи и влошки за инконтиненција. На прозорците на галеријата, таа залепи винил транскрипции на текст од честитките за сочувство што ги доби нејзиното семејство. Таа дури предоцна сфати дека нема речиси никакви фотографии од себе со нејзините родители од нивната последна година заедно. „Во ретроспектива признавам дека имаше моменти кога ја користев камерата за да ме дистанцира од моментите на кои им сведочев“. „Додека смртта не не́ раздели“ ги зачувува тие моменти со грижа: Боб и Мери еден за друг, а нивната ќерка за нив.


„Водава едноставно ти зборува“

bottom of page