top of page

Книжевна вечер со хрватскиот автор од БиХ, Жарко Милениќ во КИЦ

Културно-информативниот центар – Скопје (КИЦ) ќе биде домаќин на реномираниот прозаист, драмски автор, поет и преведувач, Жарко Милениќ. Настанот е закажан за четврток, 29 мај 2025 година, со почеток во 19:19 часот, во Салон Империјал 2.

Оваа вечер ќе биде посветена на богатото и разновидно творештво на Милениќ, автор чии дела ги надминуваат границите и јазиците. За неговиот книжевен опус и значење ќе говорат проф. д-р Славчо Ковилоски и Нове Цветаноски,

Роден во 1961 година во Брчко, Босна и Херцеговина, Жарко Милениќ е фигура со импресивна кариера. Неговиот живот и творештво се протегаат низ различни градови и култури – од Осиек и Риека, до неговите сегашни адреси во Брчко (БиХ) и Подмосковје, Русија.

Неговиот авторски печат е видлив во повеќе од триесет прозни дела, вклучувајќи романи и збирки раскази, четири поетски книги, две книги со критики и една со есеи. Милениќ е познат и како приредувач на антологии и тематски избори, како и автор на радиодрами. Неговата работа е преведена на македонски, украински, ерменски, руски, француски и англиски јазик, а неговиот талент е препознаен и наградуван во Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Ирак и Кина.

Милениќ и Македонската Книжевност

Македонската публика имаше можност да се запознае со делата на Милениќ преку преводите на романите-сказни за деца „Леон, ученикот на волшебникот“ и „Леон во Стаклената Гора“, романите „Ги изеде дождот“ и „Заедно“, како и расказите „Од училиште до дома“. Тој е и приредувач на „Антологијата на хрватски научнофантастични раскази“ објавена на македонски јазик.

Посебно значаен е неговиот придонес како преведувач и промотор на македонската литература. Со преведени повеќе од десет книги од македонски на босански, хрватски и српски јазик, Милениќ игра клучна улога во афирмацијата на македонските автори во регионот.


Пророчица

(извадок од роман)

Жената беше сосема обична. Обична домаќинка. Домаќинка која не се шминка, не ја следи модата, не внимава на линијата. Домаќинка која, значи, седи по цел ден дома. Кога некој ќе ѝ дојде, муабети со него со кафе. Кога е сама, гледа телевизија.

Се надевам дека никогаш нема да бидам таква. Дека никогаш нема да изгледам како домаќинка. Не би сакала да бидам таква. Не би сакала да бидам домаќинка.

Жената можеше да има најмногу педесет години. Имам доволно време да се подготвам. Да се подготвам да не бидам како неа.

Влезе во дневната соба. Таа просторија истовремено беше и кујна.

 -Седни. - покажа на неугледната, празна маса.

Седнав.

Таа нали вода од чешмата во мало ѓезве и го стави на стариот плински шпорет. Го запали плинот со автоматска запалка.

 -Брзо ќе биде кафето. - рече.

Не е баш гостопримлива, помислив.

Не ме праша дали пијам кафе.

Пиев кафе со млеко. Дали имаше млеко? Кога кафето беше готово, зеде од висечкиот кујнски елемент стандардна бела шолја и го истури кафето во неа. Само за мене. Нејзе, изгледа, ѝ беше доста кафе за денес.

 -Испиј го кафето. - ми рече. Не звучеше како наредба.

Бев гладна. Сакав нешто да јадам, а не да пијам кафе. Немав обичај да пијам кафе во ова време. Кафето ќе ми го расипеше апетитот. Ако го испиев, ќе го одложев ручекот за барем два часа. Тоа веќе немаше да биде ручек, туку вечера. А јас не вечерам. Оваа, дебела домаќинка, сигурно вечера и тоа обилно.

Жената, значи, нема да пие, туку ќе чека јас да испијам.

Непријатно ми беше да кажам дека не ми се пие кафе. Зошто не ме праша? Ќе ѝ кажев дека не можам.

Непријатно ми беше да побарам млеко. Како ќе пијам кафе без млеко?

Пиев кафе со млеко од две причини. Првата беше таа што повеќе ми се допаѓаше вкусот на белото отколку на црното кафе. Втората, што во врелото кафе се става ладно млеко. Млекото така го разладува кафето. Не сакам да пијам ниту да јадам ништо врело. Ладното не ми пречи. Помеѓу храна од фрижидер и онаа тукушто зготвена, би ја избрала ладната. Една дизајнерка, откако ми ги погледна дланките, ми рече дека сум ладен тип.

 -Пиј го кафето. - Жената одеднаш стана нетрпелива. Или така ми се чинеше.

 -Благодарам. - реков и се напив голтка.

Беше врело. Како што и претпоставував. Сега цел ден ќе ме пече јазикот. Ужас. Продолжив да пијам. Никогаш не сум пиела кафе толку бавно. Кога конечно го испив, ја погледнав жената. Таа не гледаше во мене, туку во шолјата. Кога го испив, ја зеде. Ја подигна и почна да ја разгледува.

Значи, така таа пророкува, бев разочарана. Од кафе.

 -  Живееш сама во стан што си го наследила...

Точно, сакав да кажам. Но, бев толку изненадена што останав без зборови.

-Станот си го наследила од мајка ти. Татко ти е во родителската куќа во твојот роден град... Далеку. Го посетуваш кога можеш. Тој те оптоварува. Но, не грижи се, нема уште долго...

И ова беше точно. Неверојатно.

 -Имаш брат близнак кој живее блиску до вашиот татко. Но, не сте во контакт...

Зарем знае и за Сандро? И дека со години не разговараме?

-Работиш здодевна работа...

Во право е. Сметководството е навистина здодевно.

-Немаш пријатели...

Гледам некои личности почесто од другите, но никого од нив не би можела да го наречам мој пријател.

-Немаш многу пари...

Навистина немам. Платата не ми е баш голема. Многу работи не можам да си ги дозволам. - Никаде не излегуваш...

Реков како не би сакала да изгледам како домаќинка. Не сум домаќинка затоа што сум вработена. Не пијам по цел ден кафиња, ниту озборувам со соседските. Не сум зависна од телевизија. Но, сум зависна од книги. На домаќинките телевизијата и озборувањето им се единствена забава. Гледаат сапуници и „Големиот брат“, а потоа за тоа коментираат пиејќи кафе. Ги озборуваат телевизиските протагонисти и потстанарите. Не им е здодевно како што ми е мене. Не работат здодевна работа, ниту мораат да го посетуваат таткото кој тврди дека има рак и постојано го зборува истото.

- Но, твојот најголем проблем е што не сонуваш...

И тоа беше вистина. Спиев ноќе како и другите. Но, ништо не сонував. Читав за тоа во некоја книга по психологија. Таму се тврдеше дека сите луѓе сонуваат, само едни го паметат она што го сонувале, а други не го паметат. Ако е тоа точно, јас спаѓав во оние кои не се сеќаваат на своите соништа.

Тогаш првпат ѝ поставив прашање на мојата соговорничка:

-Би сакала да се сеќавам на своите соништа. Како да го постигнам тоа?

-Како? Не смееш да бидеш таква кон својот сон! Мораш пред спиење да го замолиш да остане запаметен.

Зборуваше за сонот како да е живо суштество. Како да е човек.

-Дури кога ќе направиш така, ќе го запаметиш она што си го сонувала.

- Ќе го запаметам тоа. Така ќе направам вечерва.

-Кога наутро ќе се разбудиш, ќе се сетиш на својот сон. Тогаш мораш да го запишеш...

-Да го запишам?

-Да. Да го запишеш во посебна тетратка...

- Зошто?

-Затоа што ќе го заборавиш.

-Зошто би требало да го запишам сонот?

-Затоа што тоа е, како прво, израз на почит кон него. Запишувајќи го, го оставаш да трае. Како второ, мораш постојано да ги читаш запишаните соништа и да размислуваш за нив...

-Зошто?

-Тоа се пораки кои ни користат во животот.

Не можев да ја замислам оваа домаќинка како писателка. Но, ниту себеси.

-Ви благодарам на советот. Ќе направам така.

-Мораш така да направиш. Ако не направиш, нема да ти се случи она убавото, што би можело да ти се случи...

-Ќе го послушам вашиот совет. Ќе направам така. А што убаво ќе ми се случи?

-Ќе ти се случи она за што сонуваш на јаве. Дека ќе го сретнеш мажот на својот живот. Но, мораш да сонуваш. Мажите не сакаат жени кои не сонуваат...

Тогаш се сетив на една реченица од Борхес. „Не ја оставив затоа што ме изневеруваше, ниту затоа што не знаеше да готви, туку затоа што не знаеше да сонува.“


Стани Дивотно

Comments


Дива Мисла е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

дива лого
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page