top of page

Кога револуцијата не можеше да биде експлоатирана на телевизија, но заврши славена во кино салите



Во 2015-та кога се објавија годинешните оскаровски номинации, хаштагот #oscarssowhite се рашири преку осудувачката смеа на твитерџиите - зарем можат „тие“ да бидат поочигледни во неразбраноста, културното слепило, и да ги игнорираат црните и малцинските креативци? Се чини дека „тие“ искрено беа засрамени и се обидуваа грчевито во следните години да го поправат впечатокот. 2022.


Го водат три жени: комичарките Ванда Сајкс, Ејми Шумер, и Реџина Хол. Продуцент е Вил Пакер. Тој ги отвара Оскарите со Бијонсе, која е номинирана, и настапува од Комптон. Кралот Ричард, во кој глуми Вил Смит е филмот на вечерта уште пред и да почнат Оскарите. Конечно ја удираат онаа слатка точка на културолошки сензибилитет.


И тогаш се случува инцидентот за кој се зборува до ден денес- Вил Смит во овој момент е на турнеја за извинување.

Многу работи беа кажани ,како Вил Смит со шамарот го украде овој момент на црната креативност, но најмногу од сѐ му го украде моментот на Квестлов кој веднаш после шамарот го прими Оскарот за Лето на соулот - сите бевме во шок како екипата истапуваше на сцената. Можеби тие најмногу од сите.

Скопскиот Џез фестивал нѝ го носи на проекција по втор пат во сабота, па можеби ќе може да му се врати вниманието и акцентот кој што е сосема заслужен.


Го гледам филмот без никакво предзнаење. Сите наговестувања што ги имам се “документарец - лето - соул - квестлов“ . Како што почнуваат да се откриваат сликите на екранот почнувам да се преиспитувам. Чекај, дали е ова навистина Стиви Вондер. Зошто лицата кои ги гледам од 60-тите изгледаат толку живо, како да стојат пред мене? Зошто музиката е толку богата што можам да ја допрам...или вкусам? Дали се ова навистина автентични снимки?


И одговорот, дознаваме како го гледаме филмот е: да, тие се автентични. Нема никакви интервенции. Камерманите и продуцентите импровизирале за да можат да го уснимат фестивалот најдобро што можат. И почнуваат едно по едно легендарно име да се нижат на сцената, и низ таа низа на црни бисери (главно) да го слушаме и учиме социолошкиот и културолошкиот контекст на Харлем на крајот на 60-тите, кришка на општествен живот, кој ревербира до ден - денес. Очигледно. Како што му ѕвони шлаканицата на Вил Смит во ушите на Крис Рок.


Почнува со Стиви Вондер, а завршува со настапот на Нина Симон. Како e да гледаш митолошко суштество во очи? Moжеби нема никогаш да знаеме, но сигурна сум дека е прилично блиску до чувството додека ја слушаш Нина Симон како зборува помеѓу нумерите, и се обраќа на екстатичниот Харлем кој се измолкнал масовно на овој фестивал во истиот момент кога човекот стапнал на Месечината. Бели телевизиски куќи ги прашуваат посетителите што мислат за тоа и се навредени од одговорот: овој фестивал повеќе нѝ значи од тие прескапо платени неколку чекори.

Како што авторите на документарецот забележуваат: на 100-на милји од Харлем е Вудсток. За Вудсток слушавме толку многу низ годините. ПРиказни, филмови, митови и легенди, но за Фестивалот на соулот каде настапија вистински џинови на музиката, и покрај грчевитите напори на оние кои го составиле - пропаднал во заборавот. Ситуација која трагично и трогателно можеме да ја препознаеме. Но дали можеме вистински да ја примиме пораката - дека навистина не мора да биде така?


Филмот може да се гледа, и слуша и на друг начин. Можете сосема да го изземете социјалниот контекст на немири, цивилни права, будење на гордоста во идентитетот на едно американско малцинство и да го гледате филмот како концерт. И повторно ќе добиете нешто неверојатно вредно.


Денес лесно е да дојдеме до филмови на интернет, но овој дефинитно е еден од оние филмови, токму поради настапите и музкиката, кој ќе даде многу повеќе на големо платно во кино. Чиста среќа во сабота (10.12), во 21:00 во Фросина ќе ја имаме таа шанса.


Comments


Дива Мисла е платформа основана на 7 јули 2021 после серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот. Ја отвораме вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, и се стремиме да го претставиме ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите(gatekeeper) туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминатната платформа минативе 5 години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко загребуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајки за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател : Ние ги истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графитите, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат цел подобрување на светот. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за се што ја прави човечката култура и уметност така прекрасна и интригантна.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

дива лого
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page