top of page

Македонскиот филм „Мавера“ - триумф на независната кинематографија на Балканот




Во светот на кинематографијата, секој нов обид може да биде испит за креативците. За независните филмови, ова честопати значи работа под строго ограничени буџети и со ограничени ресурси. Сепак, македонскиот краток игран филм „Мавера“, во режија на Батухан Ибрахим, докажува дека квалитетот и упорноста сè уште можат да ги надминат овие ограничувања.



„Мавера“ неодамна беше претставен во официјалната селекција на престижниот Тирана Филм Фестивал, каде што ќе има и своја албанска премиера во рамките на Балканската компетиција. Овој фестивал е познат по тоа што прикажуваните филмови се квалификуваат за номинации за Оскари и Европски филмски награди, што го прави успехот на „Мавера“ уште поимпресивен.




Филмот раскажува емотивна приказна за две сестри, Билјана и Вики, кои се соочуваат со животни предизвици после смртта на нивниот татко. Билјана, како постарата сестра, се обидува да ја продаде семејната куќа за да обезбеди иднина за Вики, додека се бори со бирократските пречки кои усложнуваат целиот процес.



Батухан Ибрахим, режисер и сценарист, како и продуцент заедно со Стефан Ѓоргиевски, истакнува дека „Мавера“ бескомпромисно ја следи својата визија без зависност од влијанието на големите студија или државното финансирање.


Батухан Ибрахим и Стефан Ѓоргиевски, продуцентите на филмот велат: „Филмот дури беше во фаза на развивање и снимање, генерално реакциите од многуте наши колеги од оваа област беа дека ова е преголем залак и лудило, затоа што ние бевме финансиери на филмот и со помош на прекрасната екипа успеавме филмот да го снимиме во 12 снимачки дена. Тука почуствувавме дека независниот филм во нашата држава сеуште се перцепира како незериозна, но нашите успеси со овој филм покажаа дека тоа не е така, дека филм кој што не е поддржан од државата исто така може да направи големи успеси, односно дека успехот и квалитетот на филмот не е го одредуваат парите и изворот на финансирањето. Се надеваме дека ваквиот принцип на работа ќе ги мотивира нашите колеги. Македонскиот независен филм постои и ќе се издигнува.”



Проектот веќе собра пофалби и награди. Претходно, беше оддадено специјално признание од страна на познатиот кинематографер Питер Бижу на фестивалот „Браќа Манаки“, а на фестивалот „Sирни“ во Скопје, филмот освои наградата за најдобар филм "Данчо Чеврески".



Независниот дух на „Мавера“ со својот успех ги отвора вратите за идните македонски филмски проекти и докажува дека страста и поттикот можат да создадат уметност која ќе резонира со публиката ширум светот. Вакви филмови продолжуваат да ја инспирираат културната сцена, поттикнувајќи другите творци да следат свои соништа без страв од бировратски лабиринти или финансиски ограничувања.

Comments


bottom of page