top of page

Македонци: сомнителни заради нивното отсуство

Географија на Балканот и статистиките

Долго време Македонија била повеќе политички проблем отколку географска целина. За да биде полесно, западните публицисти границите на Македонија ги поистоветиле со трите вилаети на Отоманската Империја (Скопје, Битола и Солун) . Како и да е, ваквата положба не ги задоволила ниту Грците, ниту Бугарите, ниту пак Србите. Мнозинството од грчките автори зборувале за, т.н.”историска Mакедонија”. Бугарите зборувале за “географска Македонија” која изоставува одредени области во западниот дел, во кои населението е речиси во целост исламизирано, и еден југо- западен дел кој е целосно хеленски. Србите пак тврделе дека регионот на Скопје во северо-западниот дел, воопшто не е македонски, туку дека е дел од Стара Србија.


Од ова може да се заклучи дека всушност консензусот за точните граници на Македонија тогаш недостасувал.

Заинтересираните страни имале уште повеќе варијации што се однесува до бројот и етничката припадност на нивното население, бидејќи секоја страна го зголемувала бројот на нивните членови за да ги побие тврдењата на другите националности. Величенствената цел ги оправдувала сите употребени средства. Оттаму турските експерти произведувале мапи обоени во црвено до Виена и пописи на населението во коишто бројот на муслиманите кои живееле во Европска Турција бил поголем од вкупниот број жители. Балканските националисти наскоро започнале да го прават истото. Тие не воделе голема сметка за точноста на бројките кои сепак ги земале крајно сериозно. Оттаму дадените бројки ја раскажуваат нивната сопствена приказна којашто за читателот кој не е директно инволвиран, можат да бидат доста забавни.


Србинот Гопчевиќ , Бугаринот К'нчов и Гркот Николаидес известуваат за вкупна бројка од 2,880,420 и 2,358,224 и 1,825,482 жители на Македонија кои се состојат од:

Како поддршка за нивните тврдења Бугарите, Грците и Србите извадиле статистички податоци за населението на Македонија, коишто го искажувале пред се нивниот авторски патриотизам, бидејќи Бугарија, Грција и Србија всушност сакале да ги прошират нивните национални територии.

Ова е причината поради која авторите на наведените статистики не се согласуваат по било која дадена бројка, а безрезервно се согласуваат само околу еден факт кој e сомнителен заради неговото отсуство: според нив во Македонија нема Македонци.

Во овој поглед грчката статистика беше ненадминлива. Во Македонија зборот "грчко" означувал повеќе црковна отколку етничка класификација, критериум за грчката или бугарската припадност било припаѓањето кон Грчката Патријаршија или кон Бугарската Егзархија.

Српските националисти отишле уште подалеку и македонските заедници ги сметале за српски бидејќи тие немале автокефална црква. Грците полагале право на влашките заедници, православните Албанци и Бугарите кои не биле соединети со бугарската егзархија, и ги нарекувале Влахофони, Албанофони и Бугарофилни Грци.


Во Охрид, во текот на летото 1861 година, секретаријатот на Цариградскиот Синод издал памфлет за историјата на Бугарите и нивната врска со грчката црква, со цел да покаже дека нивните поплаки и претензии немале основа. Писателот наведува дека Бугарите биле само мал дел од населението на западна Македонија и тврди дека многу од луѓето биле само Грци кои зборувале бугарски. Тој отишол дури до таму што тврдел дека физичкиот изглед и обичаите на Бугарите во тие делови се во целост грчки, а не бугарски. Грчките автори дури и денеска не се сомневаат во тоа дека на почетокот на 20 век, хеленизмот доминирал во Македонија и дека Македонците се всушност Грци, наведувајќи ги како цврсти доказите од официјалниот турски попис од 1905, спроведен од страна на Хилми Паша за Солунскиот и Битолскиот вилает. Во овие два вилаета имало 678,910 “Грци” (приврзаници на патријаршијата) и 385,729 “ Бугари” (приврзаници на егзархијата). Поконкретно: односот во секој од вилаетите бил: во солунскиот 395,222 “Грци” наспроти 207,073 “Бугари”, а во битолскиот 283,683 “Грци” наспроти 178,412 “Бугари” . Дури во 1973, Институтот за проучување на Балканот во Солун издал публикација во која се велело дека “Населението што зборува влашки е грчко, како и другите жители на Македонија без разлика на нивниот јазик”. Авторот на оваа публикација навел протестна петиција доставена до француската влада во 1903 од жителите на битолскиот регион: “Ние зборуваме грчки, влашки, албански и бугарски, но ние сме Грци и не дозволуваме ова да биде подложено на сомневања” .



Отоманската Империја освен за војската, не спроведувала било каков друг попис. Тие ги броеле Муслиманите кои биле способни да служат во војска, а христијаните кои не биле способни да служат плаќале посебен данок. Во 1881 Румелиската влада објавила детална статистика, која наведува дека Македонија имала вкупно 1.863,382 жители 1.251,385 Словени, 463,839 Муслимани и само 57,480 Грци. Сепак на грчката етнографска мапа на Македонија многу области биле обоени со сина боја (знак на Грција) иако во нив немало ниту еден Грк. Во нејзината книга La Macedoine (Берлин 1893) д-р Клеанти Николаидес Косовското Поле го нарекла со грчкото име "Косифопејдон".

И покрај фактот што дури ниту најповолните статистики не им давале повеќе од една десетина од населението, во Атина владеело мислењето дека Грците доминираат во Македонија. Така на пример, кон крајот на 19 век, професорот Сариполос, дописник на францускиот институт ги дал следниве бројќи како веродостојни Грци 500,000, Словени 100,000 и 40,000 Евреи. Во Солун некои влијателни жители испратиле барање до Патријархот и Портата во име на od 800,000 Грци од тој крај. Оваа илузија се проширила по одговорот на црковните власти кои ги сметале за Грци сите оние кои и припаѓале на грчката црква. Гледано од овој аспект може да се каже дека во Босна имало повеќе Грци отколку католици меѓу нејзините христијани. Грчките пропагатори работеле многу напорно за да влијаат на меѓународната заедница при повлекувањето на грчките меѓународни граници. Тие продуцирале статистики за да ги докажат нивните ставови во врска со земјите населени со Словени, поддржувајќи ги со теоријата на нивната „етнократска пре- еминенција“. Според оваа теорија, Грците биле поблагородни отколку македонските Словени кои требало да им се потчинат бидејќи биле „некултурни варвари со некохерентен говор, груби и робови“ .



Како што тоа го напишал еден функционер од висок ранг во Атина во писмото до баронот Лавелје: “Вие грешите за Бугарите, тие се варвари и такви ќе останат. Тие се татари и поради тоа се уште не се цивилизирани. Христијанството не е доволно за да ги скроти. Тие имаат добри особини, но такви како на натоварени ѕверови, кои имаат инстинкт да складираат како мравки. Додека ви пишувам Вам, имам многу бугарски ѕидари кои работат на куќата која и ја давам на ќерка ми Атина како мираз. Тие работат добро, но се глупави.” .


Втората изјава била изнесена од грчкиот министер во Лондон во 1885: тој сметал дека како што земјата претходно им припаѓала на Хелените, нејзината моментална окупација од Бугарија не била доволна да се оправда нејзиното поврзување кон нив. Правото на Грците над нив било неоспорно. Убедливоста на оваа изјава белгискиот барон ја побил со следново: “Од ова следува дека Нова Холандија, Нов Зеланд, Тасманија кои беа откриени од Холанѓаните, треба да и припаѓаат на Холандија, бидејќи имаат холандски имиња. Англичаните ги колонизираа нив, но тоа не им дава за право да ги присвојат. Тешко е да се расправа за такви теории, а вознемирувачко е дури и да се споменат.” .



Во текот на 1780, Катерина Велика, го измислила “грчкиот проект” со намера да ги протера Турците од Европа, и да ја возобнови Византиската Империја со руски принц на престолот. Еден од нејзините внуци бил крстен Константин за соодветната прилика. За подготовките на неговата иднина, Русите најмиле грчки доилки за преку нивното млеко тој да го научи јазикот . Планот пропаднал, но останале амбициите. Кога национализмот се раширил од западна Европа на Балканот, Грците биле први што го почувствувале тоа влијание и ја побарале нивната слобода како нација. Напуштањето на Српската Патријаршија во Пеќ и на бугарската Архиепископија во Охрид во 1766 и 1767 ја оставиле Македонија под јурисдикција на Цариградската Патријаршија. Ова значело дека во црквите литургијата се одвивала на грчки а во училиштата се учело исто така на грчки. Оттаму, народот во Македонија бил подложен на процес на хеленизација. Тие можеле да бидат и комплетно хеленизирани доколку грчките свештеници и учители не гледале на сиромашните, простиселани на Македонија како на „животни“ (или „носачи на овчи кожи“ кои зборувале неразбирливи словенски дијалекти и не биле заслужни да научат да пишуваат и да читаат: „понижувачко е за еден љубител на музите да престојува во еден варварски свет“ (Carnegie Endowment 1914 : 22). Како резултат на ова тие не биле повлијаени во голема мерка од грчката култура.

Соседните независни држави имале копнежливи погледи кон Македонија и се обидувале да докажат дека одреден дел од земјата или целата е нивна. Бугарите тврделе дека Македонија е нивна бидејќи таа била “лулката на бугарската нација поради која е пролеана река крв”. Бугарските статистики тврделе дека мнозинството од Македонците се од бугарско потекло. Бугарските патриоти сметале дека не е важно кога и како Бугарите дошле таму, важно било само дека мнозинството од населението копнеело за единство со родната земја, “плаче како дете по мајка си”, и нема да прифати да живее под никоја друга земја освен Бугарија. Другите балкански држави никогаш не го прифатија тврдењето дека Македонија е бугарска. Грците сметале дека Македонија е нивна поради историски причини иако во класичното доба на Грција желбата на Македонците да влезат во светиот круг на Хелада била прифатена со извесен степен на љубомора, и од кралевите на таа земја било барано да го докажат своето грчко потекло пред да ја добијат привилегијата да учествуваат на Олимписките Игри. Но Македонија била неопходна во остварувањето на “големата хеленистичка идеја”. Србите од своја страна се обиделе да му докажат на светот дека Македонија не треба да му припаѓа на никого освен на Србија, бидејќи таа била центар на кралството на цар Душан. Претензиите кон Македонија врз “етнографска база”, привлекле и далечна земја како Романија поради големиот број Власи кои живееле во Македонија. И Албанците поради слични причини имале претензии кон тоа парче Откако Австро-Унгарија го добила мандатот да ја окупира Босна и Херцеговина во 1878, таа наскоро почнала да фрла љубоморен поглед кон Македонија и кон Солунското пристаниште.


Под вакви услови никој не се чудел зошто Македонското прашање добило интернационален карактер, “што никој не можел да го реши”, и никој не се двоумел дека оваа земја е осудена “неминовно да биде едно од најголемите бојни полиња во источна Европа”. Така на пример, еден британски автор кој на почетокот на 20 век патувал низ Србија, Бугарија, Црна Гора, Албанија, Романија и Македонија, откако направил темелна истрага за ова прашање дошол до заклучок дека има само едно решение:

“Македонското прашање е најактуелно денеска, и може да се реши само на еден начин – со жестока и крвава војна”.


Божидар Језерник (Љубљана, Словенија)

Comments


bottom of page