top of page

Отворен повик за наградата ДЕНЕС 2025 за млади визуелни уметници до 35 години

Организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје, во соработка со Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), Residency Unlimited од Њујорк и Trust for Mutual Understanding од Њујорк, со задоволство го објави Отворениот повик за наградата ДЕНЕС 2025. Оваа престижна награда е наменета за млади визуелни уметници од Северна Македонија до 35-годишна возраст.

Наградата ДЕНЕС се доделува на годишно ниво и претставува признание за исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување. Како единствена награда од ваков вид за млади визуелни уметници во земјава, таа има значајна улога во поддршката на новите генерации уметници.

Оваа година, наградата се доделува по деветнаесети пат и, покрај главната награда – двомесечна програма за престој на уметници во Residency Unlimited во Њујорк, вклучува и други новини и резиденции. Финалистите на наградата ќе имаат уникатна можност да бидат дел од специјализираниот едукативен процес во визуелната уметност насловен „Совршениот уметник“, да остварат средби и презентации со интернационална жири комисија, како и да продуцираат ново дело кое ќе биде изложено во рамки на финалистичката изложба.

Отворениот повик за аплицирање трае од 17 април до 31 мај 2025 година. Резултатите со имињата на тројцата финалисти ќе бидат објавени на 9 јуни 2025 година. Апликациите треба да бидат пополнети на македонски и англиски јазик. Важно е да се напомене дека нецелосните апликации, како и оние испратени по крајниот рок, нема да бидат прифатени.

Финалистите ќе ја отворат својата изложба на 2 декември 2025 година во Националната галерија на Република Северна Македонија – Чифте амам. На истата изложба, ќе биде соопштен и добитникот на наградата ДЕНЕС 2025, кој ќе ја реализира својата резиденција во Њујорк во периодот февруари – март 2026 година.

Досегашни добитници на наградата ДЕНЕС, кои оставиле значаен печат на домашната уметничка сцена, се: Марко Гутиќ Мижимаков, Ѓорѓи Десподов/ Клелија Живковиќ/ Бурџу Мусли, Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија) и Славица Јанешлиева.

За повеќе информации во врска со критериумите за аплицирање и процесот на селекција, заинтересираните уметници можат да се обратат на електронската пошта nagradadenes@gmail.com или да ја посетат веб страната www.akto–fru.org.

Стани Дивотно

Comments


Дива Мисла е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

дива лого
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page