СИ ИГРАМЕ СО DOPE КУЌАТА

На почетокот на летото имаше некаде еден коментар кој доби пристојно многу шерови: „Кога ќе ви кажат дека македонската музичка сцена е сиромашна“ - и под него сите македонски артисти кои се најавени за тогашниот Д - фест во Дојран. Списокот беше голем, а имињата беа од сосема нови за мене, до скроз познати. Па решив на списокот да му се посветам студиозно и да се запознаам со новата и млада македонска музичка сцена, почнав со Д. Dope Куќата. И овде застанав.


Прво - веднаш ги најдов на Apple Music, и тоа не со понекоја залутана песна, или соработка, или дури еден албум. Туку со каталог кој може да биде на искусни музичари. Всушност целиот пристап кон нивното занимавање со музика, е исклучително професионален и тоа е толку очигледно - онаа болка беше ублажена, која доаѓа од сѐ она што е македонско - е некако импровизирано, бофл, битно да пројде со критериум кој е на преодна оценка. Кога се договаравме за интервјуто ме замолија прашањата да не бидат излитени, бесмислени, стандардни прашања од кои веќе се уморни. Но и самите се свесни - дека следниот чекор е - целиот тој труд треба да стигне до повеќе слушатели „ Правиме партали музика, која нема да има views" - пишува преку фотка на Инстаграм. Свежината, енергијата, хуморот кој е повеќе лудизам, естетска наклотеност, свеста и осетот за перформанс и тоа не само на сцена, ми комуницира дека е само прашање на време. Се надевам. Би било логично. Сега си играме, а за сите прашања продолжуваме на подкаст, велат. Важи велам. Dope куќата, боибенд, кој кога ќе го гуглате, и барате ќе добивате пораки да побарате помош, и потсетник дека доуп не е нелегален - вреди.


ДИВА: Имате едно клипче на Јутјуб, слично на оние кои odd future ги оставаат на Јутјуб, каде Лаз Веѓас го боли глава, му пулсираат слепоочниците, но сепак продолжува да снима. Го гледав клипот како мојата сопствена главоболка се претопи во забоболка и не можев да замислам дека би можела да функционирам надвор од гледање ТВ. Дали тоа значи дека не го плаши болка, дали имал лоша реакција на Шекспир или зошто нема женска? Дали планирате да снимате и втора епизода?


DOPE КУЌАТА: Физичката болка кај Лаз Веѓас е нешто што е минливо, навикнат е на болки пошто често нешто друго го боли - ај да не бидеме вулгарни. Шекспир го смета за помал брат и да - нема женска. Иначе, тоа е пилот епизода, а снимена е цела сезона која треба да излезе за некое неодредено време. Во следната епизода гостин е Зен Тигар.



ДИВА: Можеби сте ја слушнале поплаката - како македонскиот јазик не е погоден за поезија, или еден тип на веќе застарена поезија, а посебно за текстови за музика (како на пример српско-хрватскиот велеа оние кои ја рецитираа оваа поплака често едно време). Македонските рапери тоа го побиваат без некој посебен напор. Дали го наоѓате погоден и убав за пишување рап? Колку е вкоренета во реалност „100 текста“ - дали навистина има елементи на скрибоманство кога работите на текстовите?


DOPE КУЌАТА: Македонските поети со македонската поезија користејќи го македонскиот јазик е доказ за достапноста на сите краишта што може да се испробаат преку неа. А, тоа што постои поплака - „како македонскиот јазик не е погоден за поезија", оди во прилог на тоа македонската поезија да остане некомерцијализирана и нечепната од медиокритетот. Често се бавиме со вистина во нашите текстови; да 100 текста се пишуваат, но не по цел ден - сепак има денови и кога спиеме (после напишани 100-180 текстови).



ДИВА: Која е разликата помеѓу „рап колектив“ и boiband, какој што сте вие?


DOPE КУЌАТА: Вака, „рап група“ е група составена од (повеќе од еден) рапери, „рап колектив“ е група составена од (повеќе од една) група, а „бојбенд“ е се она од што горенаведените се срамат. Допе Куќата е супергруб боибенд.



ДИВА: За најновиот албум најавите жанровска разновидност. Дрејк изненади, Бијонсе изненади, свртеа накај хаус, денс, а GARPED (по некоја случајност) не е многу далеку од тој звук. Дали тоа експериментирање се должи на тоа што се заситивте или сакате да се опробате надвор од границите кои ви се наметнаа со хип-хопот? И - читав на Urban Dictionary што значи Garp(ed) - дали... имам залутано што отидов таму да проверам?


DOPE КУЌАТА: Да, имаш залутано. Врати се на Дрејк и Бијонсе. Дрејк ќе го најдеш на Шел - бензинската после Будимпешта (по никоја случајност не е поврзана за македонски политичар), а Бијонсе ќе ја најдеш на Окта во Лептокарија - го чека Џеј Зи да заврши со трета смена (шитка Родео меко со Плејбој Карти).




ДИВА: Ретко добро сте „стегнати“ во смисла на дигитално присуство. Ве има на сите платформи, правите спотови редовно, прилично сте плодни. Меѓутоа назнаката и насоката кон мене - прашањата да не бидат стандардни ми кажува дека можеби со медиумското присуство не сте баш таму каде што би сакале. Дали има некој идеален модел, што би сакале да видат од вас потенцијални нови слушатели, фанови по прв пат кога ќе ве изгуглаат? Или едноставно не сте стигнале да размислувате на тоа?


DOPE КУЌАТА: Ние сме во ниеден шаблон. Ние сме во еден шаблон. Ние сме во сите шаблони. Ние сме шаблон што се негира себеси. Ние не сме шаблон.



ДИВА: На многу од живите настапи не само што се театрални (разбирливо за актери да размислуваат како ќе изгледаат на сцена) - но често завршувавте по гаќи и чорапи. Ве молам психоанализарјте си ја таа потреба или ослободеност?


DOPE КУЌАТА: Така не сакаат жени, така не сакаат мажи, така не мразат рапери, така сме се родиле, топло е.