Тројца финалисти награда ДЕНЕС 2025: Наташа Неделкова, Крсто Глигоријадис и Мила Добревска
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- Jun 9
- 3 min read

Тројцата финалисти за XIX Награда ДЕНЕС претставуваат различни уметнички практики кои ја истражуваат современата човечка состојба низ перформанс, скулптура и социјално ангажирана уметност.
Уметниците Наташа Неделкова, Крсто Глигоријадис и Мила Добревска се тројцата селектирани финалисти за XIX Награда ДЕНЕС 2025, која традиционално се доделува на визуелен уметник до 35 години кој живее и работи во Северна Македонија. Оваа награда се доделува од 2002 година и претставува една од ретките независни платформи за следење и афирмација на младата уметничка сцена во земјата.
Во партнерство со меѓународната награда Henkel Art.Award. (2002–2012), Наградата ДЕНЕС разви континуитет што го одржува нејзиниот кредибилитет и по престанокот на европската поддршка. Денес таа функционира како иницијатива на организацијата Цивитас – Центар за граѓански и идентитетски студии и Контекст – Стручно здружение за уметност и теорија на уметноста. Со селекција на три финалисти, Наградата го задржува фокусот на индивидуалниот развој на уметничкиот јазик и контекстуалната релевантност на праксата, без да создава натпреварувачка атмосфера во традиционална смисла.
Образложението на жирито:

„Работејќи во широк спектар на медиуми, од колективно реализирани инсталации и (предавања) перформанси до партиципативни аудиовизуелни дела, уметничката и истражувачка Наташа Неделкова ги истражува темите на ментални нарушувања, лажни вести, исцрпеност од труд во времињата на капитализмот, родова нееднаквост и, паралелно со нив, начини за отпор, контра-акција, смирување и редефинирање на постоечките структури, норми, однесувања и навики кои го еродираат нашето секојдневие. Нејзиниот социјално свесен, политички и економски критички пристап е концептуален разгранок кој делува како чувствително и комплексно огледало на нашата сегашна фрагментирана човечка состојба.

Перформативната пракса на Крсто Глигоријадис ги спојува ритуалот, митот и критиката на родот во патријархалниот контекст на Балканот. Работејќи преку различни дисциплини и црпејќи од своето образование во правото, педагогијата и визуелните уметности, тој го користи телото како простор на ранливост, отпор и трансформација. Неговите дела — длабоко лични, а сепак со политички набој, го деконструираат машкото преку симболични гестови, терапевтски ритуали и колективно учество. Глигоријадис ја поканува публиката во простори на исцелување и интроспекција, каде срамот станува сила, а наследените норми се преосмислуваат преку грижа, емпатија и отелотворен дијалог.
Скулптуралните дела на Мила Добревска го исполнуваат пресекот меѓу репрезентативното и апстрактното, дводимензионалноста и тридимензионалноста, визуелното и физичкото. Вклучувајќи разновидни тактилни материјали во скулптури во човечка големина, нејзините дела даваат форма на емоции и идеи кои инаку се визуелно неуловливи — темперамент, чувствителност и его — додека ,,Македонска жена” е составена од високо апстрактни форми што се суспендирани во воздухот. Игрива и динамична, праксата на Добревска нуди енергична арена за облик, боја и супстанца за да го ,,претстави” начинoт на кој човештвото напредува.“
Изборот на жирито го сочинуваа кустоската и критичарка Љубица Беќаревиќ (Белград), уметницата Славица Јанешлиева (Скопје), како и Моника Ивановска и Јованка Попова како ко-претставнички од организацијата Контекст.
Што значи Наградата ДЕНЕС денес?

Во еден културен пејзаж каде институционалната поддршка за младите автори е сè помалку конзистентна, Наградата ДЕНЕС останува простор за артикулација на нови гласови и критичка визуелна мисла. Наместо да фаворизира една естетика или медиум, жирито доследно избира уметници чии практики се насочени кон сложените општествени и лични релации — од класната нееднаквост, преку родовиот дисбаланс, до интимната психолошка деструкција и исцелување.
Награда ДЕНЕС“ е единствена и независна годишна награда посветена на младите визуелни уметници до 35 години во Северна Македонија. Со деветнаесетгодишна традиција, ова признание стои како ретка платформа која ги идентификува, поддржува и промовира исклучителните уметнички пракси во земјата. Наградата се доделува за „исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување“, како што појаснува самиот текст од образложението.
Финалистите ќе бидат претставени на заедничка изложба во текот на есента 2025, кога ќе биде објавено и кој/која од нив ќе ја добие паричната награда, продукциска поддршка и резиденцијален престој во една од европските партнерски институции.
Komentar