
Деновиве, по ништо различни од било кој друг грозд на денови, некогаш и седмици, во едно ќоше на Фејсбук, бруи бура во кафена чаша. Ништо поразлично од било која бура или препирка на Фејсбук.
Тања Аждаја, позната како беровчанскиот љубител и креатор на афоризми, игри на зборови, и различни итри кратки книжевни форми постираше слика од Associated Press на нобеловката и активистка Малала Јусуфзаи на Оскарите, и додаде „Кој ќе ми го одблокира менталниот погон после наидување на вакви "нешта" ко ова на сликата, ќе му дадам лајк што ќе симболизира пита бурек поголема од кифла, а помала од југо.”
Неколку денови подоцна, Тања веројатно е помалку повредена од реакциите кои следеа, а отпочнаа со емоџија кои повраќаат, исмевање на посоченото симболично значење на фустанот („мир, љубов, хармонија“). И секако меме со Грета, која е омилена мета на еден нов тип на десничарски бот-сапиенс, од типот на Пирс Морган, Кендис Овенс, Мет Волш… кои по урнек на Фокс вестите (не многу различни од Сител вестите на Латас во ерата на Груевски-Мијалкови, кои содржеа повеќе долги говори, а помалку вести) на своите Јутјуб канали секојдневно без задршка, морализаторски, грубо, садистички се исмеваат и напаѓаат луѓе и теми кои се прилично репетитивни. Холивуд е константна мета, како носител на либерални вредности со голема потентност. Грета Тунберг е една од тие луѓе-теми кои ги делкаат, ги скалпираат, кога и да им се пружи прилика.
Но Малала, за некое чудо, обично не завршува по нивните платформи. Веројатно мешавината на тивка ненаметлива конзервативност, упорното, конзистетно и дисциплинирано останување на пораката „образование за девојки и жени“ без разлика колку мамки да ѝ фрлаат новинарите во своите прашања, во обид да добијат коментар на дневно-политичките теми, ја имаат поштедено.
Но, како зачекори на црвениот тепих, во блескав Ралф Лорен и црвен кармин, и штикли - тој мир напукна.
„јас имав едни фармерки шо симболизираа секс, дрога, рокенрол и бездомништво, ама мајка ми ми ги фрли…“ (коментар под статусот на Тања)
Облеката, носиите, накитот, обележувањето на телото со тетоважи, „осакатување“ со лузни, со обрежување, со пирсови, од зората на човештвото - цивилизираното - се обременети со значење, симболи, дефинитивно најгласниот не-вербален маркер за идентитетот, или идентитетите. Етничката припадност, класната, религиската, од животните улоги и фази, од момчештво- во машкост, од девојки во жени; рангот на војниците и воините, статусот на свештените лица… до детали, како: „доколку младата невеста, стави цветови во косата, со тоа комуницира дека таа вечер бракот бил конзумиран.“
Во нашaтa современост, како модата се поместува од занаетчиство во индустрија, а глобализацијата во голема мерка го униформираше овој израз, од друга страна симболиката на модата се проби во друг тип на значења, па и изрази: зборува за личните вредности, сфаќањето на естетиката, припадност на различни субкулутури (панкери со Мартинс чизми, четки, боцки, или сосема келави, и безопасни како накит; хипици со долги коси, и „бохо“ стил; рапери, со екстравагантни скапи ланци, дијамантски „штитници“ за забите, со широки спуштени фармерки, додека жените се обично хиперсексуализирани…хипстерите, итн, итн..). Формалните пак, и свечените прилики, преоѓаат во просторот на ритуалите, и се во костец со строго кореографирано движење и однесување, комплексноста и комплицираноста е втемелена во традиции кои на нас можеби ни се страни.
И тука доаѓа исмевањето, импотентноста на цинизмот.
