top of page

80 години од официјализирањето на македонскиот правопис – ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија одбележува јубилејот во ,,Аполонија”

Од Мисирковите јазични норми до АСНОМ и Блаже Конески – патот на македонскиот јазик кон официјално признание, азбука и правопис


На 7 јуни 2025 година се навршуваат 80 години од историскиот чин на официјализирањето на македонскиот правопис – темелна пресвртница во развојот на македонскиот литературен јазик и национален идентитет. По тој повод, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија организира свечен настан што ќе се одржи на 5 јуни (четврток), со почеток во 19:00 часот, во хотел „Аполонија“ во Гевгелија.

Настанот е дел од програмата на манифестацијата „Гевгелија – град на културата за 2025 година“ и има за цел да потсети на значењето на кодификацијата на македонскиот јазик и историските процеси кои ја изградиле современата јазична норма.


Во рамки на свеченоста ќе говорат еминентни гости – проф. д-р Димитар Пандев, еден од најистакнатите македонски лингвисти, и публицистот Мишо Китаноски, кои ќе понудат историски и лингвистички осврт врз контекстот и влијанието на донесувањето на правописот во 1945 година.


Настанот ќе го отвори директорот на библиотеката, Стефан Марковски, а улогата на модератор ја презема Стефчо Стефанов. Атмосферата ќе биде збогатена со музички настап на Влатко Иљачев – Валдера, што ќе му даде дополнителна уметничка тежина на настанот.


Кодификацијата на македонскиот јазик, донесена на 2 август 1944 година за време на Првото заседание на АСНОМ, претставува пресвртна точка во јазичната историја на македонскиот народ. Со оваа одлука, македонскиот јазик добива официјален статус и почнува неговата институционализирана примена како службен јазик на новоформираната македонска држава. Но кодификацијата не беше изолиран чин – таа произлезе од децении претходни напори за стандардизација и артикулација на еден заеднички литературен израз, кој ќе ги обедини разновидните говори и ќе ја афирмира културната посебност на македонскиот народ.


Корените на оваа стандардизација може да се проследат сè до 19 век, со просветителите и мислителите како Ѓорѓија Пулевски и припадниците на Лозарското движење. Сепак, најконкретниот и највлијателен чекор го направил Крсте Петков Мисирков, кој во 1903 година ја објави книгата „За македонските работи“. Во петтата статија од оваа книга, насловена „Неколку зборови за македонскиот литературен јазик“, Мисирков ги постави основните јазични принципи што подоцна ќе бидат прифатени и институционализирани: основа на централните дијалекти, фонетски правопис и отвореност кон целокупниот дијалектен спектар при збогатување на лексиката. Овие насоки, тогаш новаторски и контроверзни, ќе станат идниот темел на официјалната јазична политика.


По кодификацијата во 1944 година, следуваа конкретни институционални чекори. Во ноември истата година, АСНОМ формира комисија која доби задача да предложи азбука и правопис. Оваа комисија, и покрај почетните несогласувања и промени во членството, во мај 1945 година донесе решенија кои го цементираа јазичниот идентитет: утврдување на формите од централните говори, задржување на народната основа и збогатување со зборови од сите дијалекти, и конечно, воспоставување на азбука и правопис врз фонетски принцип. Правописот беше озаконет на 7 јуни 1945 година, со што македонскиот јазик доби функционален инструмент за писмена и образовна примена.


Кодификацијата на јазикот не е само административна одлука, туку културна и идентитетска декларација. Таа го обележа втемелувањето на македонската државност и културна самобитност, создавајќи простор за образовна, уметничка и научна продукција на мајчин јазик. Денес, кога се зборува за македонскиот јазик како кодифициран, не се зборува само за граматика и правопис — се зборува за историска борба, за културна самосвест и за едно долго патување кон признавање и афирмација.




Со овој настан, библиотеката „Гоце Делчев“ оддава почит на еден од најважните датуми во македонската културна историја, испраќајќи порака за важноста на јазикот како темел на националниот идентитет.

Стани Дивотно

 
 
 

Comments


Дива Мисла е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

дива лого
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page