top of page

Вечерва премиера на Оффест!


Вечерва започнува Оффест со домашно музичко “добредојде” на нас како публика, но и на своите колеги кои ќе настапуваат а доаѓаат од Африка, Карибите, Латинска Америка, Европа : “Отворањето на дваесет и првото издание на OFFest (1-4 јуни), односно првата фестивалска вечер, ќе биде целосно во знакот на домашните артисти. OFFest 2022 ќе го отвори извонредниот македонски етно состав PERIJA, како и маестралниот тандем на две наши исклучителни творечки фигури DOBRILA & DORIAN DUO, со домашна концертна премиера на музичкото ремек-дело, албумот „Апокриф“ (SJF Records).”- известуваат од SJF …





Перија е турцизам кој значи самовила и неговите членови ја рефлектираат таа перцепција: долгокоси хипи девојки, кои во снимките музицираат или во природа, или во урбаната џунгла, и сосема над околината левитираат со својата песна на сирени…Бендот е отворен динамичем и слободен и по составот и музицирањето: “PERIJA е бенд формиран во 2015 година. Своите почетоци ги имаше на улица како импровизирана сцена. Членовите се менуваат низ текот на годините, а бендот останува отворен за конекции и соработки.”



Добрила и Доријан дуо се спиноф на Чалгија саунд систем - оркестар кој даваше современа интерпретација на чалгиската традиција. “Нивната заедничка музичка авантура во форма на дуо започнува во 2020 година создавајќи го проектот DOBRILA & DORIAN DUO и првиот заеднички албум наречен „Апокриф“ (SJF Records, 2021), кој уште при самото негово појавување е оценет како ремек-дело. Во него се наоѓаат неколку од најубавите македонски традиционални песни: „Излези, Видо“, „Три години стана“, „Невесто, тенка, висока“, но овојпат со комплетно нов пристап и уникатен „електронски“ поглед кон македонската музика кој ја носи во една поинаква димензија.” - кажуваат организаторите.


Иако Оффест не паузираше сосема во ”пандемониумот”, освен 2020 кога вообичаениот термин се поклопи со кулминацијата на деновите поминати во полициски час, а во 2021, неговото јубилејно 20-то издание, се помести за половина година. Сепак, ова издание, во она што се чини постпандемискиот свет, го доживуваме како камбана која одѕвонува враќање во нормалниот свет, колку што е тоа возможно.