Скопје, град каде што и покрај резултатите кои варираат во успешноста и вештината - луѓето без сомнеж имаат страст кон модата - ќе направи чекор кон поддршката на одржливата мода.
На 16 октомври, во Културно едукативниот центар „Лабораториум“, повторно се отвора Re: store, центарот за рестилизирање на стари модни парчиња. Овој простор ќе продолжи да го слави она што го започна во 2012 година – комбинирање на одржливоста, креативноста и индивидуалноста, со цел да ја редефинира идејата за употребената облека и да понуди нова, освежена модна перспектива.
Re: store првично се појави во скопското Дебар Маало, со мисија да го поттикне поинаквиот начин на размислување за модата – како алтернатива на масовното производство и „fast fashion“ културата. Брзата мода денес има огромно влијание врз животната средина и го поттикнува неодржливото трошење на природни ресурси. Но, Re: store се стреми да биде отпорен на овие трендови, нудејќи решенија кои се стилски, но и еколошки свесни.
Оваа година, Re: store се враќа во ново издание, сега како дел од „Лаб дизајн маркетот“. Целта е да го подигне нивото на свесност меѓу консументите и да го поттикне редизајнирањето како начин на личен израз преку облека. Преку избор на уникатни парчиња од втора рака, продавницата ќе нуди повеќе од само облека – тоа ќе биде простор каде секое парче има своја историја, која може да биде надополнета од нови сопственици.
„Сите парчиња во Re: store – било да се облека, модни додатоци или предмети за дома, носат своја приказна. Сега, тие имаат шанса да станат дел од некоја нова, ваша приказна. Со повторното отворање, ја обновуваме нашата посветеност кон заедницата и одржливата иднина. Без разлика дали барате да ја обновите вашата гардероба или да ги освежите вашите модни изрази, Re: store ве поканува да го прифатите концептот на одржлива мода и својата индивидуалност,“ велат од „Лабораториум“.
Зошто поддршката за одржлива мода е важна?
Одржливата мода се стреми кон еколошка одговорност и намалување на негативните влијанија на модната индустрија врз животната средина. Производството на нова облека бара огромни ресурси – вода, енергија и суровини, додека нејзиното отпаднување создава значителни депонии. Поддршката на иницијативи како Re: store помага во:
Намалување на отпадот: Со реупотребата на постоечките модни парчиња, се намалува количеството облека што завршува на депониите.
Зачувување на природните ресурси: Кога купуваме облека од втора рака , ја намалуваме побарувачката за ново производство, што значи помала употреба на вода и енергија.
Поттикнување на креативност и индивидуалност: Одржливата мода охрабрува уникатни избори, кои ги одразуваат личните вредности и стил. Најуникатните и највпечатливите модни ентузијасти најчесто се редовни муштерии на продавници за облека од втора рака.
Поддршка на локални дизајнери и мали бизниси: Иницијативите како Re: store не само што промовираат одржливост, туку и ги поддржуваат локалните дизајнери и уметници.
Re: store ќе биде отворен од вторник до сабота, од 12 до 18 часот, во Културно едукативниот центар „Лабораториум“, на булевар Свети Климент Охридски 68, Скопје.
Comments