datetime-to-read.short-label

Деновиве низ град: активизмот во прв план во првата седмица на март

Во првите мартовски денови, пролетта веќе го почна својот настап, а со тоа нашите градови се преобразуваат во живи полиња на уметнички настани, културни собири и активистички маршови. Духот на пролетта нè носи низ брановите на промена и забава, а она што е пред нас е вистинска парада на богати содржини,  таман и нас да не́ распролетат.

 Еве го прегледот на некои од најавените настани во Скопје, Битола и дури и Њујорк, кои нè очекуваат во неделата што доаѓа.

Скопје: Фестивал на семиња и промоција на женската книжевност

На 09 Март, Факултетот за Земјоделски Науки и Храна ќе биде домаќин на Фестивал за локална размена на семиња. Настанот е идеален за сите посветени на земјоделството и одржливиот начин на живот, каде ќе се промовираат автохтоните сорти и биодиверзитетот.

Повеќе за настанот : овде.

Исто така, издавачката куќа „Илика“ на 9 март нè поканува на дружба и прослава на женското писмо. Во нивната книжарница, возбудливите наслови од македонски и странски авторки ќе бидат во преден план, додека музиката и препораките за книги ќе го облагордат ова книжевно саботно матине. За повеќе информации кликнете токму: овде.

Вечерта - журка! Што е саботна вечер без ПМГ журка, а овој пат се враќаме во Старата чаршија за целовечерна Танц партија. Мотото е „Лом музика“...па вие толкувајте си го тоа како знаете и умеете. А за повеќе да знаете, кликнете: овде.

Музички и театарски вечери во Македонија

Социјален Центар Дуња во сабота ќе биде простор каде што авангардниот виолинист Глигор Кондовски ќе нè воведе во својата музичка вселена, заедно со обредната панк-џез дружина СВЕТЛОСТ. Овој настан е обет за едно несекојдневно музичко искуство. Што можете да очекувате ќе читнете: овде.

Во Битола, на 9 март, НУ Народен Театар ќе биде домаќин на претставата „Момчето со пругаста пижама“, која на еден длабок и емотивен начин ја раскажува историјата со оглед на Втората светска војна, носејќи пораки за невиноста, човечноста и пријателството. Однесете ги клинците, за сликовит приказ на нацизмот. Повеќе овде.

Слобода и права - мотиви на уличните маршови

А на 8 Март, граѓаните ќе ги зафатат улиците на Скопје во еден гласен марш за женските права под мотото „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање“. Оваа акција ќе почне на плоштадот Скендербег и ќе продолжи до Паркот Жена Борец, каде што ќе се чујат завршни пораки до јавноста и институциите. Повикот за акција прочитајте го овде.

После маршот продолжуваме накај МКЦ, на концерт чие учество може да се смета како израз на бунт и активизам. МКЦ се чини дека е ранет, но платформата „Силата еу младите“ не се дава така лесно - ве кани на концерт на Артан Лили и Занаду, за вечер на која ќе се потсетиме зошто го сакаме МКЦ преку концерт на прекрасен жесток рок. Повеќе за настанот овде.

Надвор од границите: Македонската уметност во Њујорк

И за крај, не запираме кај локалното - доколку сте во Њујорк, ќе ве интересира да знаете дека македонската теоретичарка Сузана Милевска ќе го промовира своето ново дело „Партиципациска уметност: парадигматски пресврт од објекти кон субјекти“. Оваа промоција ќе биде сведок на глобалниот отпечаток на македонската уметничка сцена. Што ќе можете да очекувате и кого се́ ќе видите на промоцијата (и изложбата) : овде.

Неделата што следува е полна со различни настани што ја поттикнуваат културата, уметноста и активизмот. Независно дали сте во потрага по нови знаења, уметнички доживувања или сакате да изразите поддршка за важни социјални прашања, неделата што нè очекува во Скопје, Битола и Њујорк обеќава дека нема да останете рамнодушни. Нека уметноста и солидарноста бидат вашите водилки низ овие денови.