top of page

29.3.24, во 11:00

трансФорма, марш

Влада на Република Македонија, Boulevard Ilinden, Skopje, North Macedonia

Скопје, 29 март - Граѓанската иницијатива ТрансФормА и поддржувачи на транс заедницата го организираат петтиот по ред Марш за видливост на трансродовите лица во Скопје, со цел да се прослави Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите лица.


Настанот, кој ќе се одржи на 29 март, стартува во 12 часот пред Владата на Република Северна Македонија, а ќе заврши пред Собранието.Маршот, кој се одвива под слоганот "МАРШИРАМЕ ХРАБРО – 5 години видливост", има за цел да ја зголеми свеста и да се бори против насилството и дискриминацијата кон транс лицата.

Организаторите истакнуваат дека видливоста е од критично значење за постигнување на социјалната и правната интеграција на трансродовите лица во општеството.ТрансФормА, која дејствува во заштита и унапредување на правата на трансродовите лица, со овој настан исто така потенцира потребата за постојана борба против стереотипите и предрасудите кои доминираат во македонското општество, кое често се опишува како конзервативно и затворено.


Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица, кој се одбележува на 31 март, првпат беше основан во 2009 година од американската транс активистка Рејчел Крндалд, со цел да се создаде ден кој ќе ги слави и ќе ја зголеми видливоста на трансродовите лица, во спротивност со Денот на сеќавање на убиените трансродови лица, кој често е единствениот настан поврзан со транс заедницата.



Видливоста е од суштинско значење во борбата за правата на трансродовите луѓе, особено во недоволно либерално и прилично затворено општество како македонското. Видливоста е вистински предизвик за стереотипите, ги разобличува заблудите и придонесува трансродовите луѓе да бидат прифатени како луѓе. Петтиот последователен Марш за видливост на транс луѓето во Скопје е всушност доказ дека трансродовите лица одбиваат да бидат избришани или замолчени и продолжуваат со својата битка да бидат прифатени како интегрални членови на нашето општество.
На 29-ти март гласно ја испраќаме пораката „МАРШИРАМЕ ХРАБРО – 5 години видливост“ со што се обидуваме да ја зголемиме видливоста на трансродовите луѓе, која е од клучно значење за овие процеси со цел да се обезбеди адекватно правно и социјално интегрирање на овие лица во едно демократско и цивилизирано општество за кое Република Северна Македонија барем декларативно се залага. - ТрансФорма.

Овогодинешниот марш во Скопје ги повикува сите членови на општеството, независно од нивниот полов и родов идентитет, да се придружат во поддршката и солидарноста со трансродовите лица, и да покажат дека секој има право да живее без страв и дискриминација.Се очекува значително присуство на активисти, поддржувачи, и граѓани кои ќе го изразат своето единство во борбата за рамноправност и признавање на правата на трансродовите лица во Република Северна Македонија.



фотографии: Ванчо Џамбаски; марш за видливост 2023;

bottom of page