Доаѓа петтиот Крај Вардарот Џез, во организација на Мирко Попов и Владан Дробицки | https://www.diva.mk/news/доаѓа-петтиот-крај-вардарот-џез%2C-во-организација-на-мирко-попов-и-владан-дробицки
top of page

Крај Вардарот џез, ПМГ, ПМГ Џез, Мирко Попов, Владан Дробицки

Неверојатната работна етика на Мирко Попов дава резултати и постхумно

 

Крај Вардарот, Скопје – Со длабок поклон и почит кон великанот на македонската музика и култура, Мирко Попов, петтото издание на „Крај Вардарот Џез Фестивал“ ќе започне на 20-ти април.


Овој фестивал, кој веќе пет години по ред се бори за статусот кој се чини дека веќе го достигна со работата во полето на џез музиката надвор од фестивалот, станува синоним за иновативност и врвни музички доживувања, и ја продолжува мисијата која ја отпочна Попов – човекот кој беше пионер и неуморен популаризатор на (џез) музиката во Македонија, ставен во еден поинаков контекст и на друга платформа на која сме навикнати - не помалку вредна.

Пресек на музичката иновација: Програмата на „Крај Вардарот џез“ 2024


Составен од три вечери, овој фестивал ќе ги претстави најиновативните и креативни аспекти на македонската музичка сцена, креирајќи ја својата уникатна атмосфера во Македонската филхармонија и во едукативниот културен центар Лабораториум.


Сабота | 20 април | Едукативен културен центар Лабораториум


21:00 Cobalt Code Unit концерт

Фракција од четири млади музички аскети, Cobalt Code Unit, смело ги смешуваат традиционалните јужнобалкански тонови со современите импровизации. Нивните настапи се како патување преку различни звучни пејзажи, што ве воведуваат во свет на авангардниот израз и психоделичните импресии.



Cobalt Code Unit е фракција од четири млади музички аскети, кои неуморно талкаат низ обемните пространства на јужнобалканските традиции на импровизирана и ритуална музика, контемплирајќи ги хоризонтите на современиот џез, креативната слободна импровизација, психоделичните импресии на африканските ритмички јазици и бучавата на индустрискиот метеж, прикажани низ призмата на авангардниот израз. Своите искуства засега ги имаат испишано на два долгосвиречки албуми: Rural (2020) и Soilwork (2021), како и на еден видео албум (The Yadro Concert). Нивните настапи наликуваат на долги импровизирани крајпатни патувања, полни со ненадејни угорнини, удолнини и свиоци, придружени со брзински дивеења низ калливата почва на планинските патишта, зачинети со мирно крстарење низ питомите висорамнински предели, нудејќи искуство со надреални пејзажи, медитативна меланхолија и спокој.
Програмата за 20 април е бесплатна.

Вторник | 23 април | Филхармонија

20:00 >> „Мирисот на липите“ - концерт на пијано на Дуња Иванова

Во овој музичко-поетски проект, Дуња Иванова и Тина Иванова ја раскажуваат приказната за урбаните моменти на Скопје. Од улиците до кафеаните, во овој концерт ќе го почувствувате „Мирисот на липите“ преку мелодиите и наративата.


20:00 >> „Мирисот на липите“ - концерт на пијано на Дуња Иванова проследен со текст и нарација на Тина Иванова
„Мирисот на липите“ е музичко-поетски проект, кој ќе раскаже приказна за познатите урбани, но и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“... „Мирисот на липите“ е концерт на пијано на Дуња Иванова проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, како и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи токму Пандевска. Станува збор за получасовно патување низ симболите на Скопје, но погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. Всушност, „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител на Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
На крајот на март за ПМГ Џез, како 44 издание, излезе албумот во живо со концерт на пијано на Дуња Иванова реализиран во рамки на музичката програмата “Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Онлајн продажба на билети е достапна преку bileti.mk. Блок билети за 23 и 27 април се по цена од 600 денари и поединечен билет 400 денари.
Билетите се достапни на следниве линкови:

21:00 >> Концерт на Биг Бенд - музика на Кире Костов

Со интерпретација на дела од Кире Костов, Биг Бендот под диригентство на Љупчо Мирковски го слави еден од најзначајните стваратели во македонската музичка историја.


Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Кире Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Кире Костов од страна на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Онлајн продажба на билети е достапна овде:
https://bileti.mk/e/krajvardarotjazzblok24 (за блок карта)

Сабота | 27 април | Едукативен културен центар Лабораториум

21:00 >> Концерт на Macedonian Free Society

Соработката помеѓу извонредни автори и инструменталисти го резултираше во овој мега состав кој ги обновува стандардите на македонската џез сцена.



22:00 >> Концерт на Поетроника

Современата македонска поезија доаѓа до живот преку поетско-музички перформанс, со магичната комбинација на Оливер Митковски и Андреја Ристески – Салпе.

Програмата на Крај Вардарот Џез 2024 го прославува богатството на македонската музичка сцена, претставувајќи иновативни проекти и врвни уметници кои го разголуваат духот и културата на нашиот град. Од мистериозните патишта на импровизираната музика до поетските светови на електронските звуци, овој фестивал е патување што ќе ве одведе на неочекувани дестинации во светот на македонската уметност.




Организаторите, со високо признание кон творештвото на Мирко Попов и со иста онаа страст и посветеност која тој ја вложуваше во развојот на музичката сцена, го реализираат фестивалот со една единствена цел: да го одржат духот на џезот жив и да го промовираат како неоделен дел од културниот идентитет на земјата.

Крај Вардарот Џез Фестивал стигна до своето петто издание. Фестивал кој произлезе од големата љубов, визионерство и посветена работа на Мирко Попов и Владан Дробицки за интегрирање на извонредни автори и изведувачи од македонската музичка сцена во полето на џез, светска и современа музика, и нејзина видливост и позиционирање, како во домашен, така и во меѓународен контекст. Како еден сегмент од целото работење на ПМГ Џез, со веќе 46 изданија на македонска музика, Крај Вардарот Џез Фестивал како своевидна платформа, секоја година во континуитет на домашната публика и ги претставува најквалитетните и рецентни авторски остварувања од високо ценети и реномирани автори, но и млади, веќе наградувани и признаени таленти.
Годинашното фестивалско издание нуди исклучителна програма селектирна од Попов и Дробицки која ги надминува границите на музичките жанрови, спојувајќи џез, електроника и современа музика. Програмата опфаќа интердисциплинарен пристап на македонска авторска музиката споена во изведбен акт со македонската поезија и проза (Поетроника на Салпе и Митковски и Мирисот на липите на Дуња и Тина Иванови), настап на два исклучителни музички ансамбли (Биг Бендот со  интерпретација на селектирани дела од доајенот на современата џез композиција Кире Костов и Маседониан Фри Сосајети, октет од извонредни совр емени џез музичари кои ја исцртуваат новата историја на македонската џез и современа музика) и младиот авангарден состав Кобалт Код Јунит, чија музика ја спојува традицијата, современиот џез, африканскиот бит и бучавата на индустрискиот метеж. На тој начин веќе петта година по ред го развиваме профилот на фестивалот како уникатен и квалитетен културен настан, ценет и очекуван од публиката, која има потреба од овој нов пристап кон градење на современ македонски музички и културен идентитет.
Со длабок поклон, Крај Вардарот Џез Фестивал 2024 го реализираме во чест на Мирко Попов. Визионер, иницијатор, куратор и организатор на овој фестивал и целокупната музичка дејност поврзана со работата на ПМГ Џез како сублејбл за џез и светска музика на матичната дискографска куќа ПМГ Рекордингс, активна од 1998 година. Со голема жар и посветеност заедно со Дробицки работеа на програмата на годинашното фестивалско издание, чија реализација не успеа да ја дочека. Тимот на Крај Вардарот Џез Фестивал 2024 во негова чест и во чест на музичката сцена која Попов неуморно ја развиваше, со истиот ентузијазам и посветеност го реализира ова фестивалско издание. Симболично како во легендата за настанувањето на градот Скопје „Големата камена глава“ и соколот кој ги чувал луѓето во градот се додека нивната душа не стане посилна од силата на Љубомор за да го победат со сложност, Мирко Попов е соколот на Скопје, како и во песната „Море сокол пие, Вода на Вардаро… !” кој беше и инспирација за името на фестивалот. - ПМГ Џез;


Сликата на Попов како „соколот на Скопје“ кој го буди духот на градот преку музиката, се чини повеќе од соодветна – симбол на неговата непоколеблива визија, инспиративност и бескрајната љубов кон мелосот и уметноста.




Фестивалот „Крај Вардарот Џез“ е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија и соработува со Македонската филхармонија и едукативниот културен центар Лабораториум. Организаторите ветуваат дека ова издание ќе остави траен белег во секое срце кое копнее по квалитетна музика и вистински културен доживувања.



Со нетрпение го очекуваме почетокот на фестивалот следната сабота, каде што ќе се слави џезот, Мирко Попов и музичкото наследство кое тој го остави зад себе.

Онлајн продажбата за останатите билети е достапна преку bileti.mk. Блок билети за 23 и 27 април се по цена од 600 денари и поединечен билет 400 денари.
Билетите се достапни на следниве линкови:
https://bileti.mk/e/krajvardarotjazzblok24 (за блок карта)

Повеќе за настанот на неговиот Фејсбук овде.



bottom of page