top of page
14.11.24 г., 19:00
Откривање на скриените нишки на балканската поврзаност преку едукативни видеа и дискусии
Скопје, 20 ноември 2023 - Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК) со задоволство објавува најава за наредниот настан - промоција на пет куси едукативни видеа создадени преку концептот на "испреплетена историја".
Настанот ќе се одржи во Младинскиот културен центар (МКЦ) Влахов 15, во Скопје, на 25 ноември 2023 година, со почеток во 19.00 часот.

„Концептот на „испреплетена историја“ е историографски концепт кој поаѓа од меѓу-културна перспектива и идеја за меѓусебната поврзаност на општествата, групите и индивидуите; како и другите „типични“ единици на анализа во историската наука: нациите, империите или цивилизациите. Како таков, овој концепт често доаѓа во судир со концептот на „национална историја“, кој, од друга страна, ја истакнува меѓусебната разделеност и специфичност. Клучни предности на историското истражување кое се потпира на концептот на „испреплетени истории“ е што овозможува критички преглед на историските настани, неоптоварени од националните митови и историски канони. Таквиот пристап не доведува до толкувања кои доследно ги земаат предвид временските и просторните контексти на предметот на истражување, на сметка на толкувањата кои однапред претпоставуваат насочување на историските текови кон современите национални каузи.“ - велат од ЦИНИК.

Настанот ќе вклучи прикажување на петте видеа, а потоа и отворена дискусија со историчарот Дарко Стојанов и историчарката Ивана Хаџиевска, водена од Јован Близнаковски.
Конкретно, видеата се базирани на провокативни историски теми како животните приказни на Григор Прличев и Тодор Паница, дејноста на учителките Недела и Станислава Петкова, продукцијата на списанието "Македонка" во повоениот период и споделениот религиски храм "Св. Никола / Хад’р Баба" во Македонски Брод.
Овие видеа имаат цел да прикажат испреплетеноста на историските текови меѓу повеќе национално разделени општества на Балканскиот полуостров и да обезбедат нови перспективи за сите кои се интересираат за историјата.
Самото настан е дел од проектот "Испреплетени истории: јавна промоција и препознавање", кој е финансиски поддржан од Фондацијата Хајнрих Бел.
За повеќе информации и детали за настанот, посетете го веб-сајтот на ЦИНИК.
bottom of page

