Промоција на „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ од Ана Василевска | https://www.diva.mk/news/промоција-на-„дискретниот-шарм-на-македонскиот-филм“-од-ана-василевска-
top of page

промоција, Ана Василевска, Дискретниот шарм на македонскиот филм

26.4.24, во 18:00

Уникатен приказ на македонската кинематографија преку око на искусен критичар

Скопје, 8 април– Промоцијата на најновата книга на Ана Василевска „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ ќе се одржи на 10-ти април во Јавна соба. Македонските режисери Ана Опачиќ и Даријан Пејовски ќе бидат промотори на ова важно дело, кое нуди свеж и аналитичен поглед на развојот и дострелите на домашната кинематографија.


Василевска, позната по својот остар критички ум и длабока страст кон филмската уметност, ни претставува книга која во опсег на три децении го следи патешествието на македонскиот филм од моментот на осамостојувањето на државата па сè до денес. Нејзината детална истражувачка работа го отсликува развојот на македонската филмска продукција во контекст со политичките, социјалните и културните промени во земјата и светот.



Промоцијата ќе биде добра прилика за љубителите на киното, стручната критика и сите оние кои се заинтересирани за историјата и современоста на македонската кинематографија. Како што вели рецензентката Ана Кубин во својот осврт:


„Нашата филмска традиција има поопсежна историја и несомнено можеме да ја сместиме во неколку епохи, но новото наше филмско творештво, до денес, повеќе од сигурно испиша нова историја, изроди ново филмско стебло, направи нов уметнички исчекор. Ете за тие факти зборува книгата на Ана, не заборавајќи да ја спомене и генетиката на македонскиот филмски уметник, или ако сакате повеќе, генезата на македонскиот филмаџија. Таа умешно ги проткајува споредбите на мак филмот со светските филмски уметнички дела, цитирајќи едни од најголемите светски и македонски филмски умови, паралелно прикажувајќи ја средината, состојбата и општествените прилики во кои се создавала светската наспроти македонската филмска креатива. Книгата во која на стотина страни е отсликана македонската филмска продукција во последните триесеттина години е јасна и концизна приказна за почетоците на нашето самостојно филмување, но и стручен приказ на времето во кое живееме сега во филмска смисла на зборот, до каде сме и каде сме се упатиле, имаме ли перспектива и што е она што треба да смениме за да напредуваме, оти во уметничка смисла, иако вака и вакви мали, ние имаме што да му понудиме на филмскиот свет, но и рамноправно да му парираме на светскиот филмски џет сет.“


Од промоцијата се очекува да произлезат дискусии за перспективите и потенцијалните промени што би можеле да ја засилат македонската кинематографија, ставајќи ја на картата на светското филмско наследство.



Освен промотивните зборови на Василевска и познатите режисери, настанот ќе биде проследен и со музички перформанси кои ќе ја дополнат атмосферата на промоцијата.



bottom of page