За само еден месец #БорбаЗаВлае покажа колкава е силата на добро и паметно организирана заедница во заеднички интерес! Ги има сите одлики на “grassroots” движење :
“Грасрут движење е она што ги користи луѓето во дадена област, регион или заедница како основа за политичко или економско движење. Грасрут движењата и организациите користат колективна акција од локално ниво за да извршат промени на локално, регионално, национално или меѓународно”
Веста дека Влае, драстично ќе го измени препознатливиот лик на урбана мирна но и живописна населба и ќе го земе ликот на засекогаш променетото Дебар Маало, кое е една од најголемите болки на Скопјани ги покрена Влаевчани. Се испостави дека најавата за градење на кули, монтажни гаражи, црква со гробишта на место на инклузивно игралиште за деца е само загребување на површината .. Тивката деградација се одвивала подло и со години. Тоа што посебно дава ветар во крилата е дека многу медиуми ги покрија активностите, и со тоа инспирираа многу повеќе и многу подалеку од оваа скопска населба.
Борба за Влае денес објавија :
“Пред точно еден месец Борба за Влае се појави на ФБ.
За жал предлог ДУПот за Влае 2 нѐ натера да ја направиме оваа страница, но за среќа, преку неа откривме колку многу влаевчаните се спремни да се борат да го зачуваат својот мир и хуманото живеење во населбата.
Во еден месец имавме огромен број споделувања за различни спорни локации во старо-новиот предлог ДУП, главни од кои беа станбените објекти на јавно земјиште (Кули Кино Влае, тревникот спроти КАМ), затворено спортско игралиште на кеј, градинка со 40% комерцијална намена на кеј, Црква место инклузивно игралиште, монтажни паркинзи на тревниците пред Порта Влае и нова улица со паркинг покрај школото, на ул. Ангел Динев.
Како што детално го читавме планот откривавме повеќе небулози и работи кои самите жители ни ги посочуваа. Пред се откривме дека има лажирани висини и постоечка состојба за да се дозволат повисоки нови згради кај Тинексот, жителите на куќите јужно од Порта Влае се жалеа дека им се одзема дворно место за сервисни улици или за паркинг за нови згради на јавно земјиште (необјавено сѐ уште. Се работи за нови згради на бул. Васил Чакаларов). Ни пријдоа и жители на Влае 1 кои со години се обидуваат да добијат црква на веќе договорено земјиште со МПЦ и Општина Карпош, други кои сакаат улицата Иван Цанкар да е слепа, трети кои се бунеа за катноста на околните куќи.. Сите овие луѓе кои собирале петиции со потписи од жителите на нивните заедници.
Очигледно влаевчаните го негуваат маалскиот живот, ја ценат својата населба и низ годините се собираа за различни каузи.
Нашата борба само што започна.
Им благодариме на сите што ни се приклучија и што нѐ поддржаа.
Им благодариме на медиумите, на волонтерите, дизајнерите, активистите, комшиите, на сите без кои немаше да се прочуе нашата битка.
Им благодариме на советниците кои пренесоа порака до општинските власти дека нема да гласаат ДУП во кој на прво место се става интересот на инвеститорите и урбаната мафија, а жителите на населбата не се консултирани.
И благодариме и на Дива за дизајнот на овој инфографик.
Борбата продолжува.
Во наредните недели ќе известуваме како и каде.
Сите кои сакаат да ни се приклучат и да ни помогнат нека ни пишат тука, во приватна порака или на мејлот BorbaZaVlae@gmail.com.
Потребни се стручни правници и архитекти/урбанисти, луѓе кои можат да помогнат во организирање на настани, кои би помогнале со делење материјали и известување на своите заедници и секој кој може да придонесе некако.
#БорбаЗаВлае постои еден месец и во тој месец покажавме дека со влаевчани нема лабаво 💪”
Comments