top of page

На прагот на промените на Зоолошката градина Скопје: Разговор со Стефан Кирков

Updated: May 24

 Зоолошката градина во Скопје е во центарот на јавниот интерес веќе со години, тема која е постојан гостин кој низата скандали поврзани со Зоолошката ги доживува како покана да поседат уште пет минути. Се чини дека интервалите помеѓу една трагедија и друг кикс стануваат се́ покуси - помеѓу безнадежните услови на егзотичните животни и иронично, исто толку очајните услови во кои функционираат вработените, оптимизмот станува состојба која е во бледо сеќавање но и енергија залудно потрошена.

Сликите од осамен слон на напукнат бетон, меѓу останатите, обелоденети од туристи и локални посетители предизвикаа лавина реакции, меѓу кои и бројни критики. Скопската Зоолошка градина – институција стара речиси еден век – во својот почеток претставуваше место за едукација и уживање, вистинска гордост на градот и место кое беше интегрално со детството на многу генерации. Меѓутоа, со текот на времето, таа го изгуби чекорот со модерните светски практики и денес е вплеткана во сериозни обвинувања за негрижа, угинати животни и недостиг на отчетност, жртва на транзициски и политикантски пресметки. Во последните две години, се зголемува бројот на гласови кои предупредуваат дека нешто трагично се случува зад оградите на Зоолошката градина Скопје.

Сепак, зад вревата од социјалните мрежи, постои човек кој инсистира дека гледа светлина на крајот на тунелот, и со постојаното инсистирање работи да го трансформира ова место – чекор по чекор, ден по ден. Стефан Кирков, зоолошки волонтер, активист и донатор, кој подолго време ја следи состојбата одблизу. Тој е зоолог, екологист, активист, кој доаѓа од светот на невладините организации и младинскиот активизам, Кирков е меѓу оние кои ја носат визијата за ново лице на институцијата наспроти резигнираниот повик но и можеби логичниот исход - Зоолошката градина Скопје да се затвори и пренамени. 


Во ова интервју, Кирков подетално и јавно зборува за шокантни случувања кои, како што вели, се премолчувани од институциите: од колење коњи и мистериозни угинувања на егзотични животни, до нефункционален менаџмент, недостиг на професионални кадри и замолчени вработени. Разговорот го водиме со намера да ги поставиме прашањата што досега никој не сакал гласно да ги постави – за животните, но и за системот што ги доведе до раб на исчезнување.

  Во време кога јавноста бргу реагира, кога фотографиите стануваат наративи, а критиката е често инструмент на отуѓеност, вреди да се слушнат и оние кои се внатре.

Стефан Кирков не нуди совршена приказна. Но нуди човечка. И визија што расте – како ново живеалиште, што се вклопува полека, во срцето на еден стар бетонски зоолошки парк.

Господине Кирков, Ви благодарам за ова интервју. Вие сте зоолог по професија, долгогодишен активист и волонтер во Зоолошката градина. Како успевате да ја балансирате таа позиција со вашата заложба за заштита на животната средина?


Стефан Кирков: Најнапред Ви благодарам на интересот и Вашето внимание - првенствено како советник во Градот Скопје, каде имам и должност да реагирам пред Скопјани, а

потоа и како ЗОО активист , волонтер и донатор во Зоолошката градина Скопје, но и човек кој е емотивно врзан за оваа установа, и од најмали години е во оваа установа, да

реагирам на сето она што се случува во последните години.

Ќе започнам со следново: Зоолошката градина Скопје, можеби е и најстара зоолошка во Европа, веќе за една година оваа установа ќе слави 100 години постоење , се наоѓа во

срцето на СКОПЈЕ, и е место каде што поминале многу генерации. Со неа сите ние

растевме , стекнавме емпатија кон животните за прв пат, растеле и треба да растат

генерации и генерации. Зоолошката во Скопје помина низ многу фази - и таман кога блесна и ги доби своите најдобри денови, се случи колапс на секое поле , се промени

локална власт и бродот за Зоолошката почна да тоне.

Првиот аларм беше поставување на директор по предлог на Градот за кој знаеме дека прво работно искуство му е вработувањето во оваа установа како зоо неговател и тоа, замислете, ни повеќе ни помалку, туку во време кога неговата мајка е директор на оваа установа. Но секој заслужува можност, па јас и сите зоо активисти бевме тивки, и да речеме оптимисти, надевајќи се дека ќе продолжи да работи како неговиот претходник но.... се случи најстрашното и првиот аларм а тоа беше колењето на повеќе од 15 коњи во скопската Зоолошка!

Коњите беа подарок од Агенцијата за одземени предмети, беа подарени на Зоолошката, со идеја која беше добра - од причина дека Зоолошката градина Скопје има место да ги смести каде можат да живеат.

Но замислете, со одлука на директорот кој впрочем доаѓа од секторот како специјалист за коњи, истиот со негова лична одлука во самата установа ги убива овие животни и од скопската Зоолошка прави кланица на што наиде на голем револт кај сите љубители на животни, но и во целата јавност ! Тогаш, кај мене се вклучи алармот по прв пат, и за жал до ден денес....е вклучен!



Според вашите податоци, во последниве две години угинале повеќе од 40

егзотични животни. Дали институциите официјално го испитуваат тоа, и дали

постои конкретна одговорност кај раководството?


- Точната бројка на угинати животни не е достапна и за нас советниците во Градот

и кога сакаме на советнички прашања да го прашаме директорот Зоран Попов кој

го наследи предходникот за кој пишуваме погоре , истиот не се појавува што исто

така преставува еден голем преседан и незапамтено нешто во историјата на Град

Скопје. Според мене бројката можеби сега е и поголема: знаеме за две жирафи ,

зебра , отруени преживалски коњи, берберски овци , слон , пингвин , леопард , лами , јастреб и слично.


Колку што сум во тек, постапка се води за два дена која се однесува на сомнителните труења на преживалските коњи како и труењето на берберските овци и лами, институциите сеуште и официјално не излегуваат со епилог од овие постапки. За жал и покрај тоа што одредени вработени кои се посочуваат како дирекно виновни се́ уште работат без никаква одговорност. Според мене, до сега, одговорност првенствено требаше да си поднесе директорот Зоран Попов, а потоа и целиот менаџмент но... гледаме дека нема ниту О од одговорност!

Често ја поврзувате градоначалничката Арсовска со поставување на нестручен

кадар во Зоолошката. Дали имате конкретни информации што го поткрепуваат тоа

тврдење?


-Секако дека да! Еве ќе почнеме со поставувањето на првиот директор. Се

испостави и докажа дека наместо да ги продолжи проектите и работата кога скопската Зоолошка рушеше рекорди на посетеност и беше најпосетувана установа во Македонија, тој

направи инцидент со колењето на коњите од причина што самиот сметал дека не се доволно атрактивни, и сакал замислете да ги искористи за економски цели !


По него доаѓа актуелниов директор кој само за три години од Зоолошката направи КУЌА НА СТРАВОТ! Со неговото менаџирање се случува помор на животни под сомнителни околности , се сличува губење на статус членка во EAZA , нефункционалност на Дино паркот , за малку избегната епидемија поради вируси и

инфекции присутни во оваа установа и што ли уште не!


За каква стручност зборуваме кога ние не знаеме ни како изгледа овој директор ,

знаеме за инциденти и помор на животни, како и губење на сите оние спонзори и општествено одговорни компании кои донираа во Зоолошката градина Скопје, и помагаа! Арсовска за сето ова е глува и слепа !


Ја изгубивме кандидатурата за членство во ЕАZA – Европската асоцијација на

зоолошки градини. Што тоа значи за животните, за Зоолошката и за имиџот на

градот? И зошто, според вас, не се прави обид да се врати тој статус?


- Не само што ја изгубивме кандидатурата туку добивме и бан – забрана да бидеме кандидат членка во траење од осум години!

Да појаснам: ЕАЗА е институција како Европската Унија кај нас луѓето. Ние со Зоолошката градина Скопје бевме пред самите врати да членуваме, но со доаѓањето на Арсовка и нејзините кадри ние го изгубивме статусот и сега сме блокирани. Тоа значи дека нашата

Зоолошка не постапуваше по нивните препораки за тоа како треба да изгледа една

современа европска зоолошка. Сега сме во ситуација во која Зоолошката градина Скопје не смее да соработува со ниту една зоолошка која е членка на ЕАЗА, а тоа се 90% од зоолошките во Европа, не смееме да имаме размени на животни и било каква соработка, а тоа верувајте е многу лошо. Имаме животни кои живеат во стадо , јато и слично... замислете некое да погине, ние нема да можеме да му донесеме придружба.


Доколку бевме членки во ЕАЗА ќе бевме под нивен целосен мониторинг, ќе се правеа размени на животни, реконструкции на живеалишта, обуки на ветеринарни тимови , обуки на зоо негуватели и што ли уште не... од голема важност е да напоменеме дека и ЕАЗА ќе инвестираше во скопската Зоолошка. Оваа установа немаше во оваа мера да биде на товар на буџетот на Град Скопје.


Да , во моментов не се работи на обид за враќање на членството, сите преговори се замрзнати поради непрофесионалноста на менаџментот, едноставно немаат идеја како понатаму. Јас редовно контактирам како советник со менаџментот, при што добивам одговор дека тие немаат одобрување од градоначалничката.


Зборувавте за долгови, лоша организација и недостаток на безбедносни камери.

Колку е, според вас, ситуацијата ризична и за животните, и за вработените, па

дури и за посетителите?


- Финансиската ситуација на Зоолошката е навистина лоша, се соочуваат со големи долгови кон добавувачите за храна на животните, кон ЕВН и останатите компании што работат на било каков начин во скопската Зоолошка.

И покрај тоа што ние како советници изгласавме ребаланс на буџетот, па дополнителни средства се дадоа на Зоолошката градина Скопје, оваа установа пак работи со големи загуби и долгови што, според мене, е само плод на недомаќинско и сомнително работење.


Организацијата е под сите нивоа за една европска зоолошка градина , мониторинг

не постои, и тој што некогаш бил поставен повеќе не е во функција . Сите бевме

сведоци за опасноста, нели, бевме на праг преку Зоолошката градина Скопје да се појави

епидемија со вирусни заболувања. И да - АХВ не реагираше на време, со што ја затвори Зоолошката на определен период. Можеше да се случи хаварија од невидени размени , како за посетителите така и за вработените но и за тие животни кои останаа во овој логор наречен скопска Зоолошка. Навистина со тешко срце ќе го изјавам ова, но: ДА , ситуацијата е ризична и мора под итно да се направи нешто.

Се споменуваат нови вработувања во установата. Вие остро се спротивставивте

на тоа. Зошто сметате дека тоа е проблем во ваков момент?


- Револтиран сум од менаџментот и од сите случувања во Зоолошката која ја сакам

и сум емотивно врзан за неа, установа која треба да е лицето на градот и државата, а одредени ликови ја претворија во тоа што е денес. Да, излегов со таков став и јавно во советот го истакнав, кажувајќи дека овој менаџмент не може со оние кои се моментално вработени да постави ред а не пак со нови. Но по праток период при една моја посета во скопската Зоолошка, која беше и најавена , имав прилика да разговарам со вработените кои со мене отворено ги споделија проблемите со кои се соочуваат.


Замислете, таму има вработени со нерегулиран статус, односно тие се со некој договор за дело и не се ни пензиско ниту пак здравствено осигурани, лица кои работат под ризик, со диви животни секој ден, и при поввреда немаат осигурување.

Тоа искрено не го знаев до тој момент, и после разговорот со нив , на предлог на мојата советничка група во советот на Град Скопје бев иницијатор, и горд сум на тоа што пред еден месец ги изгласавме овие вработувања, кои за мене беа услов кон директорот да не се вработуваат лица од надвор, туку овие постојниве кои веќе се со години во скопската Зоолошка и се вистински професионалнци да си добијат трајно вработување со плата и со сите привилегии. Се надевам дека политиката ќе ги тргне рацете од Зоолошката градина Скопје, и овие лица ќе бидат вработени за што сум голем нивни подржувач и додека не се заврши оваа постапка ке го следам случајот.


Велите дека Зоолошката градина Скопје денес е „куќа на стравот“. Дали ова е институционален колапс, или „само“ лошо менаџирање? Како би изгледала, според вас, здрава и одговорна Зоолошка градина?


- Од се по нешто , најнапред како што кажав треба политиката да ги тргне рацете од оваа

установа и од животните . Штетата е веќе направена и е од невидени размери. Под итно е потребно прво ревизија и одговорност, а потоа и многу работа и инвестиции. Ако сакаме како метропола да имаме европска зоолошка, не треба да мудруваме многу, туку да го земеме само примерот од околните земји. Според мене под итно треба план и стратегија за инвестиции, како и експертски тим кој веднаш ќе започне

преговори со ЕАЗА за враќање на статусот кандидат членка и членка кај нив. Вистински

професионалци на вистински позиции со носење на инвестиции во оваа установа и пред

се́ и најважно од се́ - менаџментот кој ќе дојде, да сака да направи нешто а ќе потенцирам

и поентирам дека во ситуацијата во која се наоѓа скопската Зоолошка мора и државата и

Владата да помогнат за што јас сум сигурен дека и ќе се случи за многу кратко време од

сега.


Како советник во Град Скопје, кои чекори ги презедовте официјално – преку Советот

или други канали – за да се истражи оваа состојба? И дали наидовте на отпор од колеги,

од институции?


- Интересно прашање , седниците во Советот не Град Скопје се јавни и се пренесуваат во

живо, ако следите ќе видите дека можеби и сум единствениот од месец октомври 2023

од кога сум советник па се́ до сега, кој е најгласен кога во прашање е Зоолошката градина Скопје. Секогаш земам збор и барам информации за финансиската состојба, барам одговори за сето ова кое се случува. Но за жал, наидувам на тотален молк и игнор од страна на директорот и на Данела Арсовска.


Како советник сум горд што сум јавен критичар и што секогаш сум на страна на животните и вработените во оваа установа , се изборив за регулирање на статусот на вработените да добијат трајно вработување што навистина ми е многу драго и сум благодарен на колегите од мојата советничка група што ме подржаа.


Како советник и носител, да речеме, на оваа јавна функција секогаш ја посетувам скопската Зоолошка, разговарам со вработените и дел од менаџментот, и сето тоа кое го прибирам од

нив го доставувам во советот - но за жал, ќе кажам со ова градско раководство многупати

се обидовме да направиме нешто подобро, но наидуваме на тотално игнорирање. Но во

едно сум убеден, а тоа е дека доаѓаат многу подобри времиња за скопската Зоолошка.


Дали сте во комуникација со вработени или поранешни вработени од Зоолошката? И

дали тие ја потврдуваат состојбата што ја опишувате?

- Секако , во постојан контакт сум со скоро сите вработени во Зоолошката градина Скопје. Неколку пати месечно и сум лично присутен во Зоолошката каде меѓу животните си го наоѓам својот мир и спокој.

Во одличен контакт сум и со поранешните директори а посебно со г-динот Галетановски

со кој можеби доаѓаме од различни политички партии но кога станува збор за животните и

скопската Зоолошка, ние сме на ставот дека животните немаат ниту партија ниту име и презиме, дискутираме за ситуацијата во која се наогаме како Зоолошка и може и да слободно кажеме дека скопската Зоолошка ги доживува своите најтемни денови во поново време.


Конечно, што би ѝ порачале на јавноста – на граѓаните кои ја посетуваат Зоолошката,

но и на оние кои бараат реформи? Како можат тие да помогнат, ако воопшто има простор

за јавен притисок?

- Би порачал и понатаму да ја посетуваат Зоолошката градина Скопје. Со самата посета

и со таа купена карта верувајте дека многу и́ помагате на установата и животните внатре.

Верувајте од нас зависи се́ и не смееме да се откажеме!

На родителите им порачувам - почесто да ги носат своите дечиња во зоолошката за да добијат емпатија кон животните но исто така и да бидеме одговорни и примерни, да не им фрламе храна на животните и да ја чуваме Зоолошката чиста.

Времето за притисок веќе помина, на праг сме пред локални избори, и верувам дека промените брзо ќе дојдат. Би апелирал да сите општествено одговорни компании и коорпорации да инвестираат во Зоолошката градина Скопје.

Јас сум убеден и цврсто верувам дека кој и да биде следен градоначалник повеќе ќе си го

сака Скопје од моменталниот, повеќе ќе си ја сака и скопската Зоолошка. Скопје заслужува да има европска зоолошка градина и сигурен сум дека поубави денови за скопската зоолошка со сигурност доаѓаат.


Интервјуто го водеше: Ана Чушкова.



Стани Дивотно

Commenti


Дива Мисла е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

дива лого
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page