top of page

Французите се свртија кон серијата „Секс образование“ за - сексуално образование

Французите веќе долго време се гордеат со својата savoir-faire (вештина во однесувањето ) во заведувањето додека Британците беа етикетирани како сирови и несофистицирани во спалната соба.

Сепак, сега Француското национално здружение за семејно планирање се обрати на британската ТВ серија Сексуално образование за помош, за да ги подучат француските младинци на сите прашања на таа тема, од флерт до предигра и правење голи селфија па сѐ до сексуално преносливи болести.



За да помогне во компензирање на, како што вели, сериозниот недостиг на сексуално образование во француските училишта, Planning Familial започна информативна кампања во партнерство со Нетфликс за време на четвртата и последна сезона од серијата што сега се прикажува на стриминг платформата. Кампањата вклучува емитување на ,,жешка линија“ на социјалните мрежи со видеа во кои инфлуенсери одговараат на прашања поставени од младите луѓе, прошарани со клипови кои ги прикажуваат проблемите покренати во серијата.


Билбордите што ја рекламираат жешката линија го прикажуваат логото на Нетфликс заедно со логото на Planning Familial и го привлекуваат вниманието кон линијата за помош на здружението, нудејќи совети за француските тинејџери кои се борат со нивното сексуално будење. Мотото гласи: „Ова е последната сезона, но сексуалното образование продолжува: Семејното планирање одговара на вашите прашања“.


Билбордите даваат примери на прашања засновани на секвенци во серијата, како на пример „Дали предиграта е секс?“ или „Како да знам дали сакам девојчиња или момчиња?“

Сара Дурошер, претседателката на Planning Familial, рече дека серијата ги покрена прашањата што тинејџерите често ги поставуваат.

„Во Франција, ние сме многу далеку од обезбедување доволно сексуално образование“, рече Дурошер. „Серијата е добар извор на информации и е многу слободоумна и инклузивна. Тоа не им дава на младите сексуално образование како такво, но им покажува дека е во ред да поставуваат прашања“.

И покрај угледот на Франција како либерална во пристапот кон сексуалноста, активистите велат дека сексот останува табу тема во училиштата. Само 15 отсто од основните и 20 отсто од средните училишта ја исполнуваат законската обврска да им даваат на учениците најмалку три лекции за сексуално образование годишно, според неодамнешните истражувања.

„Бројките зборуваат сами за себе“, рече Дурошер. „Лекциите за сексуално образование обезбедуваат веродостојни информации, помагаат во спречување на болести и ги учат тинејџерите за согласност и насилство. Сметаме дека тие се апсолутно суштински за борба против сексизмот и сексуалното насилство“.

Planning Familial, заедно со две други кампањски групи, ја тужи владата поради недостаток на сексуално образование во училиштата.



Дурошер рече дека целта на заедничката кампања со Нетфликс е да се надоврзе на прашањата покренати во серијата, која ја гледаат милиони луѓе. Доби порој од почит за реалистичниот и емпатичен приказ на маките на тинејџерскиот секс. „Сакаме да го објавиме она што го правиме за младите да знаат дека можат да дојдат кај нас за совет или помош. Се сретнуваме со околу 15.000 тинејџери годишно. Многумина зборуваа за серијата“.

Сексуално образование ги прикажува животите на тинејџерите во измислениот град Мордејл. Главниот лик е Отис Милбурн, средношколец. Мајката на Отис, која ја игра Џилијан Андерсон, е секс терапевт. Заедно со соученичката Мејв Вајли, која ја игра британско-француската актерка Ема Меки, тој основа успешен бизнис советувајќи ги другите студенти како да се справат со сексуалните проблеми.

Серијата е хумористична и лесна, во контраст со француските продукции кои имаат тенденција да го овековечат митот дека нацијата е обдарена со природен талент за сензуално задоволство кое нема потреба од инструкции. Во Франција, каде што група од 100 жени, предводена од актерскиот ветеран Кетрин Денев, го отфрлија движењето #MeToo во 2018 година како „пуританско . . . бран на прочистување“, Сексуално образование може да помогне за модернизирање на ставовите.

Дурошер рече дека дискусијата за прашањата покренати во серијата, исто така, може да се спротивстави на негативното влијание на интернет порнографијата врз тинејџерите.

„Во порнографијата се случува да има насилни сексуални сцени и важно е да се има простор каде што тинејџерите ќе можат да зборуваат за она што го виделе и да го критикуваат, и да ги добијат вистинските информации и одговори“.

Сепак, серијата не им се допаѓа на сите како што е случај со Дурошер. Весникот Le Parisien ја критикуваше серијата за „стереотипни ликови, нереални ситуации и претерано вознемирувачка страна“, но призна дека се занимава со тинејџерската сексуалност „на позитивен и непречен начин“. Активистите велат дека недостатокот на сексуално образование во Франција придонесува за пораст на случаите на ХИВ.



Здравствените власти проценуваат дека повеќе од 170.000 луѓе живеат со ХИВ во Франција, во споредба со повеќе од 100.000 во Велика Британија. Се проценува дека двете земји имаат приближно слични стапки на тинејџерска бременост.

Сексуалното образование во училиштата стана задолжително во Франција дури во 2001 година, 25 години подоцна отколку во Англија и Велс. Наставниците мораа да се борат со противењето на конзервативните католици и од неодамна од некои муслимански семејства.

Откако џихадист го обезглави Самуел Пети, учител кој на своето одделение ги покажа карикатурите на пророкот Мухамед во 2020 година, многу наставници во француските училишта се плашат да ги навредат религиозните чувства.


извор: The Sunday Times;

bottom of page