„Акреа“ Кога везот зборува – модата како акт на културна ревитализација
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- May 30
- 5 min read
Дизајнерката Анета Трпчевска преку брендот „Акреа“ гради мост помеѓу етничките кодови и современата мода – со почит кон културното наследство, женската енергија и автентичната рачна изработка, таа ја трансформира традицијата во жива, нослива уметност.

Етничките кодови не се само визуелни украси или естетски избори – тие се комплексен систем од симболи, бои, техники и материјали што ја носат душата на одредена култура. Во нив се вткаени спомени, вредности и животни филозофии на заедниците што ги создавале и ги пренесувале низ генерации. Модата и дизајнот, како особено визуелни и комуникативни форми, имаат потенцијал не само да ги претстават овие кодови, туку и да ги трансформираат во нови јазици на израз, под услов тие да бидат разбрани и почитувани.
Во последните децении, глобализацијата на модата создаде хибридни естетики, но и бројни етички дилеми. Модните брендови често ги „позајмуваат“ локалните мотиви и техники како визуелни украси, губејќи го нивниот изворен контекст. Таквата културна апропријација се разликува од акултурацијата – процес кој подразбира взаемно влијание, почит и соработка. Кога автентични традиционални елементи се интегрираат со внимание и дијалог, тогаш тие не се инструментализираат, туку добиваат нов живот, притоа зачувувајќи ја својата суштина.
Во модата, апропријацијата честопати ги сведува автентичните етнички мотиви на површен декоративен слој, користен за да создаде чувство на "боемски" или "етно" стил. Притоа се губат контекстот, значењето и авторството на тие мотиви. Наспроти тоа, вистинското интегрирање на локалната култура бара чувствителност, соработка и длабоко разбирање. Бара почит кон занаетот, кон историјата, и кон луѓето зад традицијата.
Токму во тој пресек помеѓу локалната припадност и современото изразување се роди приказната на „Акреа“. „Приказната си се пишуваше години наназад,“ вели креаторката Анета Трпчевска: „во мојот тефтер со желби.“ Посветеноста на македонската култура, посебно на женскиот ракопис во традиционалниот вез, древните зборови и археолошките артефакти, не претставува само визуелен избор – туку идентитет, став и животна мисија. Таа не се занимава со површна референца кон традицијата, туку ја интерпретира преку сопствено образование, археолошки знаења и интуитивно истражување. Изборот на мотиви, нивната трансформација во дизајн, и целата наративна архитектура на „Акреа“ се дел од еден чин на културна ревитализација – не на пазарна експлоатација, туку на емпатична и одговорна креација.
ДИВА: Како започна твојата приказна со дизајнот и рачната изработка? Дали уште од почеток знаеше дека ова ќе ти биде патот, или тоа беше процес на откривање низ искуство и интуиција? Што беше пресудниот момент кога сфати дека ова не е само хоби, туку твој идентитет?
Анета Трпчевска(Акреа): Приказната си се пишуваше години наназад, во мојот тефтер со желби. Од секогаш посакував и знаев дека доколку работам нешто свое, тоа ќе биде креативно, уникатно и поврзано со македонската култура и традиција. Од секогаш бев сигурна дека доколку ја реализирам долгогодишната желба, тоа ќе биде мојот белег и идентитет, а не само хоби.

Зошто токму „Акреа“? Како се роди ова име, што значи за тебе, и кога почувствува дека е време да изградиш свој бренд, свој универзум? Колку е тешко да се даде форма на нешто што носи и лична приказна и поширока културна мисија?
Истражувајќи стари, антички македонски зборови, „акреа“ се издвои сама уште пред да го откријам значењето на зборот. Убавото, длабоко значење кое го носи, совршено се вклопи во приказната – мојата лична и во приказната на целиот Акреа концепт. Зборот ја слави женската енергија, женската храброст, вештината, убавината. Акреа како ќерка, како божица.
Во периодот после завршувањето на долгогодишниот работен ангажман, мојот немирен и креативен дух не ме остави мирна и тогаш се случи пресудниот момент – приказната на Акреа да излезе од тефтерот со желби и идеи.
Македонските везови, симболи и културното наследство се во срцето на твоите дизајни. Кога започна оваа врска? Што најмногу те фасцинира кај тие традиции – естетиката, симболиката, приказните зад нив – и како одлучуваш што и како ќе преточиш во современ јазик на модата?
Врската со културното наследство, традицијата и уметноста постои од одамна. Љубовта и интересот кон културното наследство беа клучни и во одлуката за моето образование – јас сум дипломиран историчар на уметност и археолог. Стручното знаење и богатото работно искуство беа квалитетна основа која ми беше од голема помош во креаирањето на Акреа.
Фасцинирана сум од македонскиот народен вез, од сета вредност и значење претставени во вештината на македонската жена – вековноста, пренесувањето од генерација на генерација, чувањето на носиите како најголемо богатство и светост. Боите, шарите, тајните кодови скриени во нив и мистичноста со која зрачат. Уникатноста на археолошките артефакти, нивното значење во македонската археологија и посебноста. Народните обичаи, сета нивна специфичност и начинот на изведување се особено фасцинантни.
Мотивот кој ќе го обработам го избирам водена од интуицијата. Во изборот влијае и приказната што ја носи, значењето, теренското истражување, користењето на стручна литература. Кога ќе се поврзат повеќе аспекти, од мотивот се креира дизајн.
Како успеваш да останеш верна на себе и на својот ритам во време на брза мода, инфлуенсер култура и визуелна преекспонираност? Што е она што те држи настрана од компромисите што ги прават многу дизајнери за да „опстанат“ на пазарот?
Кога започнував со Акреа, бев помалку скептична како ќе биде прифатен концептот во современото време кое го живееме – време на дигитализација, вештачка интелигенција, инфлуенсери, слепо следење на трендови. Но не отстапив и не се откажав од мојата замисла. Останав верна на себе затоа што верував во мојот концепт.
Особено ме радува што Акреа за брзо време беше прифатена со воодушевување, концептот беше препознаен и веќе создаваме едно големо и убаво Акреа семејство. Концептот е интересен затоа што претставува спој на минатото и историјата со современото. Културното наследство и традицијата се претставени со современ, креативен израз на нов и уникатен начин. Дизајните и производите се адаптирани на современиот начин на живот – достапни и прифатливи за секого.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваш како независна дизајнерка во Македонија? Недостиг на институционална поддршка, финансии, платформи? И од друга страна – што или кој ти е најголем извор на поддршка во ова патување?
Предизвиците се огромни и многубројни. Не е нималку едноставно сам да ја раскажуваш својата приказна, да биде препознаена и прифатена. Не е воопшто едноставно, чувствата кои се вткаени во секој еден дизајн и производ да допрат до другите – затоа што за мене дизајните не се само обични цртежи, тоа е мојот свет, дел од мене, љубов.
Од друга страна, независноста овозможува креативна слобода која е многу значајна и безценета. Дел од предизвиците се и недостатокот на институционална поддршка, самофинансирањето и пласманот на производите. Но постои и позитивна страна – најблиските, семејството и пријателите, од кои ја добивам најголемата поддршка.
Каде го гледаш брендот „Акреа“ во следните неколку години? Размислуваш ли за нови колекции, проширување, интернационален пласман? И конечно – каква порака би испратила до сите што веруваат во рачната работа, локалната традиција и модата како културен израз, не само тренд?
Плановите и желбите за иднината на Акреа се многубројни. Дел од нив се свое продажно и креативно катче, нови начини на изработка на дизајните, нови производи.
На секоја замисла и идеја може да ѝ биде даден живот само доколку силно веруваш во себе и во својот сон. Со многу работа, посветеност и љубов, секој сон е возможен.
Opmerkingen