Откако минатата седмица осуммина (од девет) писатели кои го сочинуваа претседателството на ДПМ дадоа оставки, утрово Христо Петрески ја поднесе и својата на страната на ДПМ на Фејсбук. Иако за масовните оставки не беше дадена причина, реакциите од страна на писателската фела беа дочекани со одобрување, бидејќи ДПМ била „приватизирана и манипулирана“. Петрески од своја страна цитираше „здравствени причини“ сосема занемарувајќи ги случувањата кои претходеа:
„ Почитувани, Најпрвин им благодарам на сите оние колеги – писатели кои со своите гласови ме избраа за претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Верувам дека во претходниот период на раководење со Друштвото на писателите на Македонија постигнавме доста, но има уште многу што треба да се сработи. Но, од здравствени причини сега јавно Ве известувам дека давам неотповиклива оставка на функцијата претседател на Друштвото на писателите на Македонија и му посакувам многу среќа, здравје и успех на тој што ќе продолжи да го води Друштвото на писателите на Македонија кон обединување, континуитет и нови иницијативи и резултати. Со поздрав, почит и благодарност,
Скопје, 9.10.2023 година
Христо Петрески“
Петрески го доби својот мандат пред една година, кој го доби во избор наспроти својот противкандидат Живко Грозданоски со само 8 гласови повеќе. Петрески е член на ДПМ од 1985-та година, и е дипломиран економист и е директор на издавачката куќа „Феникс” и на Фондацијата „Македонија презент”. Нема збор дали ќе се повлече и од тие позиции со оглед на здравјето.
Kommentare