Доаѓаат Оскарите: Кралот Ричард
top of page

Доаѓаат Оскарите: Кралот Ричард

За Оскарите годинава дознав од - Серена Вилијамс! Ми упадна нејзиниот среќен пост во тајмлајнот:„ Се разбудив со оваа вест! Плачам од среќа! „

А Серена не ми е на листата на фигури кои ги следам затоа што се интересирам за спорт - сосема напротив! За спорт сум...тапа!






Серена е икона во поп културата, но и име кое ја обележува културата воопшто, на нејзиното време па информациите за нејзе тешко може да се избегнат. Винус - не баш. Но тежиштето на филмот Кралот Ричард паѓа врз нејзе, како возило преку кое се актуелизира вербата, упорноста, и нешто повеќе од надеж на таткото на сестрите Вилијамс, кога целиот свет е свртен против нив. Тој има направено план уште пред да се родат, и се држел до него додека не се исполнил((освен тоа што оригиналниот крал Ричард бил нарекуван „лавовско срце„ - не можеме да видиме никакви паралели помеѓу крстоносецот и овој посветен родител).

Ричард Вилијамс, е тоа е веќе име што веројатно го знаат тениските ентузијасти.

Но јас како спортски аналфабет, прв пат слушнав за него преку писмото кое беше адресирано, јавно, на - Меган Меркел дента пред нејзината венчавка со принцот Хари. Чудно но вистинито...

Во тој период скандалите со Меган и нејзиниот сопствен татко беа помија која беше сервирана од таблоидите кои кулминираа во откажувањето на присуството на господин Меркел на венчавката на својата бирасна ќерка во британската аристократија на сеопшт сеир. И тогаш се појави Серена да го спаси денот: не́ извести дека и покрај тоа што и нејзиниот татко е жив не ја предал нејзината рака на венчавката, како што е обичај во тамошните церемонии . Неговото компромитирано ментално здравје(депресија) го парализало во способноста да го издржи притисокот да ја даде спортската легенда за милијардерот и косопственик на редит. Еден час пред свадбата и́ пратил порака „Серена не сакам да ми бидеш лута, но едноставно не можам да те испратам по црковната патека. Не сум свој повеќе. Едноставно сум премногу нервозен„.


Од тогаш до филмот Кралот Ричард - немам баш ништо чуено за него. Серена е друга приказна. Откако ја доби својата ќерка, нејзиното легендарно тело омекна, и се закани со згрутчување на крвта, беше казнувана поради униформите кои беа малку премногу креативни за организаторите на турнирите, ја цртаа како непресметливо чудовиште, ја нарекуваа размазена, и ова не беше ништо ново. Тие напади се чинат дека се константа во нејзината кариера: во книгата на Марија Шарапова, таа ја опишува Серена како импонзантна фигура која ја преплашувала, малата кутра принцеза, „требате да сфатите дека таа е висока и голема„ - но- известуваа медиумите - Серена не ниту повисока ниту покрупна од Марија. Тој впечаток доаѓа од друго место, од другоста на Серена. Така ја запознав Серена.

Но филмот не е за Серена, туку е портрет на Ричард, и како изгледа кога упорноста и вербата и неуморната натчовечка посветеност кон својата фамилија е рецепт кој што не може да промаши доколку верно се држиш до него. Американската кинематографија, па и уметноста на раскажување приказни се често дидактички, и има склоност да ни́ дава лекции и поуки, а онаа „ упорноста и работата кога сите шанси се против тебе „ се чини дека е омилен мотив. Тој е темелот на американскиот сон. Во овој период на расна тензичност таму(која се прелеа и во Европа) филмот сака да не́ потсети дека дури кога соочени со расизам - може да се надмине ако се работи доволно упорно и паметно на тоа - нападот на Родни Кинг беше каталист поради кој Ричард ги елиминираше расистичките соработници иако можеби не бил во позиција да бира - колку е тоа историски точно не можам да знам - тапа сум од спорт, тоа го утврдивме..А и да не е- дури и јас имам сведочено преку насловите дека до ден денес сестрите Вилијамс се соочуваат со таа болест.




Можеби овде тешко ни́ е да разбереме што значи да дојдеш од Комптон - гето во Лос Ангелес - до титулите „најдобар спортист на сите времиња„ бидејќи можеби не можеме да разбереме целосно дека во САД голема порција на луѓето се борат со сиромаштија, а Комптон е на самото дно - ништо поразлично од нашите сопствени сиромашни населби. И тоа е во филмот полето каде што силата на убедувањето на Ричард (но и сопругата) е ставена на тест. Но да земеш две девојчиња под 12 години и на своја рака, со речиси ништо пари и услови, преку посветеност и љубов ги вообличиш во атлетско чудо од деца е една работа(како Македонци оваа позиција ни́ е позната), но да ги пробиеш истите тие деца во бел спорт, кој е наменет исклучиво за луѓе кои се од високата класа е нешто сосема друго... вметни го во тоа фактот дека овие аутсајдери ги победувале на „домашен терен„ и гневот кој го испровоцирале со тоа добиваме незгодна ситуација. Впрочем - во скорешната ситуација со Новак Џоковиќ во Австралија, слушнавме доста коментари кои ги правеа овие исти паралели..





Вил Смит го знаеме како сладуњав актер на комедии и акции, кој се обидува да прејде во драма и да се докаже како актер, и покрај тоа што е холивудско „А - класа„ име и конечно го добива признанието ...

Тоа што Кралот Ричард е класичен холивудски филм без уметнички експериментирања, или изненадувања и новитети, туку го устоличува познатиот формат: победување на злото/конфликтот/потешкотиите не го прави овој филм помалку значаен, ако ништо друго ни́ треба овој жанр за генерациите кои немале шанса да навиваат без цинизам или потсмев, за главните протагонисти, и да најдат поттик и поука за себе - а веруваме дека нема нема човек на кој поуката: „колку и да се чини невозможно и тешко - истрај! Тоа што го сонуваш ќе стане реалност„ не му е потребна. Дури и да е многу кул за нејзе:)





П.С. Го има на HBOgo


bottom of page