Женски проблеми: Домаќица
top of page

Женски проблеми: Домаќица

Реакциите за новата кампања на Домаќица на мојот фид, стигнаа истовремено со информацијата дека самата кампања постои: Краш излегле со нова и обновена верзија на стариот добар познат дизајн на чајните кекси, во обид да ги осовременат, но наместо тоа, проблемот на домаќинствувањето за жените го направи уште повеќе очигледен.


На една страна стоеја оние кои се веќе изверзирани во феминистичките теории. Но разликата од Западната јавност, која ги има соџвакано до состојки кои се лесни за апсорпција на многу поопшта „публика„ од оние кои се вклучени во академскиот живот но и професионално и посредно се вклучени во тој дискурс е болно очигледна. Тоа дигестирање од типот на мајка птица, се случува не само преку поп културата, каде разговорите се прелеани на дневни ток шоуа, подкасти, радио, во коментирање на популарна култура. Се случува тоа џвакање на теоретскиот феминистички црв, и забрзано последниве 8-10 години преку активизам тригериран од отворениот “grab em by the pussy” Трамп бренд на шовинизам, со протести, покренување на #metoo движењето.. .

Во Македонија пристигна овој ветар на промените преку академијата, најпроминентно преку #сегакажувам, и смислата на заедништво што се изгради за време на нашата сопствена ера на Груевизмот каде се туркаа груби, популистички, отворено абразивни и вулгарни верзии на „конзервативизам„ кој беше прикачен со патриотизмот, за жал, со чудесно потентен ефект. Луѓе се крстеа кога поминуваа покрај црквите! А носителите на овие промени, и нивните цели се оформија преку Шарената Револуција и конечно се позиционираа во центрите на моќта и од таму иако отворено се даваше поддршка на иницијативите (Заев го поздрави „Сега Кажувам„ и сите кои се јавија со приказни што беше возбудливо, после деценија на лов на вештерки, да се добие одобрување од премиер на држава-имаше и опачина. Опачината на оваа потенцијално приказна со среќен крај е што слично како Западниот феминизам кој предолго беше разонода за белите,(WASP) жени од средна до висока класа, и на крилата на расизмот, - затоа беше отфрлен пошироко, е што имаше наклоност да се изолира. Но, не само што има тенденција да стане само добар ПР за клика која нерадо пропушта на таа страна на ѕидините ликови кои доволно да се несимпатични, туку и сета таа поддршка од „државата„ личеше на само улизување , прогресивниот пандан на конзервативниот Груевистички популизам („не може еден педер, да ми извините, да ја сруши владата„ ... „ Европа е најсекси девојка што сите ја посакуваат„) .







Сепак, да се очекува социјално движење да биде без сопки, и со филмски совршено сценарио не само што е невозможно, но и не е фер да се очекува. Доволно е како за почеток да се препознае и прифати фактот дека општество по мерка на граѓаните кои живеат во него е патување, ретко е акција во неколку потези.



Во овој контекст, разбирливо е што реакциите за - реакциите на Домаќица беа во голема мерка негодување. Што има лошо во тоа да бидеш домаќинка? Зошто не би сакала да се грижиш за својот дом? Зошто треба да чувствувам срам доколку уживам во готвењето? Зошто се бара од мене да осудам усисување? Што има прогресивно во тоа да не сакам да се угнездам во своето семејство?




Па затоа како поларна опозиција со домаќинките, се поставија „ла кокорачи„ (како прочитав во некои коментари) кои сакаат да се акаат по улици. Или инфлуенсерки, о боже инфлуенсерките се уште полоши од ороспиите, има доза на измамништво, и лицемерие. Плус заработуваат подобро. Мажот е главата, жената е вратот. Понежниот пол го прави домот. Имаше дури и поетични обиди а го вовлекоа и универзумот во проблемот Домаќица.


И така вистинскиот проблем со „Домаќинка „ сосема се измолкна, од фокусот.


Двоен товар



Кога на Фејсбук посочив дека пословичен е фактот дека жените веќе работат 50 центи на долар, еден мажествен поет на моментот беше изненаден и побара извор за моето – во неговата глава – лажно тврдење. Во Фејсбук коментарите не одговорив, но еве ја користам оваа прилика да го направам тоа.

Марија Башевска во Индексот на родова еднаквост за Северна Македонија е развиен од Министерството за труд и социјална политика и Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија приметува:


„Вредностите на индикаторите кои го сочинуваат доменот Работа покажуваат дека жените во Северна Македонија во просек се многу поретко вработени со полно работно време споредено со мажите (табела 3.2.2.). Исто така, индикаторите поажуваат дека времетраењето на работниот век на жените во земјата е во просек пократко за 12 години од работниот век на мажите, што претставува второто најниско ниво на просечен работен век на жените споредено со сите земји членки на ЕУ (исклучок е Малта, каде разликата е 13 години). Дополнително, вработените жени во Северна Македонија во просек имаат помала флексибилност во работното време споредено со мажите, а со тоа и помалку можности за балансирање на работата и приватниот живот (табела 3.2.2.). Овој аспект е значаен и влијае дополнително негативно на учеството на жените на пазарот на труд, особено во средина како Северна Македонија каде постои изразена нерамномерна распределба на домашните обврски и грижата за децата во семејствата која во најголема мера ја вршат жените (овој аспект подетално се анализира во домен Време). Во овој контекст значајно е да се напомене дека поголемата флексибилност во работните часови може да рефлектира и несигурни облици на вработување и лимитирани работнички права.„

Милка Казанџиска, Марија Ристеска, Верена Шмит направиле студија уште пред 15 години со поразителни информации: Родовиот јаз во платите во поpанешната југословенска Република Македонија

Важно е да се каже и дека жените се послабо застапени и како активни учесници во општествениот дијалог. Во синдикатите, како и организациите на работодавците, има многу помалку вработени жени од мажи. На пример, во централниот одбор на Конфедерацијата на слободните синдикати на Македонија, што ги застапува интересите на околу 80.000 работници од јавниот сектор, од кои најмногу се жени, само двајца од вкупно 10 членови на одборот се жени. Во Федерацијата на синдикатите на Македонија, жените уште помалку учествуваат во управното тело (во президиумот), односно 2 од 17. Конечно, жените се недоволно застапени во Организацијата на работодавци (само 3 од 21 член на управниот одбор се жени). Истата состојба се забележува и во Економскиот и социјален совет (во понатамошниот текст, „ЕСС“), трипартитното тело надлежно за општествен дијалог.32 ЕСС исто така е „клуб за мажи“ (сите 12 членови се мажи, а само 3 жени ќе бидат заменици следните три години). Недоволната застапеност на жените на лидерските позиции не е ограничена на социјалните партнери, туку се гледа во општеството како целина. Прашањата поврзани со родот честопати се сметаат за „женски проблеми“, место проблеми поврзани со трудот и вработувањето.”


„Статусот на жените на пазарот на труд и нивната улога во општествениот дијалог е одраз и на родовата нееднаквост во поглед на поделбата на домашните задачи, каде што жените традиционално го завршуваат поголемиот дел од работата поврзана со нега на децата и постарите лица. Затоа жените може да се чувствуваат присилени да прифатат работа со скратено работно време или алтернативни работни шеми. Уделот на жени што работат со скратено работно време во вкупниот број вработени жени се зголеми во последниве години. Уделот на вработени жени со скратено работно време во вкупниот број вработени жени во 2008 г. достигна 7,6 проценти, додека кај мажите беше само 4,9 проценти. Вработување со скратено работно време е повисоко кај жените во споредба со мажите, додека вработеноста со полно работно време е за 64 проценти поголема кај мажите во споредба со жените. Но, вработувањето со скратено работно време не се зголеми драстично бидејќи работодавците се обврзани да се потпираат на законската референтна плата кога ги пресметуваат даноците за платениот список.28 Од таа причина, меѓу работодавците е раширена и практиката да пријавуваат плата еднаква на референтата, но потоа да бараат од работникот да им врати дел од платата „под маса“.29 Вработувањето со скратено работно време стана попривлечно за жените, бидејќи се зголеми законската возрасна граница за пензија. И поради ограничените капацитети за нега на постарите лица и децата жените избраа вработување со скратено работно време.„


“Од податоците во извештајот на Државниот завод за статистика „Жените и мажите во Република Македонија“ од 2008 г., може да се заклучи дека во 2007 г. во образованието мажите имале подобри работни места (професори, виши лектори, доценти) додека жените биле позастапени од мажите како асистенти, помлади асистенти, лектори и друг кадар. Треба да се истакне и дека родовиот јаз во платите е значително повисок во пониските нивоа на образование: жените со 4 години средно образование во просек заработуваат 20 проценти помалку од мажите, а жените со основно образование заработуваат меѓу 35 и 40 проценти помалку од мажите со исти квалификации (табела 12). Заработувачката на необразованите жени беше само 62 проценти од заработувачката на необразованите мажи во 2001 г., иако оваа броја значително се зголеми и во 2002 г., на 76 проценти.”




„Во категоријата од 5001–8000 денари, родовата структура е речиси рамноправна (51 процент од вработените што добиле плата во оваа категорија на плати беа мажи, а 49 проценти жени). Во другите категории на плати се забележува прилично нерамноправна структура во корист на машките вработени. Особено загрижува дека во категоријата 16.001–20.000 денари се зголемува уделот на машките вработени. Дискрепанциите во структурата се најголеми во категоријата од 40.001 денари и повеќе, каде што уделот на мажи работници е 76 проценти, а 24 проценти се жени. Би сакале да нагласиме и дека ако ја разгледуваме структурата по нето плата, се гледа дека жените се сконцентрирани во пониските категории плати, а мажите се обично во многу повисоките категории.„


Значи на кратко не е проблем што сакаш да се грижиш за својот дом. Проблемот лежи што одговорноста на втората смена, кога таа паѓа исклучиво на тебе: а првата смена е работа во која веќе најверојатно не си работодавец, или во позиција на моќ или позиција која е вклучена во социјален дијалог, па дури и во оние со највисоките можни квалификации – ќе го пополните местото на „прва пратиља„- доколку имате среќа.

Во меѓувреме Краш затечен од реакцијата, се обиде да направи спин, и кажа:

„По многубројните прашања, одговараме со повеќе информации. Целта на нашата нова кампања „Домаќинкa“ е да ја подигнеме јавната свест за важноста и сложеноста на обврските во домаќинството и да ја подигнеме свеста дека домаќинството е заедничка задача на сите членови на домаќинството. Го привлече вниманието на граѓаните и отворија важна тема, на полиците како прв чекор од кампањата ја стави Домаќинката во посебно издание.Тие сакаат да ги поттикнат сите членови на општеството да го преземат својот дел од обврските и обврските во домот за распределбата на домашните работи се еднакви“. Кога има доволно жени на масата, Краш, нема да мора да се обраќате на PR службата!

bottom of page