За Светскиот ден на мачките: средба со нашите незабележителни учители
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- 2 hours ago
- 3 min read
Мачката како културен и интимен феномен

Дали еден ден е доволен за да се прослави биолошката и симболичка разновидност на мачките? Или секој ден кога нè будат (во 4 сабајле!), кога ни се провлекуваат меѓу нозете(и нѐ сопмнуваат!), кога ја испробуваат границата меѓу својот и нашиот свет, всушност е нивни ден?
Мачката отсекогаш чекори на рабовите меѓу природата и културарата, меѓу домот и дивината, мистеријата и секојдневието. Во светот што постојано брза, мачката одбира тивко присуство, чекор со пауза, поглед во тишината.
Денес, кога ја славиме нивната улога, не можеме да не се запрашаме: што научивме од нив? Што значи да имаш мачка, не само како миленик, туку како дневен соработник во човечкото битисување?
Кратка историја на мачката во нашата култура

Мачката има двојно лице во нашата традиција, сакана заради нежноста и грижата за куќата, но понекогаш и „осудена“ како самоволна, недофатлива, дури и опасна. Во европската историја се гледаат како магиски животни, во балканската митологија се и заштитници, но и злокобни знаци.
Во Македонија, приказните за мачки се дел од домашниот фолклор: од оние што ги штитат домовите, до оние што „крадат душа“ ако ги гледаш во очи ноќе. Сепак, речиси секоја куќа или маало има своја „мачка-амајлија“, животно што го знаат сите, кое обединува преку генерации.
Мачката како учител по грижа

Дали мачките навистина не ги интересира нашата љубов, или нè учат на еден друг, посуптилен јазик на грижа? Тие нè потсетуваат дека блискоста не значи зависност. Понекогаш мачката е таму да спие покрај тебе, а понекогаш заминува во ноќта, без објаснување.
Во светот на хипер-социјални медиуми, каде вниманието е валута, мачката инсистира на својата слобода. Таа доаѓа кога сака, си заминува кога ќе почувствува, и токму затоа ни е драга: затоа што не нè сака по цена на својата автономија.
Градот како мачешка територија

Скопје, како и многу други балкански градови, е полн со мачки што се движат низ невидливи патеки: покриви, дворови, гаражи, скали. Тие се урбани преживуватели, со сопствени микро-култури. Некои мачки се „куќни“, но мнозинството се „јавни“, дел од заедницата, колективна одговорност.
Во последниве години, сè повеќе луѓе ги храни и се грижи за уличните мачки. Тоа е тивка, често невидлива работа, но таа создава малку поинакви соседства – места каде добрината опстојува во секојдневието.
Мачката како симбол во уметноста и културата

Од антички Египет до модерните меми, мачката е инспирација за сликари, писатели, филозофи. Во делата на Т. С. Елиот, мачките се поети и чудотворци. Во јапонските гравури – носители на среќа. А во нашите маала, тие се првите модели за детските цртежи и првите пријатели што ги учат децата на тивка емпатија.
Денес, мачката е дел и од дигиталната култура – од Grumpy Cat до илјадници профили на Instagram. Но дали овие мачки навистина ги претставуваат оние „вистинските“, оние што живеат со нас, во нашите домови и дворови, со свои навики, свои стравови, свои радости?
Мачката во нашите животи: лична перспектива
Можеби секој што имал мачка знае дека ноќта е нивно време. Кога градот тивко тоне, мачките се будат, спремни за своите ритуали. Една таква ноќ, Гео конечно реши – оваа ноќ ќе биде нејзина.

Гео го понесе Ехо горе,
како старо тајно јајце
што мора да се чува на покрив под месечина.
Во спалната беше темно, ама не целосно. Постелнината мирисаше на кожа и читање. А ѕидот сè уште ги чуваше трагите од твојот глас.
Гео го положи. Се свитка околу него. И почна да му пее. Не со зборови — туку со грло што вибрира како тенка струна, со звук што се чувствува во подот, со срце што рони песна без тон.
Но Ехо?
Ехо не заспа.
Прво ја лизна Гео по носот.
Потоа тргна да ја брка сопствената опашка.
Па се качи на перницата.
Па скокна од неа.
Па се врати.
Со целото тело викаше:
„Жив сум! И тука сум! И ова е најдобрата ноќ досега!“
Во овие моменти учиме од мачките најмногу – љубопитност, радост, присутност. Тие нè враќаат во сега и овде, без да ни ветат дека тоа ќе трае вечно. Токму затоа нивното друштво е непроценливо.
Како да се грижиме за мачките во градот (аплицирана култура)
Во лето и зима – оставете чинија со вода и засолниште.
Секогаш стерилизирајте/кастрирајте кога имате можност.
Грижете се како заедница, не како поединци – бидејќи уличната мачка е градски жител исто колку и ние.
Хранете, но не заборавајте дека и љубезноста и тишината се грижа.
Завршна мисла: Да го прославиме мачешкото во себе

На Светскиот ден на мачките, потсетете се: тие не се само миленици или „животни за Instagram“. Тие се наши мали учители за тишина, слобода, упорност и љубов без услови. Ако ги набљудуваме внимателно, ќе научиме и како да бидеме повеќе човечни – не со зборови, туку со присуство.
Фотографија: Волтер Чандоха;
Comentários