top of page

Куса и брза историја на стиховните битки


Во моментов вниманието на културата е неподелено сконцентрирано на лиричната битка помеѓу Кендрик Ламар (Kendrick Lamar) и Дрејк (Drake), во која се вовлекоа и Рик Рос, Yе, J Cole, Metro Boomin Future, поради што беше наречена Големата цивилна рап војна. Нема катче од интернетот каде што живее Црната култура каде не се премеруваат, анализираат, дисецираат стиховите првично на Дрејк, а сега и на Ламар. 


Додека ја слушаме најновата трака на Кеј-дот, втора неделава, се потсетуваме на историјата на стиховните натпревари. 




Историјата


Историјата на поетските и лирични натпревари и битки е длабоко вкоренета во различни култури и цивилизации низ целиот свет. Овие натпревари варираат по нивната природа, облик и форма, претставувајќи широк спектар на изразување, од епски рецитации до современи freestyle рап битки.  Првите поетски натпревари можат да се следат уште од античка Грција (веројатно и многу порано), каде што поезијата била сметана за важен дел од општествената и културната сцена. Драмските фестивали како што бил Дионизиј, нуделе платформа каде поетите можеле да ги покажат своите дела во форма на драми или рецитали. Овие настани биле организирани конкурси каде што поетите и драматурзите ги покажувале своите вештини пред жири и публика, надевајќи се дека ќе бидат наградени за нивната дарба.



Многу од овие елементи се појавуваат и во средновековните лирични натпревари во Европа, наречени Minnesang во Германија или Trobadori во Франција - поетите кои ја мелодизирале својата поезија, пеејќи искажувајќи ги своите стихови во аристократските дворци. Овие изведби често вклучувале пораки на љубов, чест и политички коментари, исполнувајќи ги и естетските и социјалните потреби на нивните слушатели.



Со тек  на времето, поетските натпревари и битки продолжиле да се развиваат и менуваат, адаптирајќи се кон конкретните културни и историски контексти.

Во 18ти и 19ти век, во Јапонија, Haiku натпреварите претставувале форум за остроумие и длабока рефлексија преку кратки, но значајни поетски форми. Овие настани служеле како средство за демонстрација на ерудиција и духовитост на поетите.



Во современата ера, поетските натпревари и битки зазеле нова форма преку растот на слем поезијата и  рап  битките. Слем поезијата, која стана популарна во 1980-тите години во САД, ги собира поетите во натпревари во живо, каде што тие ги изведуваат своите дела пред публика и жири. Овие настани подигнале нова платформа за социјални и политички коментари, пружајќи им на уметниците шанса да ги истакнат своите лирични гласови.


Рап битките, кои имаат свои корени во афроамериканската култура и хип-хоп музиката, ги носат овие традиции еден чекор напред. Тие се фристајл натпревари во кои учесниците во живо и неподготвено спонтано римуваат, често во форма на меѓусебни предизвици, достигнувајќи го врвот на лиричката дарба и креативноста.Иако формите и контекстите на овие натпревари и битки се менуваат низ вековите, суштината останува иста: тоа е испит на уметничка вештина, начин на изразување и комуникација со публиката. Од древните времиња до денес, поетските и лиричните натпревари и битки го отсликуваат длабокиот човеков потенцијал за креативност и неговата непрекината потреба за културна и социјална интеракција преку уметноста. 


Рап битки


Рап битките се сметаат за круцијалниот елемент на хип-хоп културата, која своите корени ги има уште од раните 1970-ти години. Хип-хопот не е само музички жанр; тој е движење што овозможи масовна културна експресија на Афро-Американците и Латиноамериканците во САД, кои беа маргинализирани и соочени со социјални и економски предизвици.



Во оваа богата лепеза, рап битките ја заземаа централната позиција како форма на уметничка надградба, натпреварување и коментар на општествените (не)прилики.Историјата на рап битките може да се смета како рефлексија на борбата, креативноста и отпорот на црната култура во Америка.


Овие битки, како форма на музички и лирски судир, овозможуваат директен пренос на пораки, идеи, и непоколеблив дух, истовремено служејќи како механизам за изградба на заедницата и идентитетот. Во рап битките, емси-јата (мајсторите на церемониите) се натпреваруваат во способноста да импровизираат рими, вештини за изведба и остроумност, често со намера да се порамнат со духот на публиката и да го исмејат противникот, но во исто време и да изразат социјални, политички и лични коментари.



Тие се трудат да го докажат својот талент и оригиналност, првично во живите настапи и бит бокс дуелите. Сепак, со текот на времето, овие судири се претворија во интензивни зборовни препирки изразени преку студиски записи. Овие динамични натпреварувања, кои често се одвиваат на улични агли, клубови и паркови, имаат длабоко значење за црната култура. Тие не само што ја овозможуваат афирмацијата и видливоста на нивните гласови, туку исто така служат како оружје против социјалната неправда, расизмот и економската маргинализација.



Рап битките се уникатен начин на комуникација кој може да оспорува преовладувачките наративи и да понуди алтернативна, неретко критична перспектива на светот околу нас.Она што е битно да се нагласи, е:  рап битките претставуваат суштинска платформа за автономен културен израз. Во рамките на овие судири, уметниците ги користат своите наративи како механизам за само-еманципација, обезбедувајќи сили за мобилизација и поддршка во борбата за рамноправност и против опресијата. Од класичните битки на улиците во Бронкс до масовно популарните денешни препирања по дигиталните платформи, рап битките го претставуваат ехото на минатите генерации и продолжуваат да ги инспирираат младите генерации да заземат став и да ја одржуваат борбеноста преку уметност.



Покрај својата социјална функција, рап битките исто така играат критична улога во музичката иновација во рамките на хип-хоп жанрот. Тие поттикнуваат креативност, нови стилови, флоуови (ритмички обрасци) и иновативна лексика, што допринесува за постојаната еволуција на хип-хоп уметноста и културата.


Некои од најголемите битки


Хип-хопот е платформа на изразување каде што римите и ритамот создаваат епски приказни од епски размери. Но, покрај уметноста, хип-хоп културата е дом на еден уникатен феномен - рап битките. Овие лирски престрелки, често со корени во длабоко закопани емоции, гордост и барање на доминација, е голем дел од историјата на хип-хопот. Некои од најемблематичните рап битки вклучуваат:


- Nas vs. Jay-Z: Оваа битка е историски сметана за една од најголемите во хип-хопот. Почнувајќи со Jay-Z-јата “Takeover” и одговорот на Nas, “Ether”, двајцата рапери ја одбележаа својата ера со остри рими и лични напади.  Tолку е иконична што ethered стана глагол кој означува - победен, понижен.



- 2Pac vs. Notorious B.I.G.: Познатиот Исток-Запад хип-хоп ривалитет се врти околу двајца од најголемите рапери на сите времиња. 2Pac-овиот “Hit 'Em Up” и Biggie-јотов “Who Shot Ya?” станаа химни на ова историско непријателство. Не верувам дека има човек кој може да каже за себе дека живее во современиот свет, и го познава а да не ја чул Hit 'em up.



- Eminem vs. Machine Gun Kelly: Современ пример на хип-хоп битка што брзо се прошири преку социјалните мрежи. Еминем се занимаваше со коментари направени од MGK со “Not Alike”, на што MGK одговори со “Rap Devil”. Одговорот на Еминем, “Killshot”, покажа дека и покрај тоа што не е во цветот на младоста, тој останува мајстор во битките.


- Drake vs. Pusha T: Drake  не е почетник во рап непријателствата…  Почнувајќи со  “Exodus 23:1” на  Pusha T и избувнувајќи со “The Story of Adidon” (го користи семплот на Story of OJ на Jay Z) оваа битка го стави под лупа личниот живот и интегритетот на Drake, откривајќи таен син и поставувајќи нови стандарди за колку далеку може да одат емсијата во своите напади.




Секоја од овие битки служеше не само како средство за решавање на спорови меѓу уметниците, туку и за унапредување на нивните кариери преку демонстрирање на нивната лирска вештина и оригиналност.



Рап битките не се само агресивни расправии; тие се  vткаени во ткивото на хип-хоп културата. Ставајќи ги рaперите еден спроти друг во лирската арена, овие моменти станаа катализатори за иновации и креативност. Дали се водени од престиж, меѓусебни разлики или промоции, рап битките остануваат неизбришлив дел од душата на хип-хопот.


Како почна најновата сеопшта рап војна:




Ана Чушкова


фотографии: Кристофер Ли


bottom of page