„Еднаш Курт Кобејн тропал со лажици по куфери…“ - гранџ, вештачка интелигенција и Бранко Прља
top of page

„Еднаш Курт Кобејн тропал со лажици по куфери…“ - гранџ, вештачка интелигенција и Бранко Прља



Бранко Прља е сосема вдомен и мирен во својот модус операнди од една страна, но и принцип - во морална и етичка смисла - во друга, и во својот последен проект. Не е непознато за него да истапува со колаборациони проекти (Нада Прља, Владимир Карер) и - да делува од позиција на дидактика па и активизам на кој се повикува во многу од активностите: На пример кога ги промовираше агрегатите за вести од науката а потоа и од културата, водеше со повикот „не за турбофолкеризацијата на нашето општество“. Тука се популарната група „Дај не фрлај“ , тука е позајмување на својот глас против загадувањето на воздухот - и секако сето тоа крунисано и обмислено со книги „Даj, не фрлаj“ од Феjсбук група до еко-револуција!“ и „25 факти за аерозагадувањето и 25 начини на кои ти можеш да го намалиш“.


Дај не фрлај,цели да дојде до 60 000 членови пред шестиот роденден






Објаснувајќи го резонот позади едицијата Фактопедија, слично порача: идејата е да се инспирираат младите генерации да црпат од идоли и примери поразлични од оние на кои се навикнати. „Целта на овие изданија е неформално образование, оригинален и нетипичен пристап кон обработка на една тема, со фокус на компресирањето информации и нивното пренесување во концизна форма, при што нема да се жртвува содржината. Се работи за концепт на кој Бранко Прља работи од почетоците на неговата писателска „кариера“ (ако може воопшто да се зборува за такво нешто во Македонија).“


Бранко Прља ги заслужува своите поплаки - доколку не нуди решение за поплаката ретко кога и ја слушаме.


Што е едноставно запрепастувачко во својата реткост.


Кој е неговиот последен проект, со кого соработува?


Пишете им на Арно за копија од книгата

„Еднаш Курт Кобејн тропал со лажици по куфери…“ е биографска илустрирана енциклопедија која има црпено референци од „…дневниците на Кобејн, неговата исцрпна биографија „Heavier Than Heaven“ од Чарлс Р. Крос и други наводи.“ - а потоа даден е писателскиот печат, или потпис на Прља. Приказната ја збогатува и додатно „коментира“ со илустрации - Stable Diffusion.

Ова е сликата која излезе од инструкцијата на Дива

Му праќам на Бранко слика која ја добив од Дали со инструкцијата „Дива чита книга за Курт Кобејн“ а тој одговара „ Има проблем со помалку познати личности кои се тоа на глобално, светско ниво. Пробав да направам илустрации и со Горан Стефановски и не успеав. Има начин и за тоа, но тука веќе навлегуваме во програмирање и многу е покомплицирано. Затоа со Владимир Карер работиме на тренирање ( така се вика процесот) на Stable Diffusion да може да обработува слики и од други наши познати личности.„


Stable Diffusion


Како работи генератор на слики со вештачка интелигенција? Програмата користи база на податоци со слики за да научи како да генерира нови. Така, откако ќе го напишете текстот, програмата прави процес и врз основа на сликите во базата на податоци, создава нова слика.


Стабилна дифузија е модел од текст во слика кој ќе им овозможи на милијарди луѓе да создадат неверојатна уметност за неколку секунди. Тоа е пробив во брзината и квалитетот што значи дека може да работи на потрошувачки графички процесори. Можете да видите некои од неверојатните резултати што ги создал овој модел без претходна или постобработка на оваа страница.”

Слики создадени од Stable Diffusion по текстуална инструкција

Стабилна дифузија е латентен модел на дифузија од текст во слика, способен да генерира фото-реалистични слики со било каков внес на текст, негува автономна слобода за производство на неверојатни слики, им дава моќ на милијарди луѓе да создадат неверојатна уметност за неколку секунди.

Но колку и да се чувствува возбудата во сите медиумски известувања, и во блоговите и коментарите на АИ-архитектите, сепак не се само апокалиптичните сценарија на научната фантастика која натежнува како темен облак во оваа нова етапа. Ние сме среде вжештена дискусија баш во овој момент, како Илон Маск го купи твитер со ветувањето дека ќе даде платформа на потенцијално опасни лажни вести, дипфејкови, темата на слободниот говор која се прекрши преку пандемијата и Кање Вест и Трамп(сосема де-платформирани поради опасниот говор).


Па вештачката интелигенција, посебно од текст во слики моделот, како алатка која може да ги разгорува многу лесно веќе разбурканите страсти. Стивен Хокинг за Би-Би-Си, кажа дека примитивните АИ алатки до тој момент се покажале како многу корисни, но се плаши дека сме на пат да создадеме нешто што ќе се изедначи ако не и надмине можностите на човечкиот род . „Тоа би земало замав независно, и би се редизајнирало со постојано растечка стапка. Луѓето, кои се ограничени од бавната биолошка еволуција, не можат да се натпреваруваат и ќе бидат заменети“. И секако веќе пишувавме за Блејк Лемојн, кој беше отпуштен од Гугл поради неговата показна вежба дека, Ламда е свесна.

АИ уметност


Иако Вештачката интелигенција, ја лови имагинацијата на луѓето и е присутна како мотив далеку пред дигиталната револуција, па и индустриската, сега живееме во ера кога фантазијата е отелотворена и можеме да ја гледаме во акција. Новела напишана заедно од програма за вештачка интелигенција и нејзините човечки асистенти успеа да помине во првиот круг од изборот за јапонска книжевна награда.

Новелата, чиј наслов во превод значи „Денот кога компјутерот напиша роман“(Konpyuta ga shosetsu wo kaku hi), беше еден од 11-те поднесоци на авторите на вештачката интелигенција за третата годишна книжевна награда Хоши Шиничи. Наградата е позната по тоа што прифаќа пишување и од луѓе и од машини, но ова беше првпат да добива апликации од програми за вештачка интелигенција, известува Емико Јозука за Motherboard.


Во август, Џејсон Ален, дизајнер на игри кој живее во Пуебло Вест, Колорадо, го освои првото место во категоријата „дигитални уметности/дигитално манипулирана фотографија“ на одделот за уметници во развој на Конкурсот за ликовни уметности во државата Колорадо. Неговата победничка слика, насловена како „Théâtre D’Opera Spatial“ (француски „Вселенски оперетски театар“), беше направена со Midjourney - систем за вештачка интелигенција што може да произведе детални слики кога ќе се нахранат писмени инструкции. Наградата од 300 долари ја придружуваше неговата победа.„Фасциниран сум од оваа слика. Го сакам тоа. И мислам дека сите треба да го видат тоа“, изјави 39-годишниот Ален за CNN Business во интервју.



Музичката индустрија не е исклучена од грижата која се чини дека расте надвор од Силиконската долина, како АИ станува сѐ поприсутна и подостапна : Recording Industry Association of America ги наброја музичките веб-локации со вештачка интелигенција кои прават ремикси, подобруваат домашни нумери или соголуваат песни од вокалите или инструменти и им штетат на уметниците, како одговор на барањето од Канцеларијата на комерцијалното претставништво на САД. Артистите кои работат во сите видови медиуми изразија загриженост во последниве години - и сè повеќе, со зголемената популарност на генераторите на текст во слика како DALL-E - за тоа дали уметноста генерирана од вештачка интелигенција ги прекршува авторските права на поединци. Повеќето генератори на содржина со вештачка интелигенција зависат од сетови на податоци кои се исполнети со оригинални уметнички дела, текстови или аудио, и ги користат тие оригинални дела без дозвола на сопствениците.

Но, вештачката интелигенција не е ограничена - секако - во употребувањето во уметноста. Таа има своја промоција и во политиката :

Синтетичката партија, новата данска политичка партија со вештачки интелигентен претставник и политики кои произлегуваат од вештачката интелигенција, очекува место во парламентот бидејќи се надева дека ќе се кандидира на општите избори во земјата во ноември.Партијата била основана во мај од уметничкиот колектив Computer Lars и непрофитната уметничка и технолошка организација MindFuture Foundation. Јавното лице и фигурата на Синтетичката партија е четботот за вештачка интелигенција, лидерот Ларс, кој е програмиран на основа на политиките на данските левичарски партии од 1970 година и треба да ги претставува вредностите на 20 проценти од Данците кои не гласаат на изборите. Компјутер Ларс нема да биде на гласачкото ливче, но човечките членови на Синтетичката партија се посветени на спроведување на нивната платформа изведена од вештачка интелигенција.

Во книжевноста, АИ е резервирана воглавно во научната фантастика, не само како тема туку како и партнер за пишување. Веќе има книжевна критика која размислува како да се рецензира книжевност која е напишана или помогната од Вештачката интелигенција.


Бранко Прља - спој на математички и уметнички, сензитивен ум


Како дете велев дека кога ќе пораснам ќе бидам научник, тоа не се оствари, но ден-денес не поминува ден, а да не прочитам еден или повеќе текстови поврзани со научни откритија, технологија и слично. Можеби таа научна тенденција преовладала во мојот пристап кон пишувањето. За мене пишувањето е експеримент кој го правам со себеси, со својата свест и со перцепцијата на читателите. “

Иако сме навикнати следот на настаните да биде: дневната работа доаѓа прва, а потоа уметничката наклонетост, доколку постои, е нешто што се практикува во слободното време, случајот на Прља е обратен: од своите работни почетоци, тој е наклонет и ориентиран кон книжевноста, каде го зема уметничкото име Берт Стајн, а во Точка и Темплум почнува да работи како графички дизајнер „пишувам веќе 15 години[интервјуто е направено во 2009та за Теа модерна]..мојот професионален ангажман на двете полиња - зборувам за прва објавена книга и прво вработување како дизајнер речиси се поклопува“ , и тоа професионално скршнување го носи во маркетинг агенциите каде го гради своето портфолио на графички дизајнер и копирајтер. Но тој „брак“ , пак, го носи во позиција каде што креативно може да се актуелизира, на повеќе од еден начин и да ги заживее своите идеи наизглед без некој поголем напор - но со очигледно многу работа. Библиографијата, му е разновидна и богата, од кратки приказни, до романи, до конечно - илустрирани енциклопедии во форма на едицијата “Фактопедија“ .

Роден е во Сараево во 1977 година, но како тинејџер се сели во Скопје, како Југославија крваво се распадна. И покрај тоа што копнее по Сараево - да може да се врати таму како креативец, и да понуди во тамошната култура како сентиментална отплата, тој пишува на македонски. Во 2003 ја објавува „За секого по нешто, за некого ништо “ микропроза која во својата ритмичност и лиричност дури, натежнува накај поезија во проза - а со „Еднаш Курт Кобејн тропал со лажици по куфери…“ е во својот триесети наслов - доколку не ги сметате текстовите на неговиот сајт арно.мк каде можат да се најде неговата библиографија.


Кога сме кај библиографијата на Прља, во 2015та година, се појавува името Берт Стајн, како уметничко име, писателски псевдоним. Кога се натпреварувал за Три минути и педесет и три секунди за роман на годината на Утрински весник, го послушал добриот инстинкт да влезе во трката со псевдоним - Берт Стајн. Со тоа можеби и ненамерно го демаскира процесот на бирање на тие книжевни награди(кој навистина стои позади напишаното ќе зависи како ќе биде читано) - но продолжува да потпишува со Берт Стајн.

Пишувачкото портфолио му е педантно средено(всушност не знам за друг македонски писател кој има), па имам прилика да ги разгледам рецензиите и интервјуата додека ги пеглам фактите... Но не можам да најдам од што е изведен псевдонимот. Гуглам - надвор од фотограф, кој не делува ништо посебно, нема никаква референца. Па се обраќам директно на изворот:

- Бранко, на тема Берт Стајн. „Зошто“ ми е јасно, барем мислам... но „кој“ или „што“ баш и не...? (седнете и спремете се мистеријата да биде конечно разрешена)

„ Името Берт Стајн е скратено од Алберт Ајнштајн :) Но, за да не биде очигледно ја преземав англиската транскрипција „Ајнстајн“. Тоа е повеќе „inside joke" , не сум зборувал за тоа јавно за да не мислат луѓето дека имам премногу високо мислење за себеси... Ајнштајн е личност која ме инспирирала цел живот, уште од основно училиште читав биографии за него(првата „Фактографија“ е токму за Ајншатјн). Особено ми е интересна социо-психолошката компонента на тоа како еден научник може да стане симбол на зборот „генијалец“, а неговите теории глобално познати. Кога би имало повеќе такви личности мислам светот дека би бил поубаво место за живеење.“


Навистина Прља, доколку имавме повеќе ангажирани, вредни, мотивирани личности, во најмала рака нашиот свет ќе биде далеку поубаво место за живеење.



Едицијата Фактопедија почнува со Необични факти од животот на Алберт Ајнштајн а завршува со АИ- помогната биографија на Курт Кобејн кое е 15от наслов. Вселенскиот пионер Гагарин, Мустаќлии кои го смениле светот се наслови кои претходеа на „Фактопедија“ но веќе може да се насети тенденцијата на Прља за оживување на информации и приказни со цел - да се преземе контролата од наративите кои според него го празнат и осиромашуваат јавниот дискурс и свест. Може да се насети и нишка на носталгија по возбудливите едукативни содржини од типот на „1000 зошто, 1000 затоа“, Политикин забавник, но и стриповите „За почетници, писатели и читатели документарни стрипови“ кои се напишани во 90-тите а стигнаа во Македонија околу деценија подоцна - „Маркс за почетници“ „Платон за почетници“ итн. Потсетуваат на Фактопедија во спојот на илустрациите со талентиран писателски глас. „Вистинското име на едицијата е „мала Фактопедија“ - вели Прља. Како ли изгледа големата во неговите амбиции - зјапам во ѕидот позади мониторот барем 2-3 минути обидувајќи се да одговорам.


Курт Кобејн


За оние кои растеле и се развивале во 90те години, е тешко да се замисли дека има останат простор кој не е измиен од бранот на Нирвана и Курт Кобејн. Кога го забележуваме ехото во културата која следи, само ја зацврстува таа илузија, но ситуацијата е оваква: бебето на каверот на Never Mind e над 30 години и се обиде да ја тужи Нирвана за фотографијата. Културата се гради активно, непрестано, дисциплинирано, она што и Прља може да го посведочи.

„По три децении време е да се потсетиме на бендот Нирвана, да ги истражиме причините за неговото настанување, што довело до неговиот метеорски сјај и пад, и колку тие оставиле влијание на глобалната светска култура. Курт Кобејн е трагичен лик, но она што треба да нѐ инспирира и интересира не е неговиот крај, туку неговиот живот. Токму за тоа е книгичкава.“ - велат во арно.мк


„Гласноговорникот на генерацијата Х“ МТВ генерацијата, цинична, разголена од илузии, и за разлика од нивните родители бејби бумери, кои со речиси налудничав оптимизам ја живеат поствоената еуфорија, на обнова(која се протега дури и во социјалистичка СФРЈ) страдаат од Реганомија - на прва е тешко да се препознае како некој чиј „лик и дело“ би биле противотров на турбоинфлуенсерите од кој Прља упорно и активно зазира. Всушност, тој изгледа на точниот опис на профил од кој требате да се плашите во оние наивни но опасни брошури кои до ден денес знаат да се протнат по социјалните мрежи „доколку вашето дете слуша рокенрол - во опасност е“. Не само што се протнуваат по фејсбук - тие протекуваат и низ учебниците како радиоактивен талог.



Антисоцијален, огорчен, болен па и агресивен зависник кој обожава да носи фустанчиња, без да се насети било каков цинизам звучи како конзервативна ноќна мора. Но поентирањето дека и покрај несреќните социо-економски услови, и се́ што потенцијално доаѓа во тој контекст, и конечно менталното здравје - зависноста која му го зема централното место - не е она што го дефинира Курт Кобејн. Туку уметноста која преку талентот и енергијата но и - жестоката амбиција - вдоми цела генерација на луѓе кои конечно се осетија слушнати. До ден денес, дури и раперите често го цитираат Кобејн како своја музичка инспирација.

А иако е лесно да се заборави дека поминаа цели три децении откако Кобејн почина, а не пет минути, тоа му дава причина на проект како Фактопедија, која сака да информира, инспирира и го посочи погледот надвор од бескрајните фидови, и алгоритми во хоризонти кои им претходеле, но и генерации - и поединци - кои оделе за да можат денешните - да трчаат.



bottom of page