Познатата водителка Венди Вилијамс дијагностицирана со фронтотемпорална деменција и афазија
top of page

Познатата водителка Венди Вилијамс дијагностицирана со фронтотемпорална деменција и афазија

Тимот за нега на Венди Вилијамс ја обзнани нејзината дијагноза

27 фев. 2024 г.

Венди Вилијамс, познатата американска водителка на дневната ток-шоу програма "The Wendy Williams Show", кој се емитуваше на FOX 14 години (икариера во радио од раните 90-ти) е дијагностицирана со фронтотемпорална деменција и афазија, потврдија нејзините претставници.


Вилијамс, која има 59 години, прими официјална дијагноза минатата година откако помина низ серија медицински тестови. Според изјавите, таа била дијагностицирана со примарна прогресивна афазија, вид на фронтотемпорална деменција, и во моментов добива соодветна медицинска нега.



Изјавата за нејзината состојба дојде само два дена пред премиерата на дводелниот документарен филм "Where Is Wendy Williams?" на Lifetime, кој ги следи здравствените проблеми со кои се соочува телевизиската ѕвезда. Документарецот сведочи дека семејството на Вилијамс и нејзиниот син, Кевин Хантер Џуниор, споделиле дека здравствените проблеми на Венди се поврзани со алкохолот, а семејството ја посочува важноста на нејзиниот надзор од страна на судски назначен старател.


Во мај 2020 година, Вилијамс се повлече од нејзиното шоу поради замор предизвикан од автоимуната болест наречена Базедова болест. Таа се врати на екраните за премиерата на следната сезона во септември 2020 година, но поради здравствените проблеми не успеа да се врати за следната сезона, па програмата продолжи со гостински водители сè додека не беше откажана во 2022 година.



Претставниците на Вилијамс истакнаа дека целта на објавувањето на информациите за нејзината здравствена состојба е да се поттикне разбирање и сочувство кон Венди, истовремено подигнувајќи ја свеста за афазијата и фронтотемпоралната деменција, болести кои погодуваат илјадници други лица.


Фронтотемпоралната деменција е најчестата форма на деменција кај луѓе под 60 години.



Примарната прогресивна афазија е тип на фронтотемпорална деменција која влијае на способноста на луѓето за зборување и комуникација. Д-р Сами Бармада, невролог во Michigan Medicine, објасни дека болеста не изгледа како типична деменција како што многу луѓе замислуваат, туку пациентите можат да имаат проблеми со наоѓање на точните зборови и следење на разговори, особено во група.



Во изјавата се потенцира дека Вилијамс сè уште е во можност самостојно да врши многу активности, и што е најважно, дека ја задржала својата карактеристична доза на хумор и дека добива потребната нега за да се осигура дека е заштитена и дека нејзините потреби се задоволени. Нејзините претставници додадоа дека таа е благодарна за многуте убави мисли и желби за здравје кои и́ се испратени од обожавателите.




bottom of page