Дали е возможно поинакво Друштво на писатели: Живко Грозданоски како лакмусов тест





“Честит први мај на сите!


А сега за ДПМ, овојпат поконкретно.

Во текот на овој месец треба да се одржи Собранието на ДПМ, на кое ќе се бира ново раководство на Друштвото и состав на неговите органи. Верувам дека голем дел од членовите на ДПМ се запознати со тоа дека како кандидат за следен претседател на Друштвото прво се пријави г-дин Христо Петрески (моментален претседател на Собранието на ДПМ), а пред самото истекување на рокот за поднесување кандидатури се пријавив и јас.

За оние што можеби се некако изненадени од мојата кандидатура, патот до кој се дојде до тоа се обидов да го опишам во псевдоавтобиографскиот расказ „Чаша“ (во првиот коментар). Оние што не се изненадени и некако очекуваа мое кандидирање, можат или да го прочитаат расказот, или не – и едното и друго е во ред. :) Како и да е – тука сме, „коцката е фрлена“, итн.

Во пресрет на потврдување на точниот датум на кој ќе се одржи Собранието на ДПМ, сакам да искажам три поенти: две во насока на обезбедување што повеќе присутни на Собранието, со цел давање на легитимитет на оној што ќе биде избран, и една (најважна) во насока на одржување на фер изборна постапка: нешто што би требало да се зема здраво за готово, но истовремено нешто на што најмногу треба да се внимава.


1. Датумот на Собранието:

Во е-маил од ДПМ, испратен на 25 март, беше најавено дека Собранието ќе се одржи „најверојатно сабота, 7 мај 2022 г.“. Но, важно е да се има предвид тоа дека тој ден е саемот на книга во Скопје, а викендите на Саемот се особено динамични. Затоа е многу важно моменталното Претседателство на ДПМ да го закаже Собранието за следниот викенд (или за викендот потоа): во спротивно голем дел од членството нема да може да се појави на Собранието, а изборот на новиот претседател би бил многу помалку легитимен.


2. Онлајн-гласање:

Идеално би било гласањето да биде хибридно: да може да се гласа и онлајн, а не само со лично присуство. Тоа значително би го зголемило легитимитетот на изборот. Има алатки што се многу разбирливи и лесни за употреба (во вториот коментар). Сепак, од искуството со работата во „Стожер“, познато ми е дека мејлинг-листата на ДПМ, поради големиот број членови (околу 300) и пред сè поради нејзиното неажурирање, не е комплетна, и тоа е сериозна пречка во одржување на онлајн-гласање. Оттаму, претпоставувам дека организирањето онлајн-гласање ќе остане можност за следното раководство.


3. Изборна комисија:

Од суштинска важност ќе биде составот на изборната комисија што ќе биде задолжена за броење на гласовите на членството да биде сочинета од членови на ДПМ со неоспорлив интегритет. Се надевам дека лица со неоспорлив интегритет ќе се согласат да бидат во таа клучна комисија, дека нема да надвладее дефетизам. Во спротивно, се ризикува да се допушти нерегуларност, па изборниот процес и целото Собрание да се претворат во папазјанија, и тоа да биде пресудно за ДПМ.


* * *


„Не ме интересира политика“ е јасен политички став, па и „не ме интересира ДПМ“ е исто така политички став. Но, денешниот празник е големо потсетување дека човек може да се изземе од одговорност, може на минутка-две да се изземе и од воздухот што го диши, ама не може да се изземе од политичкото. Посебно не може да се изземе оној што е член на некое здружение, какво што е ДПМ, и во кое понекогаш треба да се гласа за негови раководители.


Верувам во потенцијалот на ДПМ, и во потенцијалот на здружувањето во име на поддршка на творештвото на книжевниците и на културата воопшто, а верувам и дека таа верба ја има и кај многу други членови на ДПМ: во крајна линија, затоа и сме членови на Друштвото. Знам дека има членови на ДПМ што и самите веќе мотивираат други членови на ДПМ да дојдат на Собранието, и тоа ме охрабрува.


Најпосле, се надевам на позитивен исход, работам на позитивен исход, но немам никакви конкретни очекувања. На едно рамниште, мојата надеж е да имаме функционално ДПМ, што ќе работи за доброто на сите членови и за доброто на пошироката заедница. Но, на едно друго, лично рамниште, моето најголемо очекување е да бидам еден вид „лакмусова хартија“ што ќе покаже каква pH вредност доминира во ДПМ. А ДПМ е неговото членство, така што секој член на Друштвото се наоѓа на позиција да го преиспита својот однос кон ДПМ. Затоа што ДПМ зависи од секој негов член.

Од своја страна, јас верувам во поголем дел од членството – затоа и сум во оваа положба.”- Живко Грозданоски.


***

Чаша




1.

Седи во кафуле во населбата Кукаки во Атина и, помеѓу музиката што доаѓа од зад шанкот и ауспусите на моторите од улицата, го заслушува гласот на некој што пее. Го врти погледот кон шеталиштето, и од зад едно палмино дрво се појавува човек со шарена торба на раменото – оди наоколу и пее, вика на цел глас. Го врти погледот кон соседната маса – една девојка со големи кожни цокули чита книга. Таа како да не го слуша човекот. Тој се врти настрана, се насмевнува.

2.

Се зачлени во ДПМ пред четири години, заедно со уште двајца свои колеги и една колешка, сите прозаисти. Набрзо по влегувањето, сите четворица беа во некоја кафана и, помеѓу две нарачани кригли пиво, тој извади еден лист А4 на кој беше испечатил некаква „Визија“ за ДПМ – изнафрлани точки и потточки со идеи околу тоа што сè би можеле да прават во Друштвото – само ако се договорат. Како одговор на тоа, еден од тројцата пријатели почна да се крсти над саламата и кашкавалот. Во кафана? Сега? Да зборуваме за ДПМ? Боже сочувај.

3.

Истата таа година, на Собранието на писателите се бираше новото раководство на ДПМ. По изборот, тој и и уште неколкумина негови колеги седнаа кај Јоле и разговараа за Друштвото. Како една од многуте шеги (шегите му се modus operandi), тој ги поднамршти веѓите: а што не се кандидираат тие за во раководството? Зошто да не?…

Секако, во истиот миг беше исмеан, но некој миг подоцна таа лабава несериозност се довеала до ушите на други: еден од неговите постари колеги на скалите од Друштвото го поздрави со „О, па добар ден, претседателе“. Каков претседател, на што? Па, на ДПМ, нели. Изразил желба.

Неверојатно. Озборувањето, вечното мезе. Патува побрзо и од добри и од лоши вести – затоа што е флексибилно, менува форми, се прилагодува на сечие уво, на сечии предрасуди.

„Рано ти е, рано ти е“… му рече колегата, а тој сè уште тешко успеваше да поверува дека некој тоа може да го сфати барем малку сериозно. Но, од друга страна, си ја замислува, или автентична е оваа нијанса неубедливост во гласот на колегата? И што треба тоа да значи?

4.

Две-три години подоцна, со еден од неговите повозрасни колеги разговараат за „Стожер“. Колегата му упатува еден смртно самоуверен, презрив поглед. „Гледам како плетеш мрежа околу тебе…“, му вели.

Останува збунет. Аха. Значи, плете мрежа… Некаква мрежа. Ќе лови некого? Ќе мести стапици? Или, можеби само гледа да си ја заврши работата, да излезе списанието, и што повеќе луѓе да бидат вклучени? Досега не беше свесен за тоа, но… така е – веројатно плете мрежа. „Плете мрежа“ – колку подло тоа звучи. Каков подлец е тој.

5.

Во текот на неговите четири години во Редакцијата, не напиша ништо – ни за „Стожер“, ни за ДПМ. На крајот на мандатот, сепак, реши да си ги собере мислите во текст, во едно негово „шчо напраифме“, надополнето со „шчо требит да праиме за однапред“ – резиме на десетици ставови искажани од дузина автори во рубиката „Визија за ДПМ“. Го напиша тој долг текст и ѝ го испрати на колешка од редакцијата. По нејзин предлог, го скрати текстот, и на крај тој беше објавен во списанието. Беше објавен како отчет, како трага за сиот труд – негов, и на сите оние што помагаа околу списанието. Уште повеќе, тој текст беше објавен со наивна надеж дека ќе инспирира некого, и дека тој некој ќе се кандидира за следен Претседател. Но, тој текст не само што не успеа да поттикне никого, туку имаше и контраефект: тоа наликуваше на негова кампања, на негова програма. Некој дури и искоментира дека тој треба да е претседател.

Тој да биде претседател? Каква идеја.

6.

При еден мал вербален Фб-конфликт со еден негов повозрасен колега, член на ДПМ, колегата во својот коментар смести и една матна реченица: „И вие со ваква некултура покренувате нешто што би требало да го покрене некој кандидат за претседател на ДПМ?!!“

На што се однесува ова „кандидат за претседател на ДПМ“, на него? Види… Прво оној пријател на Фб коментира за претседател, а еве сега и колегата зајадливо спомнува таква можност. Можно ли е колегата да разговарал со некого, и оттаму да доаѓа ова „кандидат за претседател на ДПМ“?

Во секој случај, целата работа ќе почне сè почесто да го потсетува на Исус и неговата молитва во Гетсиманската градина: „нека ме одмине оваа чаша“.

7.

Тоа што некои некаде зборуваат за него како за можен кандидат му доаѓа многу повеќе непријатно и смешно (често помислува на Вуди Ален: „никогаш не би бил дел од клуб што би сакал да ме има мене како свој член“), отколку што му го милува егото. По Конески, Шопов, Јаневски, Андреевски… и преку цел куп одлични живи поети, писатели, книжевни теоретичари… до него ли е дојдена работата? Но, ретко обрнува внимание на тоа: кога и да мисли на ДПМ, главно се прашува кој би можел да биде следниот добар претседател. Од тоа сè зависи. Веќе некое време е отворен конкурсот за поднесување кандидатури, а досега е поднесена само една. Само една? Можно ли е дотаму да е отидена целата работа? Не целата работа со ДПМ – туку со целокупната книжевна заедница. Можно ли е апатијата да го допрела дното? Колку тажна состојба. Не, мора да постои некој што би сакал да биде поддржан, да се охрабри. Има повеќе писатели, професори, пријатели за кои верува дека би биле одлично раководство на Друштвото.

Ќе разговара со неколкумина, ќе се обиде да ги убеди да се пријават: ова е клучен миг за тоа. Но, како и со оној негов текст „За ДПМ, за Стожер и за заедницата“, и кај разговорите крајниот исход најчесто ќе биде – контраефект. „Вие сте тие што треба да ја водите оваа битка“, ќе бидат зборовите што ќе ги слуша од поискусните, „ти си тој што треба да се пријави“.

Колку почесто ќе ги слуша овие зборови, толку почесто и самиот ќе си вели: нека го одмине оваа чаша. Тој има други работи, други предизвици – нека се појави некој, мора да го има, и тој ќе го поддржи, ќе се заложи за него, а сигурно и други ќе го поддржат, и сè ќе биде во ред. Може ли да го одмине оваа чаша?

„Но, нели ти беше ликот што упорно веруваше во можното заедништво во ДПМ?“, му доаѓа да се праша себеси најпосле, „нели ти беше оној што сакаше да зборува за ДПМ кога речиси сите други ја заобиколуваа таа тема, нели ти се трудеше ‘Стожер’ да биде барем малку достоен на сега веќе митските напори на Блаже, Славко, Митрев? Нели ти го напиша оној текст за ДПМ и за Заедницата? Уште поважно – нели и самиот си свесен дека имаш конкретна визија за оддавање признание на секој од членовите на ДПМ, и контакти од лица што би го поддржале Друштвото и, најважно од сè, дека ти, со твојот ангажман и со твоите години си оној што го има неопходниот кредибилитет за тоа да се спроведе? Со еден збор, нели ти ги коваше шајките на овие греди, нели ти го правеше овој крст, човеку – како сега бараш некој друг да земе да го носи?“

Нема одговори, може само да молчи.


8.

А мора ли да го носи овој крст, воопшто? Нели може едноставно и тој да рече дека ова не е за него, дека не го интересира, дека не му е гајле, како на многу други? Зошто бре воопшто да ги реди сите овие прашања? Нели е нарцистички да смета нешто за своја одговорност, ако тоа можеби не е? Во крајна линија, нели е на друго место неговото Царство небесно, нели треба да раскаже како за миг ја сретна Глорија, и што му значи таа? ‘Царството небесно прилега уште и на богатство сокриено во нива, кое го нашол човек и сокрил, па, од радост за него, оди и продава сè што има, и ја купува таа нива’. Нели треба да го продаде ДПМ (неговата идеја за ДПМ, поточно), како што продава куп нешта, па со радост да го купува сеќавањето на Глорија, и за неа да пишува? Нели може да си ја истрие од свеста грижата за заедничарењето во Друштвото, да си ги истисне од главата сите светли замисли за можните меѓународни дружби, реките посетители што доаѓаат да ги слушаат писателите, поетите? Нели може да го продаде сето тоа, и да оди на раат да ја купува неговата приказна за кратката средба со Глорија и за нејзината вистина, за неговото Царство небесно?

9.

Би можел да се обиде да батали сè. Но, му се чини дека ништо не е толку поразително како предвидливоста. Која во овој случај е двојна.

Прво, ако не се направи никаков обид за отпор, сосем извесно му се чини (и не само нему!) дополнителното затворање на ДПМ, крајното продлабочување на јазовите (генерациски, идеолошки, естетски, секакви), сосем извесна му се чини категоричната поделеност кај членството и, како конечен исход – уште поужасна апатија. Распетие без крај, агонија без никакво воскресение.

Второ, и уште поморничаво, знае дека за две, пет, десет, петнаесет години би се каел ако сега ненадејно потоне во неактивност, ако си го укине гласот и можноста за некаков, каков било, обид да се придонесе за пристојно функционирање на Друштвото. Како би му било да се сеќава на тоа? Прво верувал неколку години, потоа напишал еден обемен текст со Визија за ДПМ, и на крај – сето тоа нечујно завршува со небиднина. Колку тажна завршница. Еве, нека не е ама воопшто важно каков пример би им дал на макар некои од другите, од „помладите“ – како би живеел тој самиот со една таква слика во својот фотоалбум?

Би можел да се обиде да батали сè – тоа се чини толку разумно. Ама не може. Зошто? Каде е дефектот во механизмот? Мора да постои некакво објаснување за лудилото.

10.

А што ако има повеќе од само едно Царство небесно? Што ако во овој миг се најмалку две? Што ако тој треба да му се препушти на овој порив да верува во Друштвото како Царство, исто како што верува во неговото сеќавање на Глорија, и во надежта дека таа ќе му се јави, еден ден? Да, наместо толку да ја усложнува целата работа, можеби треба да ги заобиколи дихотомиските стапици на умот, и едноставно да верува во обете идеи, кога веќе не може да не мисли на нив? Од една страна, може да верува дека и ДПМ може да биде Царството, и да даде колку што може од себе за да се обиде навистина да биде. (Најпосле – мнозинството одлучува што сака, и какво ДПМ сака. Најважно е тоа што тој потоа би продолжил со мирна совест – направил сè што можел.) Од друга страна, во меѓувреме, може да продолжи и со втората идеја: да се сеќава на Глорија, на неговото друго (вистинско?) Царство небесно. Да, нели не мора да бира?


11.

Сега седи во ова кафуле на аголот помеѓу шеталиштето Олимпиу и булеварот Димитракопулу во населбата Кукаки во Атина. На масата до него седи оваа зачитана девојка во цокули, а од кај шеталиштето сега им се приближува човекот што пее. Миг пред тој да застане пред него, неговата песна молкнува. Тој погледнува кон човекот: во рацете држи пенкала и бележници, ги подава кон него.

На лицето развлекува насмевка, нишка со главата. „Насекаде е исто“, си вели, посегнува по паричникот.

На крај, си вели, останува само вербата. Наивната, смешна, опасна, но и покрај (и наспроти!) сè – непоколеблива верба: во другите, и во природниот тек на нештата. Сите членови на ДПМ, си вели, имаат очи за да видат, и уши за да чујат, и секој човек има сопствен интегритет, помалку или повеќе. Оттука па натаму, сè станува само предмет на контемплација и уважување.

Човекот со пенкалата се оддалечува, почнува пак да пее. А зошто да не? – надвор е пролет, живи сме.

До последно се надеваше дека ќе го одмине оваа чаша. Речиси се најде друг кандидат, но… еве – чашата е сепак пред него. Посегнува, ја позема. Е па, на здравје, пријатели!