Пол Макартни и Ринго Стар конечно во прв официјален дует
- 4 hours ago
- 2 min read
Првата официјална дуетска песна на Пол Макартни и Ринго Стар, „Home To Us“, ќе се најде на новиот албум The Boys Of Dungeon Lane, заедно со гостувања од Криси Хајнд и Шарлин Спитери.

Легендарниот Пол Макартни потврди дека неговиот нов албум The Boys Of Dungeon Lane ќе ја содржи песната „Home To Us“ – првиот официјален дует што некогаш го снимил со Ринго Стар.
Песната беше претставена на специјален listening event во легендарното Abbey Road Studios, каде што Макартни пред фановите откри детали за албумот што излегува на 29 мај.
„Home To Us“ е интимна песна за нивното растење во Ливерпул, градот што ги обликуваше и од кој започна приказната на The Beatles. Макартни изјавил дека песната била напишана „целосно со Ринго на ум“.
„Ринго дојде во студио и отсвири малку тапани. Му реков на Ендру: треба да направиме песна и да му ја испратиме. Оваа песна е создадена целосно мислејќи на Ринго,“ изјавил Макартни.
Освен Стар, на песната гостуваат и Криси Хајнд и Шарлин Спитери, додека продукцијата ја потпишува Andrew Watt.
Според првите информации, The Boys Of Dungeon Lane ќе биде едно од најличните изданија на Макартни досега. Албумот обработува спомени од детството, семејството и раните години во Ливерпул, а многумина веќе го опишуваат како негово „најинтроспективно“ дело во последните децении.
Макартни, како и на неговиот култен соло-дебитантски албум McCartney, повторно сам свири најголем дел од инструментите.
Веста за дуетот предизвика силни реакции кај фановите на Beatles, особено затоа што иако Макартни и Стар со години соработуваат и настапуваат заедно, ова е првпат нивните гласови официјално да се спојат во дует на песна потпишана како соло-издание на Макартни.
Во време кога рок легендите најчесто живеат низ архиви, ремастери и документарци, „Home To Us“ делува како доцно но емотивно враќање дома: два гласа од Ливерпул што сè уште звучат како да носат цел еден век поп /рок култура во себе.





Comments