top of page

Рандеву со Ружди



Мартин Амис, 1990


Исчезна во насловите пред две години. Но, сега Салман Ружди посегнува од сенката со нова книга, напишана за неговиот син, духовита и пркосна детска парабола која го отсликува неговиот сопствен фантастичен кошмар. Мартин Амис разговара со Ружди за неговиот живот како невидлив човек.




Салман Ружди, авторот на многу дискутираниот роман наречен Сатански стихови, сè уште е со нас. Човек чувствува потреба да го нагласи овој факт: дека тој сè уште е жив. Тој е фатен во стапица или травестија; тој е осуден да ги одигра своите фиктивни теми за егзил, острацизам, дисјунктура, лична реинвенција; тој зазема еден вид земја на сенки; но тој е страотно жив. Дебатата за Ружди достигна точка на задушување каде што се чини дека никој не може да зборува природно. Во таа смисла, силите на недуховитоста веќе триумфираа. Животот на Ружди е трајно дисторзиран. Јас тука и овде, тврдам дека неговата човечност е неоштетена и целосна.

Директните средби со човекот остануваат ретки и мачни. Ако сакате да се сретнете со Минотаурот, мора да влезете во лавиринтот на неговите безбедносни мерки. Сепак, разни погледи и видувања се секогаш актуелни меѓу неговите пријатели: Ружди, на полноќ, предлага да ги рецитира Целосните дела на Боб Дилан; или гледајќи го Светското првенство на телевизија минатото лето (со неговите безмилосни пародии на спортските презентери); или паѓање додека се демонстрира амбициозно низок потег на играње твист; или јадење пица и искрено слушање на Џими Хендрикс. Ситуацијата на Ружди е навистина манихејска, но тој не е ниту бог ниту ѓавол; тој е само писател- комичен и протејски, ироничен и жесток. За да го потврди ова, Ружди сега продуцираше пркосно смел и витешки роман, детска книга за возрасни наречена Харун и морето на приказните. Има моменти кога неволјата на Ружди се чувствува како бесмислено оттргнување, хаотична несреќа; има и други моменти кога изгледа уверливо централна и примерна. Пријателите на Ружди, замислувам, размислуваат за него секој ден. Но, неговите пријатели писатели, претпоставувам, размислуваат за него на секои половина час. Тој се́ уште е со нас. И ние сме со него.

Кога првпат ја слушнав веста, помислив јас сум мртов човек. Знаеш: готово е. Еден ден. Два дена." Ова интервју се одржа на мистериозна локација; ние се здруживме преку нешто што Харун би го нарекол P2C2E: a Process Too Complicated to Explain(Процес Премногу Комплициран за да се Објасни.) „Во такви моменти размислувате за сите лигави работи. Размислувате дека нема да можете да ги гледате вашите деца како растат. Неможноста да ја завршите работата што сакате да ја работите. Чудно, но тие работи повеќе болат отколку физичката идеја да се биде мртов. На некој начин, не можете да ја сфатите таа реалност“.

Се чинеше дека реалноста беше генерално недостижна на тој ден, 14 февруари 1989 година - денот на фатвата на Хомеини. Дури и небото, се сеќавам, беше натприродно озрачено. Ружди првпат ја слушна веста, кога го побара една радио станица - за да побара коментар за неа. „Како се чувствувате сега кога ајатолахот ве осуди на смрт? А ќе ни дадете ли цитат?“ Тој успеа да го даде цитатот („Господ знае што реков“), а потоа трчаше низ куќата навлекувајќи ги завесите и затворајќи ги ролетните. Потоа, тој месечареше низ интервјуто за утринската емисија на CBS, и прејде на последното појавување во јавноста: комеморацијата за неговиот близок пријател Брус Четвин.

Црквата беше православна грчка, мрачна, правлива, со големи куполи и полна со писатели. Ружди брзо влезе со неговата сопруга, американската романсиерка Маријана Вигинс. „Бев во шок“, вели тој сега. Изгледаше раздразлив. Сите бевме раздразнети. Саул Белоу го нарекува „гламур на настани“. „Салман“, реков додека се гушкавме (тој сака да ги гушка пријателите, и никогаш рутински, секогаш значајно), „ загрижени сме за тебе“. И тој рече: „и јас сум загрижен за мене“. Руждиевите седнаа покрај мене и мојата сопруга. Имав срамен импулс да ги препорачам сите тие убави празни клупи на другиот крај на црквата. Ружди постојано гледаше преку неговото рамо: претставниците на печатот беа држени на страна, од неговиот агент, Гилон Аиткен. „Салман! “ Извика момчешки Пол Теру. „Следната недела ќе се вратиме тука за тебе!“

Соодветно, службата беше мачна, мака сама по себе, со многу неразбирливо јоделирање и молење. Сфатив дека сите мои мисли беа благо, но тврдоглаво богохулни. Замантиените свештеници мавтаа со своите зачадени кандила во воздухот, како грчки келнери кои отстрануваат запалени пепелници. Ова, заклучив, беше последната шега на Брус Четвин кон неговите пријатели и најблиски: неговиот хетеродоксен теизам конечно се вдоми во религијата што никој што тој го знаеше не можеше да ја разбере или да ѝ одговори. Седнавме и станавме, станавме и седнавме, обидувајќи се да не го поткопаме со воздишка или зевање тапиот театар на туѓинска вера: систем на бесмртност, со други зборови, и затоа неизбежно досаден, туѓ, театарален. Кога заврши, Салман и Маријана поминаа покрај новинарите кои чекаа и беа одвезени во лимузината на еден пријател. Ружди го помина денот барајќи го својот син Зафар (кој сега има единаесет) - исто така, претпоставувам, барајќи начин да се збогува со него, додека се подготвуваше да го започне својот нов живот.


Накратко присуствував на приемот по службата. Во нормални околности би ја искористиле шансата да ја пренесеме нашата преокупација со оплакуваниот пријател. Но, никој не размислуваше и не зборуваше за Брус. Сите размислуваа и зборуваа за Салман: неговата опасност, неговото драстично издигнување. Додека отидов дома, направив околу половина дузина работи што Салман Ружди веќе не беше слободен да ги прави. Отидов во книжарница, во продавница за играчки, во снек бар; Отидов дома. По пат ги купив вечерните новини. Насловот на неговиот банер гласеше: ПОГУБЕТЕ ГО РУШДИ НАРЕДУВА АЈАТОЛАХОТ. Салман исчезна во светот на крупните букви. Тој исчезна на насловната страница.

Неговиот случај е секако уникатен. Тоа е брука од уникатност. Условите на фатвата (која беше, истовремено, смртна казна и доживотна казна); големината на наградата (три пати поголема од претпоставениот изнонс за извршување на Локерби крахот); природата на егзилот, која го отстранува романсиерот и од неговиот субјект (општеството) и од неговиот објект (трезвено книжевно размотрување): со неговата сопствена фраза, Ружди е цврсто „врзан со лисици на историјата“. Неговата уникатност е мерило за неговата изолација. Можеби исто така, е мерило за неговиот стоицизам. Затоа што никој друг - секако ниту еден друг писател - нема да можеше да преживее толку добро.

Ова често му го кажувам. Честопати му велам дека ако Аферата Ружди беше, на пример, Афера Амис, тогаш јас до сега ќе бев расплакан и транквилизиран стокилаш, без трепки или влакна во ноздрите, и покриен со црвенила и изгореници од разни незгоди со шприцот и крек лулето. Малку се здебелил („нема вежбање“) и почнал одново со многу умерената навика за цигари; некое време разви еден вид стресна астма. Но, Ружди е непроменет: розовиот тен, страничниот набор на горната усна кога се насмевнува (што дава впечаток на бебешки кратки секачи), очите толку егзотично закуколени, што долго време предвидуваа мала операција за да ги спречи капаците да ги проголтаат ирисите. Неговото итно духовито присуство е несмалено, неразводнето. Понекогаш, кога ќе му се јавите, на неговото „Оф, ма добро сум“ целосно му недостасува убеденост. Инаку, тој е чудо на сталоженост.

Како е тоа можно? Несомнено, Ружди има многу природен баласт. Тој знае за егзилот, неговите изопачености, неговите изненадувачки можности за проширување, како може да направи да се чувствувате гол и невидлив, како во сон. Отсекогаш имало нешто олимписко во врска со Салман Ружди. Неговото верување во сопствените сили, сепак (за разлика од другите видови верувања), не е монолитно и затоа несигурно. Тој е агилен, каприциозен и кловн. Првиот пат кога го сретнав, пред седум години, ми спомна дека неодамна играл на фудбалски натпревар во Финска за Единаесетмината Светски Писатели.

„Навистина? Реков. „Како помина?“ Очекував вообичаен вид на комичност(истегнување на скочниот зглоб, инфаркт, неспособност, срам). Но, ми дадоа друг вид на комедија, од никаде.

Тој рече: „Ух, постигнав хет трик, всушност“.

"Се зезаш! Претпоставувам дека само си ја подал ногата. Ги исшутира до дома“.