Мирко Попов Квартет излезе со нов сингл – Дијагноза. Синглот се чини дека е епилог или фуснота на медиумската галама која се случи кога на митинг на локалните избори после драматична пауза констатираше „Скопје е...дијагноза„ и со тоа медиумите, често мрзеливи, во елаборирањето или едноставно пишувањето на приказни – се закачија за моментот кој отскокна од старите уморни фрази, и ги покачи пулсовите, и со тоа ги нахрани сеирџиските кучиња.
Мирко Попов самиот вели дека не е изверзиран во новата технологија и дека има отпор кон дигиталната ера, но доколку тоа навистина е така е вистинска штета: со излегувањето на синглот Дијагноза покажува талент и смисла за контрола на наративот, и не му се дава така лесно. Оние кои се „маркетиншки генијалци„ обично преку хумор ги превртуваат контроверзните моменти наопаку, и со исмејување ја празнат гневната енергија. Но реконтекстуализирањето на елемeнт кој е извор на препирки, и реапроприација во посакувано значење е нешто повеќе од само маркетиншки трик - тоа бара креативност и талент. Го видовме Кање Вест пред една деценија како позира нагрнат со расистичкото конфедерациско знаме а потоа носеше и јакна со знаменце на ракавот: „Реагирајте како сакате секоја енергија е добра енергија. Знамето на Конфедерацијата на некој начин го претставуваше ропството. Тоа е моето апстрактно мислење за она што го знам за тоа, нели? Па, ја напишав песната „Нови робови“. Па, го зедов знамето на Конфедерацијата и го направив мое знаме. Сега е мое знаме!“

Но повеќе од само насловот кој може да се гледа како јадица, оваа електро трака е песна за Скопје, лајтмотивот на Мирко Попов кој е поставен наспроти „Македонија„(или „Македониа„) во не само неговото творештво туку и јавен дискурс кој се провелкува од интервјуа, па и низ коментари по социјалните медиуми. Тој сонува за Скопје во сите свои несовршености,
„ Живееш во град во мојот град
Соништа во кал
Не е град во омраз шал
Околу вратот мал„
како Њујорк, Лондон, како прогресивен, урбан интелектуален елемент, наспроти регресивната, назадна, емотивна, ако не и инстинктивна конзервативна, националистичка „Маќедонијa”. Оваа дихотомија поставена среде амбиција да се придвижи Македонија од општество кое е комично во својата немоќ кон средина која е во најмала рака достоинствена. Всушност се сеќаваме на Мирко на своите 20+ години во 90-тите, како кажува на камерата (ова во кулминацијата на транзициската Македонија, и завоениот Балкан) дека има голема доза на оптимизам, дека ќе пораснеме во општество во кое се надеваме.