top of page

Татјана Миљовска за изложбата „Вечно женско (Шакти)“

од Татјана Миљовска



Насловот Вечно женско го позајмив од филозофијата на Владимир Соловјев. Малевич до својот креативен принцип духовна возбуда стигна наследувајќи го мистичниот амбиент на вечното женско - симболот на убавината и мудроста Софија - што зрачел од филозофијата на Соловјeв. Сликарите, поетите и филозофите симболисти, во своите азурно-сини контемплации, проникнаа до повисоките нивоа на интуицијата, а возбудата се ослободи како резултат на кршење на табуата на патријархатот (кубофутористите потоа раскинаа со традицијата на симболистите, но тоа е друга тема)!

Патријархалната култура и религија ја потиснуваат женската енергија којашто е незаменлива во реализирањето на полнотата на чувството и креативната емоција. А пак рационалниот ум (често роб на ниските страсти) е на суверено место во патријархалното општество. Тој е во сојуз со волјата за доминација и наметнувањето на моќ од позиција на физичка сила. Тие се востановени како „природни“ и „нормални“ нагони во општеството. Бидејќи социјалниот дарвинизам е „неминовен“ и „нужен“, следува натпреварувачкиот дух како смисла на животот, па насилноста води кон (авто)деструкција, војна, смрт. Нели сè уште ги препознаваме овие сили како доминираат во нашиот свет!?



Од друга страна, во тој систем, сочувството, емпатијата, емотивноста, сензибилноста, симпатијата, довербата најчесто се сфаќаат како слабости, пожртвуваноста и љубовта, великодушноста, солидарноста и добротворноста – неисплатливи, мирното решавање на проблемите и конструктивноста – привремени. За повторно да се откријат и да се ревалоризираат овие занемарени доблести, неопходно е да се истражува вечното женско! Нежен однос кон природата, воодушевување од нејзините убавини, грижа за другите, за светот, за планетата, за следните генерации, се обновувааат и актуелизираат преку радикалните екологии: екофеминизмот, длабоката екологија и социјалната екологија.




Промените во културата изнурнуваат од длабоката внатрешна нужност (патем, тоа е креативниот принцип на Кандински) и се резултат на еволутивен развој. Според мене, излезот од кризата ќе го најдеме прво однатре, во преобразбата. Како човештво се доведовме до ситуација кога немаме друг избор. Оттаму, големиот импулс за промени избива како женска енергија. Во јогата енергијата е шакти. Шакти е женска енергија. Таа се манифестира како на субатомско ниво така и како космичка енергија. Оваа енергија во микрокосмосот, во нас луѓето, низ духовната пракса (медитацијата, јогата) станува сè посуптилна. Постепено се развиваат пофини аспекти од таа внатрешност, симболизирани низ разни бои, елементи/густини и нивоа на постоењето, и се балансираат енергиите во хармонија на повисоко рамниште. Во еден момент се достигнува полнота, полнота на Себството, на Душата, на Внатрешното Сонце - извор на огромна позитивна енергија.



Серијата на слики во оваа поставка: Океан Море, Сонце и Расцут, Крилја, Пламен, се разни изблици на таа енергија, или како силна прочистена емоција, или како чувство на слобода и леснотија (добиваме Крилја), или како неизмерен простор и длабочина, или како пламено енергично извишување, или како мир, но динамички, или како топла радост и расцут.

Мојот стремеж е вечното женско, коешто се манифестира како мудрост, духовна сила, хармонија и перфекција, да заблеска, за да овозможи пробив во неизмерните пространства на Интуицијата. Интуицијата е нашата повисока и подлабока свест…

* Сите серии на слики од оваа поставка се изработени во периодот од 2014 до 2015 година.


Повеќе за настанот на Фејсбук и на Дива: Деновиве низ град.


Татјана Миљовска, родена на 3 ноември 1966 година во Битола, е уметница чиј живот и дело се преплетуваат со богатиот тек на македонската уметност и култура. Нејзиното уметничко патешествие е обележано со академски постигнувања, креативни истражувања и длабоко посветување на духовната суштина на апстрактното сликарство.


Во 1992 година, Миљовска стекнала диплома по сликарство на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Нејзината предаденост кон уметноста ја одвеле кон студии на магистерски степен, кој го завршила во 2011 година со теза насловена "Возвишена убавина". Врвот на нејзината академска кариера беше во ноември 2020 година, кога успешно го одбранила докторскиот труд со наслов „Ревитализација на духовното во апстрактното сликарство“ во Културолошките студии при Институтот за македонска литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Татјана Миљовска ја исцртува својата уметничка визија преку серија на самостојни изложби, од кои најважни се:

  1. "Кула на Мостот" во Националната галерија "Даут – пашин амам" во Скопје (1996).

  2. "Внатрешно Сонце" во Музејот на современа уметност во Скопје (2003).

  3. "Езеро Мое" во "Магаза" во Битола.

  4. "Сарај" – Ресен и "Куќата на Робевци" - Охрид (2009).

  5. "Возвишена Убавина" во Музејот на град Скопје (2011).

  6. "Духовното во апстрактното сликарство" – изложба и промоција на нејзината книга во Галеријата Метаноја во Скопје (2023).

Со членство во уметничката група "Зеро" во периодот од 1986 до 1992 година, Татјана учествувала во многу перформанси, изложби и проекти со групата. Ретроспективната изложба со "Зеро" во Националната галерија на Македонија („Мала Станица“) презентираше значајен дел од нејзината уметничка историја.


Во текот на годините, Татјана Миљовска се издвои не само како сликарка туку и како дизајнерка. Нејзините колекции на производи за домот ги изложувала на меѓународни саеми во Франкфурт на Мајна и Њујорк.

Со повеќе од 150 објавени текстови, нејзините размислувања и критики ја објавувала на теми поврзани со уметноста, екологијата, естетиката, духовноста и политиката. Нејзината активност на меѓународни научни конференции и последните научни трудови ја поставуваат како релевантен глас во областа на енвиронменталната естетика и етиката на грижа за планетата и општеството.

"Забелешка: Сите серии на слики од оваа поставка се изработени во периодот од 2014 до 2015 година."

Татјана Миљовска продолжува да ја обогаќува македонската уметничка сцена со нејзината енергична креативност и силна врска со духовните длабочини на сликарството. Нејзината сакрална преданост кон "Вечното женско (Шакти)" се одразува во секој чекор на нејзиното уметничко патешествие, а нејзината искра за ревитализација на духовното во апстрактното сликарство ја прави неизбежна личност во македонската културна баштина.

Opmerkingen


bottom of page