top of page

Јато од двајца: Ленче го спасува штркот Мишко



Секоја пролет, небесниот канвас на Балканот се разигрува со елегантната постава на бели штркови, коишто со своите моќни крилја, пресекуваат континенти во потрага по топлите денови и обилните хранливи терени.

Овие мајстори на долгите патувања ја имаат својата рута длабоко вградено во гените, една миграција која со векови го инспирира човештвото и останува симбол на пролетта и обновата.


Изминувајќи илјадници километри од јужните предели на Сахарската пустина и суб-Сахарската Африка, штрковите со вистинска издржливост и одлучност пристигнуваат на Балканскиот полуостров, подготвени да го започнат својот годишен циклус на размножување.


Штрковите (Ciconia ciconia) се меѓу најпознатите птици-преселници, и нивното патување е пример за неверојатна адаптација и суровоста на природниот свет. Нивната способност да го искористат топлиот воздух за да летаат со помалку енергија е само еден од многуте нивни таленти. Со помош на големите крилја, тие можат да се кренат на високи надморски височини, каде што ветерот им овозможува да се носат со минимален напор.


За време на нивното патување, штрковите се соочуваат со многу предизвици. Од сè поголемата урбанизација и намалувањето на влажните подрачја кои се користат за одмор и хранење, до опасните ловци и електрични кабли кои претставуваат смртоносни пречки.


И покрај овие ризици, штрковите се неверојатно отпорни и продолжуваат да ги следат своите вековни патишта, инстинктивно водени кон своите одредишта.

Распонот на крилјата на штрковите може да достигне 180цм

По пристигнувањето на Балканот, штрковите се натпреваруваат за најдобрите места за гнездење - често тоа се високи точки како што се крововите, црквени кули или специјално поставени столбови. Со своите величествени гнезда, тие стануваат карактеристичен дел од пејзажот и местото на многу културни и фолклорни приказни.


На безброј кровови низ Европа и Африка, елегантните силуети на штрковите се истакнуваат наспроти залезот на сонцето, и оваа глетка буди сентименталност и прврзаност кон штрковите. Овие величествени птици се симбол на животот, раѓањето, и плодноста во многу култури.


За мене, уште повеќе го будат сеќавањето на дечјата радост на лицето на татко ми, кога ќе ги забележи возејќи. Година по година се повторува сцената, како неговата возраст напредува, радоста останува иста: „ја гледаш куќата!? Ете ги, штрковите“  - додека го забавува автомобилот - „Секоја година, откако бев дете, доаѓаат на истиот оџак!“


Но тие се и пример на реалноста на животот, која последниве децении како планетата цвили под ногата на алчноста на луѓето, бара се́ поголема суровост, која е диктирана од природните закони за преживување. 


Оваа година во Македонија, се чини штрковите поранија, следејќи ја исклучително благата пролетна зима. 

За Ленче (Алексовска) тоа претставува знак за мобилизација. 


„ Штрковите веќе се дојдени и сега нова опасност за Мишко, поголема од зимата, штрковите нема да го прифатат бидејќи доаѓаат во парови и не сакаат инвалид во нивното опкружување може да го нападнат и сега мора да внимавам на него уште повеќе“

Ленче, од Гевгелија веќе го привлече вниманието на јавноста - нејзината приказна ја надминува онаа на луѓето кои се грижат за штрковите кога ќе дојдат од Африка. Таа се грижи за штрк - долго откако јатата ќе заминат. 


„Се враќав од центарот накај дома,со велосипед и здогледав нешто бело,мало како циви со невообичаен тон и тогаш видов дека е мало штркче сето исколвано од страна на родителите.

Веднаш го однесов дома во дворот и веднаш му дадов храна и вода бидејќи беше прегладнет и дехидриран.

Одма после почнав да го лекувам како што знаев и умеев, раните за неколку дена се санираа но окото не можев да му го спасам.

Почна за кратко време да се дружи со мачките и кучињата.

Почна сам да јаде,да шета низ дворот бидејќи е огромен,да излегува околу куќата и да се враќа дома."




,,Го најдов туку речи една година по смртта на брат ми за кој нема утеха - се совпаднаа деновите и решив да го викам Мишко по брат ми Миле бидејќи многумина брат ми го ословуваа како Миша.Мишко го викам а незнам дали е женка или мажјак“

Штрковите се социјални суштества кои во голема мера се потпираат на своите јата за преживување и размножување. Тие мигрираат во големи групи и секоја година се враќаат на истиот простор на гнездење за да подигнат ново потомство. Тие ја споделуваат храната, грижата за младите и информациите за локациите каде храната е обилна.


Во својот танц на животот, штрковите покажуваат еден вид на совршена хармонија со природата.


Сепак, под оваа поетична слика лежи една неопходна реалност - понекогаш штрковите отфрлаат членови од нивните јата. Ова може да се случи поради неколку причини. Нагло, болестите или повредите може да ги намалат шансите за преживување на поединецот, правејќи го товар за останатите во јатото. Во такви моменти, инстинктот за опстанок на групата станува примарен, и оние кои не можат да ги следат другите се оставени на милост и немилост на природата.Уште една причина за отфрлањето е доминацијата и територијалноста. Во време на оскудица со храна, доминантните членови може да ги прогонат послабите членови на јатото за да обезбедат преживување за себеси и своето потомство. Штрковите, иако често се гледаат како симболи на мир, се исклучително конкурентни кога станува збор за ресурсите потребни за преживување.Исто така, штрковите се познати по својот стереотипен летен патрон, кој е пример за неверојатната ориентација и издржливост. За жал, оние кои не можат да го одржат темпото или да се ориентираат добро, брзо стануваат изолирани и често не успеваат да го завршат годишниот циклус на миграција.

Ја прашувам Ленче, дали се надева дека можеби сепак ќе се придружи годинава на своето јато - или дали сепак Ленче и Мишко се јатото на кое му било судено на штркот. Таа вели: 


-„ Јас би сакала да си најде друштво и полета, меѓутоа тука е опасноста по неговиот живот, штрковите веднаш ке го нападнат и убијат,тие се силни и моќни птици, посебна причина и опасност е и тоа што е хендикепиран,со едно око е а штрковите не сакаат инвалиди во нивно опкружување“ - и дополнува - „Ако сака некој животни доволно е само еден поглед и една подадена рака па макар и празна само да нема во раката отров бидејќи човекот е најголемиот непријател на животните -  со исклучоци секако.“ 


Додека го следиме летот на штрковите, мора да се сетиме дека тие не се просто бајковити ликови од нашиот колективен културен имагинариум - тие се живи суштества кои се борат за опстанок во сѐ потешки еколошки услови. Секое отфрлање на член од јатото е тешка одлука диктирана од природниот избор и суровите услови кои ги диктира самата природа.


Сепак и оваа приказна која лесно можеме да ја романтизираме, брзо не́ потсетува дека реалноста често повикува на борба, често бара напор, борба во која се препознаваат хероите: 

„Мене не ми е јасно само едно,заштитена птица а цела Гевгелија знае дека ја чувам никој од институциите не праша како е штркот и дали ми треба помош

Верувајте воопшто не е лесно да одгледате штрк,штковите не јадат леб или жито,тие јадат во природата риби,жаби, глувци, змии,кои не можев да му ги обезбедам

Почнав да му купувам месо,и така еден ден во месарата ме прашаа зошто толку често купувам и тогаш им реков за кого купувам и ете веќе неколку месеци подоцна од месарата да ми донираат остатоци од месо , благодарам на фамилијата Брзанови во чија сопственост е месарата.“


И покрај се́ тоа што го наоѓа во него е мир - „Ми делува како седатив,толку е мил и кроток“


Ја прашувам Ленче: „Дали има некоја лекција или лекции што ги научивте - практични или животни - откако се грижите за Мишко?“


Јас многу добро ги знам лекциите и пораките од животните затоа што во моите 64 години не сум останала без миленик до сега а тоа ке го правам сѐ додека можам, јас животните бескрајно ги сакам и заштитувам,не оставам гладно животно,ист како мене беше и мојот покоен брат.“

Како љубители на природата и заштитници на дивите животни, нашата улога е да набљудуваме, да учиме и да интервенираме каде е потребно за да им помогнеме на овие незаменливи суштества да продолжат со својот велемудар танц на животот, додека секогаш сме свесни за линијата која ја одделува нашата помош од неопходната самостојност на дивите видови.


За крај, секој пат кога ќе видите штрк на кровот или на небо, споделете почит кон нивната непрекината борба за живот и нивната способност да се приспособат во секогаш променливата еколошка таписерија на нашата планета.


Нека биде тоа потсетник за сите нас дека животот во природата е и хармоничен и жесток, и дека секое суштество има своја улога во величествената разноликост на животот на Земјата .


Ана Чушкова

Bình luận


bottom of page