top of page

Мартикс: со новиот албум „Арсен“ го утврди својот статус како поетот меѓу раперите


Martix Мартин Миљев пуши цигара на поле и зајдисонце, кавер арт на албумот Арсен.
Насловница на најновиот албум на Martix наречен Арсен.

Овој разговор го договараме веќе една година. Од моментот кога Мартикс го издаде Буден Сонувам, дојде идејата за ова интервју - и не ме напушти.  Ризикувам да влезам во клише и да инсистирам дека мојот соговорник е најпаметен, најталентиран, најинспириран, и ништо помалку, без да ги преиспитувам слабостите, но разговорот немаше да се случи доколку не помести, не уклучи светло во мене со она што го прави - и толку многу значи што таа музика е на македонски јазик,   бидејќи се повикува на свет кој е дома за нас, и приказни кои ги препознаваме и вешто раскажани. Брилијантната музика колку и да е универзална, посебно тоа е случај за хип-хопот бара учење на нов културолошки јазик. Во стиховите на Мартикс (и на повеќето македонски рапери) - сме дома, инспирирани, а не иритирани.


Тоа интервју не се случи, бидејќи времето некако постојано ми се лизгаше низ прсти. Иако тој великодушно ме разубедуваше дека имам време, колку што ми е потребно, за да се подготвам и „да не брзам“, се чувствувам како да должам – не само на него, туку и на себе, и на сите. Должам еден разговор со Мартикс – еден од најдобрите поети меѓу раперите. И поети. Точка. Најживата полнокрвна македонска поезија се чини живее во рапот во овој момент.  


Во овој разговор, зборуваме за неговите музички инспирации, за длабоките симболики зад Арсен, за работата на далечина со Фундамент, како и за неговите љубовни афери со музиката – од пост-панк до бразилски ритми. Но, исто така, ова е и разговор за поезијата, за емоциите и за тоа како музиката може да не одведе подалеку од зоната на комфор – таму каде што сме најживи.


„Како си? Како ти изгледаат деновите во последно време, и што ти се врти низ мозок?“ :) 



Задоволно и благодарно. Тоа ми се последните скалила пред да бидам среќен. 

Последниот период  се се вртеше околу 30ти, датумот од промоцијата, но голем дел од работите се уште ротираат околу албумот и неговото пласирање и промовирање. Добивам пораки кои се ветер во едра и тоа ми знак дека не погрешивме што го кренавме „Сидрото горе“.  

Низ мозок ми се вртат сите pre-order и post-order нарачки што се уште ги немам доставено :))    



Не мора многу да бидеш најголемиот фан на Martix, за да ја препознаеш врската која ја имаш со поезијата, книжевноста: првенецот е насловен NeverAmore, трака насловена „Црни Мугри“, „Трпител на дејството“ Од каде доаѓа тоа? Природна склоност кон сите работи литература, страст, или можеби и професионално си поткован?


Најпрвин од приказните на баба ми. Тогаш сфатив дека тоа е нешто што ме држи буден, а не нешто што ме успива. Потоа лектирите и друга литература од авторите кои ми оставаа впечаток. Се вљубив во пишувањето можеби некаде кај првите писмени по македонски јазик. Потоа се запишав на Општа и Компаративна книжевност, па така личната страст доби и професионална подлога.


колаж со Martix Мартин Миљев во профил наспроти стиховите од траката Цвеќе за живите.

Што дојде прво за тебе? Со што се запозна првично: рапот или поезијата? Или ова прашање за тебе е она на кокошката или јајцето?


Рапот. Пораснав со цедиња од брат ми и братучед ми и така првпат ги слушнав САФ и Most Wanted од Македонија, па Едо Маајка, па DMX, Biggie и Snoop на некоја пиратска компилација. Поезијата и желбата да пишувам се појави подоцна, кога мислев дека имам и јас да кажам нешто паметно  :)  


Која е задачата на Fundament - очигледно има крупно влијание бидејќи го имаш потпишано како соработник, ко-автор? Што му даде тој на Арсен?  


АРСЕН е изработен 50-50 заедно со Фундамент и воопшто не можам да го замислам овој албум поразлично од што е сега. Фундамент носи претпознатлив звук со години, истиот звук е задржан и овде, но мислам дека се случи и некое надградување во пристапот и сензибилитетот. Сакам да верувам дека овој проект го извади најдоброто од двајцата. 

Фундамент беше првата искра и идеја за албум кој ќе биде заеднички во целост и еден од концептите што ги зборувавме беше токму АРСЕН.

„Oдам напред штом зад грб е Прокопенко“ – ова го напишав токму затоа што чувствував дека Фундамент ќе се посвети максимално на проектот и ќе ме мотивира да не потклекнам пред ниту еден предизвик. 



Македонија и Балканот се чини дека се вплетени во современиот хип-хоп.  J cole рапува "Since our last undressin' session

I'm not really sure if you've been checkin'

I'm progressin', I just heard my songs is poppin' out in Macedonia

And even Serbia, I don't mean to burden ya"

Kendrick Lаmar iskoristi sempl od "Ostavi trag" на DAMN, Еminem со екипата се појави на BET наградите пред некоја година, со маички на кои пишуваше „Семоќниот“ на македонски, Дрејк позира со албанско знаме на спот, и продуцентот му е Турчин, A$AP Rocky растури со видео кое е ништо помалку од Slav Core (снимено во Киев).. Имаш ли идеја од каде доаѓа овој амалгам како дојде до препозанавње на овие култури? Дали имаме силна сцена која можеби сепак остава белег и колегите ја препознаваат?


Мислам дека не доживуваат како егзотично место и како ориент, како што ние исто така гледаме на голем дел од светот. Продуцентите најчесто се многу љубопитни луѓе кои сакаат да копаат музика од сите краишта, па така и овде голем дел од нив нашле емоција која ги инспирира и можат да ја претворат во инструментал.


Прво нешто што ми текнува на оваа тема е дека и Vinnie Paz - Slum Chemist има семпл од Kazi zasto me ostavi oд Џими Станич, а има и доста интересни соработки, турскиот рапер Ceza има песна со Tech N9ne и Busta Rhymes, нашиот Ристе Иракоски има песна со A.F.R.O - дечкото што го воодушеви Ra The Rugged Man до степен да го вика на секој концерт и да го спои со сите важни ликови во Америка. 


Сигурно има нешто што остава белег, но музиката секогаш си го наоѓа патот и се уште е најдобар амбасадор и најлесен начин за конекција со луѓе од други места. 



На последниот албум „Арсен“, ти гостува Тибор од Хрватска, а на промоцијата освен Тибор беше и WLD од Софија. Каде сме во балканскиот контекст. Дали како некогаш, има хиреархија, или сепак работите рамо до рамо?


Секоја држава на Балканот има силни и послаби страни кога се работи за хип-хоп. 

Никогаш не сум гледал со некаква хиерархија или некакво потчинување, но за жал одредени држави поради јазични бариери не можат сосема исто да се пласираат како некои други, но соработки постоеле уште многу одамна, а постојат и се уште.

Неколкуте денови во кои Тибор беше овде успеа да снима околу 5 песни и да воспостави многу поголема мрежа. Снимаше и со WLD, а тоа можеби и да е првата хрватско-бугарска рап соработка. 

Јас веќе имам снимано со WLD и Тибор, Последниот викенд бевме во Софија со Токсиколози, снимавме песна и со Секта.  Во иднина сигурно би се случила соработка и со Сајкослав од Словенија. 

Паралелно се случуваат одлични соработки и супер фестивали каде има артисти од сите држави, а колку повеќе соработки, толку поголема е веројатноста за гостувања и настапи.  


Каква е рап сцената во Кочани, дали има млади таленти кои можеме да ги очекуваме ? 


Сите активни артисти од Кочани, подолго време не живеат во Кочани, но прават музика која остава белег на кочанскиот рап без разлика на нивното физичко отсуство. Имаме група на фејсбук заедно со Влакс, Фундамент, Духот и Бомер и така ја чуваме сцената...виртуелно :)) 

Има млади таленти што сум ги слушал како прават фристајл, но се уште не знам за некое дете кое влегло во студио и дека нешто следува во иднина. 

Доколку некој срамежливо собира храброст да почне, ги охрабрувам и стојам зад нив за било каква помош и конекција. 



Младата генерација на рапери и музичари се попромислени како функционираат - омотот на Буден Сонувам е на FLIM (Иван Петрушевски ), ја дистрибуирате музиката на сите стриминг платформи, делува дека многу внимание е посветено на тоа како се движите и настапувате во своите јавни улоги - веројатно изложеноста на интернет придонела до тоа. Но судејќи по стиховите имам впечаток сепак има доза на огорченост и осуда на постарата генерација рапери која доаѓа пред вас и е малку потврдокорна? Дали погрешно ги слушам и толкувам? Дали се тоа единствените разлики доколку ги има?


Најпрвин благодарам за увиденото. Ми значи што некој го препознава ентузијазмот на младите и нивната желба продуктот да го пласираат најдобро што можат. Сигурно огромна улога во тоа има и интернетот. Полесно е за пласирање, но потешко е да те препознаат и пронајдат во морето од секаков контент.

Постарата генерација на хип-хоп артисти е генерација со која имам пораснато, која ме има научено и мотивирано, а голем дел од нив биле поддршка од најпрвата демо снимка и останале поддршка и до ден денес. 

Не се согласувам околу твродокорноста, мислам дека емоциите се нешто најхардкор што луѓето можат да го покажат. Мислам дека новите генерации на ова поле се похрабри, затоа што се поискрени, а често се претставуваат и ранливо, без да играат его игри и победуваат замислени ветерници. 

Конкретно за мојата огорченост, а мислам дека алудираш на песната „Арсен“ е само спортски поздрав до одредена критична маса на која најпрвин и е мило, дур подоцна не им стане криво за туѓиот успех. Тоа е изолиран случај, локален и воопшто не е некаква генерациска војна. 

 

колаж со Мартин Миљев Martix наспроти стихови од песната Арсен.

Со оглед на тоа дека си препознатлив по силните лирични текстови, дали имаш можеби амбиција да пишуваш и надвор од рапот? Поезија, проза или нешто трето?


Благодарение на факултетот, а особено предметот Креативно пишување, се запознав со многу техники и форми на изразување. И пред тоа имам пишувано кратка проза, есеи за одредени конкурси, имам неколку поеми кои се објавени и бајката за деца  „Океанија“ која летото заедно со Арт-Манија ја поставивме на сцена, па имав можност за првпат да се бавам и со драматургија. Тој процес ми остави силен впечаток и мислам дека ако одреден момент паузирам од рапот, сигурно би пишувал драмски текст. 



Мартин Миљев Martix со книга во раката насмеан, Океанија
Мартин Миљев беше вклучен со „Океанија“ во зборникот „Нови бајки од Македонија“

„Океанија“ на Мартин Миљев беше вклучена во збирката „Нови бајки од Македонија“


Зошто го избра насловот Арсен? Имаш и објаснување за тоа - но опомена (која јас ја изигнорирав)... објасни ја таа трозначност, triple entendre,  за оние кои не знаат. 


Арсен најпрвин го доби своето име во чест на Арсен Дедич, бидејќи сите инструментали се семплови од негови песни. Убавината е значењето на неговото име кое ни отвори простор да влеземе уште подлабоко во симболиките на отровот, лекот, смртта и животот. Затоа и истоимената песна на албумот завршува со стиховите: Разлика од лекот и од отровот е дозата. Уште повеќе симболики вметнав во самата песната, па затоа го поврзав и со Арсен Венгер и Арсен Лупен.



Морам да кажам дека Арсен Дедиќ и за мене беше некоја стара школа, за која требаше дообразување за да се разбере. Што значи тој за тебе, дали можеби повторно се враќаме на поезијата? 


Со Арсен Дедич најпрвин се запознав преку платинум изданијата на Jутуб, па се опседнав. Потоа успеав да опседнам и други луѓе. По некогаш одбивам да пуштам негова песна бидејќи знам да заглавам со недели и да го слушам само него. 

Арсен Дедич е велемајстор на зборот, но неговата музичка позадина и познавање,

аранжманите на песните, пристапот, игривоста е нешто што според мене го става повисоко од останатите кантавтори на Балканот. 

Имав среќа што и Фундамент имаше навлезено во неговото творештво, па некако целиот албум се случи многу природно и со многу љубов. 

Мислам дека во моментот имаме резерва семплови за уште најмалку 2 албуми АРСЕН.  


Fundament (Филип Прокопенко) живее во Канада - каква е динамиката кога работиш со некој long distance? 


Фундамент го знам многу години, а првпат го запознав во живо годинава. Нашиот однос е истрениран да функционира long distance. Технологијата дозволува да се работи и на ваков начин, договорите се прават преку гласовни пораки, видео повици и WeTransfer линкови. Знаеме дека не е исто како да сме поминале часови заедно во студио, но сепак функционира. 

Временската разлика исто знае да биде проблем, бидејќи најдобро време во кое и двајцата сме слободни беше кога кај нас е веќе полноќ. Неколку месеци прво подочњаците стигаа на работа, па јас, но преживеавме :))


Што слушаш што не е рап? Си размислувал ли некогаш да експериментираш со други жанрови?


Слушам неколку омилени YouTube канали, каде многу често има одлична музика од сите делови од светот. Топло го препорачувам Terminal Passage. 

Најчесто слушам нешто инструментално од типот на Clutchy Hopkins, Janko Nilovic, Shawn Lee, Мoondog и сл. Слаб сум на музика од Балканот, Јапонија и Бразил. Често се дружам со сурф рок и сурф панк, пост-панк, трип-хоп, world музика, дум и стоун метал. 

Сум пробал да правам фристајл на пост-панк инструментали и звучи неочекувано и интересно. Ќе ја оставаат таа врата отворена за во иднина. 


Имам впечаток дека како луѓето почнуваат да го слушаат албумот, и се сретнуваат со нешто посебно - реагираат со некоја еуфорија налик на заљубеност. На што се надеваш, која е твојата најхрабра желба, поврзана со успехот на „Арсен“, каде сакаш да стигне, каде сакаш да те одведе - а каде нас како публика?


Ете кога веќе ми дозволи да сонувам и замислувам: би сакал да го настапам целиот албум со филхармонија, да искочи на винил, да направам уште една промоција на која ќе биде присутен и Фундамент и сите кои не беа овде физички. 

АРСЕН сакам да ја однесе публиката таму каде и е најубаво. Потајно надевајќи се дека тоа нема да биде комфор зона, бидејќи и јас не знам следниот проект како ќе звучи. neverAmore! беше многу мрачен, Буден Сонувам ведар, АРСЕН го доживувам како 50-50. Затоа мислам дека секој треба да пронајде она кое најмногу 

му се допаѓа од AРСЕН. 


Се надевам дека сите кои слушаат и сите кои учествуваа ќе ги добијат цвеќињата кои ги заслужуваат. Јас секојдневно добивам пораки полни со солзи радосници и тоа е доказ дека емоцијата е пренесена и стигнала таму каде што треба.

Тоа е мојата храна и воздух во мојата боца...исто како и ова интервју. 

Ти благодарам .


задниот дел од кавер артот на албумот Арсен на Мартин Миљев Мартикс, тој свртен со грбот оди во зајдисонцето.

Ти благодарам јас на тебе Мартин, и ти посакувам да сонуваш, замислуваш а потоа и пловиш во тие предели - без виза и задршка!



Албумот „Арсен“ на Martix и Fundament може да се најде на сите стриминг платформи. На Bandcamp може да се симне бесплатно, но сепак ве охрабруваме да ја поддржете младата полнокрвна уметност со оставање на донација по своја мерка и мерак ТУКА


Разговорот со Martix (Мартин Миљев) го водеше Ана Чушкова.


Стани Дивотно

コメント


Дива Мисла е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

дива лого
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page