Fashion Neurosis со Courtney Love: разговор за стилот како исповед
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- 3 days ago
- 2 min read
Во 2024 Бела Фројд, британска дизајнерка и правнучка на Сигмунд Фројд, го започна поткастот Fashion Neurosis. Форматот е замислен како психоаналитичка сесија: со глас и атмосфера што потсетуваат на терапевтски простор, но темите се движат низ мода, уметност, култура и идентитет. Меѓу досегашните гости се издвојуваат имиња како Рик Овенс, Ник Кејв, Кејт Бланшет, Кејт Мос, Кортни Кокс и Зејди Смит, што го позиционира поткастот како културно влијателен проект кој ги спојува различните слоеви на современата сцена.

Епизодата со Кортни Лов, објавена во јуни 2025, ја покажува специфичната моќ на овој формат. Разговорот започнува со нејзините сеќавања на првите цртежи од облека што ги правела уште како дете секогаш со истиот облик, како лична фиксација. Од таму, нарацијата се шири кон темите на семејното наследство и улогата на мајка ѝ, која ја отфрлала потребата да угодува на машкиот поглед, но и кон нестабилните семејни релации што ја одбележале младоста на Лов.
Преку поткастот, таа открива и симболични предмети како белиот slip фустан што го носи низ целата кариера, претворен во еден вид костум на идентитет. Кортни зборува и за музиката, инсистирајќи дека никогаш не била „панк“ во строга смисла, туку дека секогаш ја следела мелодијата како внатрешен компас. Така, поткастот ја претставува нејзината уметност и стил како крстосување меѓу бунтовност и кревкост, меѓу јавен имиџ и интимна потрага по смисла.
Бела Фројд ја задржува атмосферата на доверливост: не се работи за интервју со однапред зададени прашања, туку за дијалог кој им дозволува на гостите да се движат низ сопствените спомени и врски меѓу стилот и животот. Во случајот со Кортни Лов, тоа резултира со портрет на една фигура која останува контроверзна и влијателна, но која тука зборува со изненадувачка отвореност за терапијата, религијата, љубовта и цената на славата.
Comments