Тужбата на Макрон за Кендис Овенс каде завршува слободата на говор?
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- Jul 23
- 2 min read

Францускиот претседател Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит поднесоа тужба за клевета против американската поткастерка Кендис Овенс. Причината? Осумделната серија поткасти со наслов „Becoming Brigitte“, каде што се изнесуваат шокантни, но непотврдени тврдења за првата дама на Франција.
Ова не е само приватен конфликт. Ова е судир на политиката со новите медиуми, јавниот интерес со личната чест, вистината со виралноста.
Во серијата поткасти, Овенс изнесе сериозни и контроверзни тврдења за француската прва дама Брижит Макрон и нејзиниот сопруг, претседателот Емануел Макрон. Според неа, Брижит наводно била родена како маж по име Жан-Мишел Тронје и подоцна го презела идентитетот на својата сестра. Дополнително, Овенс тврди дека Брижит и Макрон биле крвно поврзани, а самиот Макрон бил наводно „создаден“ од ЦИА како дел од програма за ментална манипулација. Според неа, нивниот брак не бил автентичен, туку политичка фасада со одредена агенда.
Француската страна категорично ги негира овие обвинувања, оценувајќи ги како целосно невистинити и опасни. Тие сметаат дека станува збор за организирана кампања на понижување и вознемирување, со јасна намера да се наруши угледот на претседателската двојка и да се поткопа довербата во институциите. Француските медиуми и јавноста во голем дел ги отфрлија изјавите на Овенс како теории на заговор без никаква фактичка основа.
Тужбата е поднесена во американската сојузна држава Делавер. Во неа се наведува дека Овенс свесно ширела невистини за да привлече внимание, следбеници и пари. Семејството Макрон тврди дека двапати побарале отповикување на лажните тврдења но безуспешно.
Сега бараат и финансиска и казнена отштета.
Ова е првпат шеф на држава да поднесе тужба за клевета против медиумска личност од САД во американски суд.
Овенс, преку својот тим, изјави дека тужбата е обид на странска влада да го замолчи слободниот говор. Таа вети дека ќе одговори директно преку својот поткаст „Candace“.
Во САД, законот бара доказ за „реална злоба“ за да се докаже клевета против јавна личност, што значи, Макрон ќе треба да покаже дека Овенс свесно лажела или била целосно небрежна кон вистината.
Ова не е само расправија меѓу две личности туку тест за тоа каде завршува слободата на говор, а каде почнува одговорноста во дигиталната ера. Поткастерите денес имаат моќ да шират пораки со глобален досег, но таа моќ не доаѓа без последици.
Кендис Овенс е американска политичка коментаторка, авторка и активистка, позната по своите конзервативни ставови и остар јавен настап. Таа стекна популарност преку социјалните мрежи и настапи во медиумите, каде што често ја критикуваше левичарската политика, Блек лајвс метер движењето и традиционалните медиуми. Овенс важи за гласен поддржувач на поранешниот претседател Доналд Трамп и често предизвикува реакции со своите контроверзни изјави.
Покрај тоа што е медиумска фигура, таа е и авторка на книги и водителка на сопствениот подкаст, каде што обработува политички, културни и социјални теми. Нејзиниот стил е конфронтативен и директен, што ѝ донесе и голема поддршка, но и остра критика. Овенс се позиционира како дел од новата генерација конзервативни влијателни личности кои го користат интернетот за да го шират своето влијание и да поставуваат нови теми во јавниот дискурс.
Случајот Макрон – Овенс може да стане преседан што ќе одреди како јавните личности ќе се заштитуваат од медиумски напади во време кога вниманието се мери во кликови, а вистината често губи трка со алгоритмите. Следиме.





Comments