Година на опасно живеење - емпатијата како чин на одговорност
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- 15 hours ago
- 4 min read
Филмот на Питер Вир нè соочува со моралната цена на новинарството и прашањето: дали вистината без емпатија е само уште една форма на насилство?
авторка: Лени Гелева;

Година на опасно живеење е филм на брилијантниот Питер Вир (Пикник кај Хенгинг Рок, Последниот бран и Шоуто на Труман). Како и сите негови филмови во овој филм провејува некоја мистериозност како вел на вештачки чад која остава чувство на немир.
Во филмот е собран одличен кастинг со Линда Хант која толку успешно го доловува ликот на машкиот кинеско-австралиски фотограф Били Кван, што после тоа се прашувате дали се тоа различни личности кога игра женски улоги. Мел Гибсон во своите најдобри години, кој го игра австралискиот новинар Гај Хамилтон, со див и гладен поглед на новинар кој сакаа да успее, носејќи ги своите западни предрасуди со себе и Сигурни Вивер во улога на британски дипломатски аташе по успехот со „Осмиот патник“. Линда Хант добива и Оскар за најдобра споредна женска улога во 1984 година —првпат жена да освои Оскар за толкување на машки лик.
Дејствието е сместено за време на немирите во Индонезија, пред падот на претседателот Сукарно.
Една од носечките теми во филмот е судирот помеѓу западниот и источниот светоглед. Гај Хамилтон, доаѓа со наивна верба дека ќе ја открие вистината. Но постепено сфаќа дека западната објективност е илузија — секоја новинарска приказна е под влијание на интересите на големите сили. Исто така проблематични се неговите експлоататорски методи како доаѓа до таа вистина. Тој не доаѓа како човек кој сака да разбере туѓа култура, туку како набљудувач кој ја гледа земјата како „приказна“, а не како реалност полна со живи луѓе. Тој ја користи блискоста со Били Кван, кој му обезбедува пристап до информации и до луѓето од сиромашните квартови, но тоа го прави од професионален интерес, не од сочувство.

Кван го поддржува Хамилтон во почетокот, верува дека тој може да известува со сочувство и интегритет, но подоцна гледа дека Хамилтон ја користи сиромаштијата како материјал за своја кариера. Со Хамилтон, Питер Вир покажува дека потрагата по вистината може да стане чин на насилство, ако не е заснована на емпатија и одговорност. Ликот на Били Кван е мост меѓу два света: роден во Азија, школуван на Запад, и постојано во внатрешна борба — дали да верува во западниот рационализам или во источната духовност и сочувство. Џил Брајант ја симболизира британската дистанца, ладен прагматизам, кој на крај сепак се урива под тежината на човечката драма. Филмот ја поставува дилемата: дали Западот навистина може да разбере што се случува во источните земји, или гледа на нив само низ призма на сопствената политика и амбиции?
Улиците на Џакарта се прикажани преполни со луѓе кои просат, кои делуваат како духови, додека западните новинари и дипломати седат во климатизирани барови, зборувајќи за револуција со пијалок во рака. Уште на почетокот на филмот кога Хамилтон доаѓа во Џакарта тој залутува во една сиромашна населба, Кван му предлага да ги донира сите свои пари на сиромашните како што тоа го направил Толстој еднаш. Хамилтон на тоа одговара дека со тоа нема да смени многу, и дека би било само капка во океанот. Тој смета дека како новинар не смее да се вмешува, додека пак Кван мисли дека човек не треба да мисли на големите проблеми, туку треба да направи нешто за несреќата што е пред него. Подоцна ќе ги опише луѓето зафатени од глад на островот Ломбок како лица на опседнати луѓе, што не можете да ги заборавите како кошмари кои се повторуваат, со празни безживотни очи, кои се движат со испружени раце како месечари низ агонијата на гладта. Кван се разочарува од Хамилтон кога сфаќа дека тој е спремен да ја жртвува безбедноста на другите заради добра приказна или како што ќе запише во досието што го води за него: „ја злоупотреби својата позиција како новинар и се навлече на ризик“. Уште ќе запише дека тој ја фетишизира својата кариера и дека врските му се краткотрајни од страв дека ќе му ја загрозат неговата професионална амбиција. Тој толку го идолизира Хамилтон и му помага да ја оствари својата амбиција, што дури е разбирливо што е одбрана жена да го глуми ликот на Кван.

На крајот, „Година на опасно живеење“ не е само филм за еден новинар, ниту за еден политички преврат. Тој е филм за совеста, за тенката линија меѓу набљудувањето и соучесништвото, меѓу амбицијата и сочувството. Во секоја сцена се чувствува невидливата магла на вина, што се шири како чад над Џакарта, потсетувајќи дека вистината никогаш не е чиста, а неутралноста секогаш има цена.
Хамилтон сака да види и да разбере, но го мери светот со погрешен аршин. Наспроти него, Били Кван, мал, речиси незабележлив, а сепак најголем лик во филмот, го носи на своите рамења она што им недостига на сите околу него: способноста за сочувство.
Питер Вир нè остава без одговор, само со чувство на немир,истото чувство со кое започнува филмот. Во свет во кој веста вреди повеќе од вистината, Вир нè потсетува дека емпатијата е единствената форма на отпор.






Comments