top of page

Битка за последните корени на Ван Гог: Спор во Овер-сур-Оаз го засенува уметничкото наследство

Updated: Apr 17

Куќа и двор во Овер-сур-Оаз
Овер-сур-Оаз, село во близина на Париз познато како идила за уметниците, е вклучено во спор за ,,Корени од дрвја”.

Овер-сур-Оаз, село во близина на Париз е познато идилично место за уметниците, а е исто така местото каде Винсент ван Гог ги поминал своите последни денови. Со години, ова место привлекува туристи кои сакаат да ги следат последните чекори на измачениот сликар. Но, откако уметничките експерти го идентификуваа неговото последно дело пред да си го одземе животот, во гратчето настана раздор.

Со децении се водеше дебата за тоа која е последната слика на Ван Гог, бидејќи тој не ги датирал своите дела. Сепак, во 2020 година, експертите заклучија дека сликата „Корени од дрвја“ (Tree Roots), која прикажува испреплетени корени од дрвја што излегуваат од рид во Овер, била насликана на денот кога тој починал. Ова откритие можеби реши еден спор, но веднаш поттикна друг – помеѓу општината и сопствениците на имотот каде што растат корените.

Главниот корен прикажан на сликата – од дрво црн багрем, наречен „слонот“ од ентузијастите – се наоѓа веднаш до јавен пат. По откривањето на неговата историска вредност, општината прогласи дел од приватниот имот во близина на патот за јавен домен, тврдејќи дека тоа е неопходно за одржување. Жан-Франсоа и Елен Серлинже, сопствениците на имотот, се спротивставија на оваа одлука, а апелациониот суд неодамна пресуди дека нема основа за тврдењето на општината.

Сепак, градоначалничката на Овер, Изабел Мезиер, вети дека ќе продолжи да се бори и сè уште може да поднесе жалба до повисок суд. По одлуката, таа инсистираше дека локалитетот треба да им припаѓа на граѓаните, а не на приватни сопственици. „Корените им припаѓаат на Оверсоа!“ напиша таа на социјалните мрежи, алудирајќи на жителите на регионот.

Корења на дрва
Корените на дрвјата што излегуваат од падината во Овер имаат впечатлива сличност со оние на последната слика на Ван Гог.

Континуираната борба околу корените на Ван Гог фрли сенка врз она што обично е празнична сезона во Овер, градче со 7.000 жители каде уметничкиот туризам е голем бизнис што заживува напролет. Фактот што селото било инспирација и за други значајни сликари како Пјер Огист Реноар, Пол Сезан и Камиј Писаро, само ја зголемува неговата привлечност. Популарноста е толкава што француските транспортни власти воведоа сезонска линија од Париз, наречена „Воз на импресионистите“, а луѓето доаѓаат оддалеку за да го видат она што локалниот туристички одбор го нарекува „музејот на отворено во кој Овер се претвори со текот на времето“.

Сопствениците на имотот велат дека конфликтот го загрозува историскиот локалитет, бидејќи градоначалничката ги спречува нив и експертите соодветно да ги заштитат корените откако беше утврдено нивното значење. Во телефонско интервју, г-дин Серлинже ја обвини општината дека го користи административниот случај како изговор за „обид за преземање на културно значаен локалитет“ и истовремено ги загрозува корените со „опструирање на поставувањето на трајна заштитна структура“.

Ван Гог: Корења на дрвја
Ван Гог: Корења на дрвја

Познатата слика на Ван Гог што ги прикажува заплетканите корени ја покажува „борбата на животот и борбата со смртта“, изјави во 2020 година Вутер ван дер Вен, истражувачот во Франција кој ги идентификуваше корените. Сепак, сликата е светла и жива, создадена на крајот од продуктивниот период во проблематичното постоење на Ван Гог – откако го отсекол увото и поминал време во азил. Селото го слави холандскиот сликар чие дело било отфрлено за време на неговиот живот, а прифатено по неговата смрт. Ван Гог е главна атракција, вклучително и за семејството Серлинже.

Двојката се преселила во Овер во 1996 година бидејќи г-ѓа Серлинже, која е уметник, сакала да живее таму каде што работел Ван Гог. Во 2013 година, тие купиле мала дополнителна парцела земја во близина на нивната куќа, поврзана со нивниот двор, проширувајќи ја својата територија. Дури години подоцна се покажа дека корените на тој нов имот се важен дел од историјата на уметноста.

Сега, корените имаат своја веб-страница и непрофитна организација, управувана од Серлинжеви, кои велат дека сакаат да го заштитат местото за јавноста да може да ужива во него. Тие соработуваат со Фондацијата Ван Гог Европа, која ги обединува клучните локации и музеи поврзани со сликарот под раководство на Музејот Ван Гог во Амстердам. Минатата година, Серлинжеви почнаа да го отвораат својот двор за посетители за тури.

Г-дин Серлинже инсистира дека двојката немала намера да го претвори својот двор во дестинација и не профитирала од турите. Тој истакна дека главниот корен е претежно видлив за јавноста од патот, иако општината таму поставила знак висок 3 метри кој го истакнува откритието, но делумно го попречува погледот и „го нагрдува предниот дел на локалитетот“.

Ентузијазмот на уметничките експерти и академици кои ги посетувале низ годините ги убедил сопружниците да го отворат својот имот за јавноста, рече тој. Сега наплаќаат околу 9 долари за 30-минутна „прошетка низ пејзажот на последната слика на Ван Гог“, додаде тој, а средствата се наменети за трошоците за зачувување.

Стани Дивотно

Commenti


Дива Мисла е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

дива лого
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page